Мајкл Џ. Фокс, канадско-американскиот актер и ѕвезда на филмот „Враќање во иднината“, откри зошто долги години криел од јавноста дека боледува од Паркинсонова болест.
Паркинсонова болест е состојба во која делови од мозокот со текот на времето прогресивно се оштетуваат. Повеќето луѓе со оваа дијагноза почнуваат да развиваат симптоми кога ќе достигнат 50-годишна возраст, меѓутоа постои помал процентот на луѓе кои ги доживуваат првите симптоми на возраст од 40 години.
На Фокс му била дијагностицирана споменатата болест во 1991 година, кога имал само 29 години и бил еден од ретките во светот што ја добиле болеста на многу рана возраст.
Актерот кој во јуни го прослави својот 61 роденден, седум години ја криеше својата дијагноза од јавноста, а сега конечно објасни зошто го направил тоа.
“Се плашев дека можеби ќе ми се смеат кога ќе дознаат дека ја имам оваа болест, оваа состојба. Знаете, тоа беше навистина чуден период, бидејќи седум години го чував тоа само за себе”, изјави Фокс за Би-Би-Си.
Тој се плашел дека неговата публика повеќе нема да се смее и да ја следи неговата работа.
Меѓутоа, кога проговори за неговата дијагноза, Фокс доби голема поддршка и сочувство, а верните обожаватели продолжија да ги следат неговите достигнувања. Со тоа што се „отвори“ за јавноста, тој доби и некои други можности.
“Почнав да разговарам со научници и тие ми кажуваа дека науката е пред парите. Знаеме повеќе отколку што можеме да платиме. Разбираме повеќе отколку што добиваме. Кога размислував за тоа, сфатив дека можам да успеам”, објасни Фокс.
Во 2000 година актерот ја основаше Фондацијата Мајкл Џ. Фокс за истражување на Паркинсоновата болест, која е посветена на пронаоѓање лек за оваа болест и подобрување во развојот на терапиите за оние кои страдаат од неа.
View this post on Instagram
Фокс се најде во центарот на вниманието викендов во Њујорк, кога се сретна со Кристофер Лојд, неговиот колега од „Враќање во иднината“.
И покрај тешкотиите при одењето и стоењето, актерот го прегрна својот филмски колега 37 години по премиерата на култниот филм, а публиката тој особено емотивен момент го поздрави со аплауз, додека многумина во коментарите признаа дека се расплакале.