Музичарот Коки Јанков за првпат сподели видео поврзано со неговото работно место, ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Свирејќи на пијаното во една од канцелариите во музичкото училиште, тој објави дека е се отворени иписите за нови ученици во нижото и во средното училиште. Коки е наставник по виолина, и понекогаш знае да објави слики и видеа од настапите на неговите ученици кои му се голема гордост.

Неодамна, по повод 17. роденден на својата ќерка Лара, тој сподели емотивна порака која ги допре срцата на неговите пријатели и обожаватели на социјалните мрежи. Коки објави прекрасен портрет од својата наследничка, која веќе е порасната девојка.
„Татино мое, 17. Мирисот на животот препознавај го и поплочи го патот со вистински одлуки. Ако не знаеш како, препушти му на Бог“, напиша Коки.
Лара инаку учи во средното медицинско училиште во Штип и живее со татко ѝ.
„Со ќерка ми веќе живееме втора година заедно во Штип, медицина учи. Не можев да сонувам дека после сите катаклизми, јас и ќерка ми секоја вечер ќе си легнеме, ќе се смееме, ќе се поздравиме – таа во детска, јас во спална. Нека биде ова охрабрување за луѓето кои поминале низ истото“, рече музичарот во интервју за ТВ „Гламур“.
Со промоцијата на последните две песни „Еден пат за еден живот“ и „Едно мирно топло лето“, Коки Јанков во месец мај го заокружи новиот албум „Навикни на промени“. На албумот има 20 преработки на песни кои ги свиреше со дуото „Дуле и Коки“ и со групата „Тајфата“.
На албумот се најдоа и песните: „Навикни на промени“, „Залудно е да се напијам“, „Мене место не ме фаќа“, „Бела ајта“, „Еј калдрмо“, „Нато мори душманке“, „Марама“, „Не ми е денот“, „Колку треба да се плати“, „Јас и ти“, „Песна за Дуле и Коки“, „Нека ти е простено“, „Е мој бато“, „Кај си ми тргнал далдисал“, „Виолина и гитара“, „Јас сум нула без тебе“, „Дај ми шанса“ и „Кога едно прават две“. Песните се снимени во студиото на Темелко Андреев во Велес.
Јанков веќе најави и голем музички настан. На 14 ноември ќе одржи концерт во Филхармонија, по повод 30 години од победата на песната „Виолина и гитара“ на „Макфест“.
