4.8 C
Скопје
04:34 - 16 ноември, 2024

ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА: Велигденско украсување во домашни услови со Славица Трчкова

На адвокатката Славица Трчкова хоби ѝ се рачните изработки независно од видот на техниката. Уште од дете била опкружена со преубавите плетки од баба ѝ и везовите на мајка ѝ. Но сепак, таа тргнала во друг вид на изработки – квилингот и декупажот.

– Со квилингот како техника, изработка на предмети и слики од хартија или како уште го нарекуваат филигран од хартија, се запознав сосемa случајно. Син ми имаше проект во училиште да направи ликовна творба, но не во стандардна техника – темпера, водени, и така натаму, туку нешто различно. Барајќи на Интернет наидов на квилингот како техника на изработка. Бидејќи немавме никакви потребни алатки, моравме да импровизираме со расположливите домашни ресурси. И така, со помош на стапче на ражен, скалпел и лепак, го направивме првото дело. Штета што не направивме фотографија од делото, ама тоа гордо стои во училиштето на син ми, ни раскажува Славица.

За техниката декупаж пак, знаела од многу поодамна.

– Можеби пред 25 години за првпат видов изработки во декупаж во едно списание и искрено тоа беше љубов на прв поглед. Таква убавина и елеганција во изработките ме поттикнаа и јас да се обидам. Сè започна аматерски, но со многу труд, истражување, посетување на обуки прерасна во главна преокупација со која активно се занимавам последниве четири-пет години, додава таа.

Во овој период на домашна изолација, уметноста е лековита. За љубителите на креативноста, што би сугерирале, кои се првите чекори во изработка на украси и со кои основни материјали, што се најлесни за ракување и обликување, може да се почне?

– Во услови на изолација, бомбардирани со разни информации, загриженоста за тоа што се случува околу нас, сè тоа разорно влијае на нас. Уметноста е лековита, дава позитивна енергија, вдахнува нешто што одамна сме го изгубиле. Затоа да ѝ дадеме шанса на креативноста да ни помогне во ова време. Не треба многу да инвестираме, туку едноставно да користме предмети кои сите ние ги имаме дома. Можеме да користиме тегли, стари чинии, кутии од чевли, стари саксии за цвеќе, стари свеќници, шишиња, буквално сè. На пример, замислете колку би си го разубавиле дворот или балконот со една старо-нова саксија за цвеќе.

Велигденските празници се пред нас, ќе споделите ли со нас свежи идеи за декорирање на домот по принципот „направи сам“?

– Секако најактуелна е темата на претстојниот голем христијански празник. Наједноставно и најинтересно во овој период е украсувањето на велигденски јајца. Убавината е во тоа што целото семејство може да учествува во украсувањето. Еден од најинтересните начини на украсување на велигденски јајца е во декупаж техника, или техника на украсување со салфетки. Доволно е да се сварат бели јајца, да се изладат и да се почне со забавата. Се украсуваат со сечени делови од салфетки, кои се лепат со белка од живо јајце. И што е најважно јајцата се еколошки и секако може да се јадат. Како дополнение, можете да ставите тантела, суво цвеќе или цвеќе изработено од хартија. Сè тоа декорирано во претходно насадена и изртена пченица ќе го разубави секој дом.

За дополнување на убавиот празничен амбиент, може да направите и кошнички за јајца од хартија. Доволно е хартија во боја, стапче за ражен, лепак и скалпел. И секако, ослободете ја фантазијата. Создадете уникатни украси на кои ќе се радува целото семејство.

Стиропорот може многу вешто, креативно и преубаво да ги замени вистинските велигденски јајца. Но како тоа го изведувате? Би ни ја откриле ли постапката?

– Стиропорот е материјал кој е најблагодарен за изработка на велигденски украси и јајца зашто ја има предноста подолго време да стои. Достапен е, може да се набави во секоја подобро снабдена книжарница, а го има во различни големини. Друга предност е тоа што стиропорните јајца може да се изработуваат скоро во сите техники – квилинг, декупаж, а може да се украсуваат со сатенски траки, може да се плете на нив, да се црта, да се украсуваат со мониста…

Накратко би кажала за изработката во декупаж техника.

Потребно ни е стиропорно јајце, акрилен лепак или заменски може да се користи дрвофикс, акрилни бои, акрилен лак на водена база, мека четка и мали ножички. Многу е важно целиот материјал кој се користи да биде на водена база за да не го уништи стиропорот.

Се бои јајцето во бела акрилна боја. Се чека убаво да се исуши. Потоа се лепи мотивот од салфетката, со боја по желба, па повторно чекаме да се исуши лепакот и на крај се лакира со акрилен лак. Би напоменала дека процесот на изработка трае малку подолго зашто е потребно да се запази времето на сушење. Доколку сакате, можете дополнително да цртате на јајцето, да залепите некои украси, цветчиња, циркони, ленти…

Уште некоја идеја од уметничката кујна на „Крафт тајм“ за украсување и декорирање на велигденски јајца?

– Идеи има многу. Особено во овој период ми се актуелни цветните мотиви и сè што е поврзано се цвеќиња. Со своите весели бои внесуваат свежина во секој дом. Во услови на изолација, кога сме ограничени во движењето, јас би одбрала украсување со домашно направени цветови од хартија во разни големини и форми. Потоа можеме некоја стара корпа или чинија да ја украсиме. Еве убава можност, ем да ги средиме подрумите и од старите предмети што сме ги зафрлиле, да направиме уметност. Убава идеја е и да направиме честитки за Велигден, кои иако не можеме да ги испратиме или лично да ги подариме, можеме да ги изработиме, да ги фотографираме и виртуелно да им ги испратиме на саканите за да им го честитеме празникот. Верувајте, никој нема да остане рамнодушен.

За крај, Славица им порачува на сите читатели на „Слободен печат“ дека сега, кога имаме време во изобилие, да се посветат на себеси и да откријат дека во секој од нас има креативец.

– Не мора да е тоа некоја од техниките што ги споменав. Креативност е и готвењето, плетењето, везењето, пишувањето, хортикултурата… Пронајдете се во она што најмногу ве исполнува. Ќе се изненадите колку позитивна енергија има во секој од нас. Зашто сè што е создадено со љубов, едноставно шири љубов.

 

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....