Четири години по загубата на својата ќерка Андријана, македонската пејачка и водителка Јулија Мациевска повторно проговори за болката со која живее секојдневно. Во неодамнешно гостување, таа искрено зборуваше за тагата, чувството на вина и за љубовта што ѝ помогнала да продолжи со животот.
Нејзината ќерка, уметницата Андријана Мациевска, почина на 12 мај 2022 година, на 41-годишна возраст, по двегодишна борба со ракот. Нејзиното заминување остави неизбришлива празнина во животот на Јулија, која и денес го негува споменот за неа преку уметноста, пишувањето и сликањето.
Говорејќи за загубата на дете, Мациевска истакна дека љубовта е она што може да му даде сила на човекот да продолжи и по најтешките животни искушенија.
„Човек од најголемата болка, односно мајка од најголемата болка кога ќе изгуби дете може само да се крене со моќта на љубовта“, рече таа.

Според неа, тагата понекогаш го затвора човекот пред светот. Родителите што доживеале ваква загуба можат да почувствуваат гнев кон животот, кон судбината, па дури и кон Бога.
„Скаменето срце останува за сè скаменето, ја чува болката во немоќта да се отвори“, објасни Мациевска.

Таа зборуваше и за едно од најтешките чувства со кои се соочуваат родителите по смртта на детето: преиспитувањето на сопствените постапки и барањето вина таму каде што можеби воопшто ја нема.
„Затоа што човекот се самоказнува себеси, затоа што родителот кој ги изгуби дете, првин вината ја бара во себе“, рече Јулија.
Потоа го опиша прашањето што, според неа, родителот си го поставува во таквите моменти:
„Што можев уште да направам или што сум направил нешто во минатото за да ме снајде таква судбина или таква казна од Бога?“
