14.8 C
Скопје
14:01 - 3 мај, 2024

ПМС. Приказна за лицемерието и предавството

Озборувањата зад грб се предавство на она лице кон кое сте биле, до пред малку, лицемерни.

Убаво е одвреме-навреме да се погледнеме во огледалото и да си се прашаме дали и колку сме лицемерни. И зошто би ни било потребно лицемерието кога сме најубави со нашето едно лице. Ама, препрашајте се, и дали се чувствувате убави со сопственото лице. Односно, „измерете“ си го своето лице (лице-мерно), одмерете го, и кој знае, можеби токму пред огледалото ќе се сретнете со единствената личност која ќе ве изневери. Можеби, тогаш, маските ќе паднат. Засакајте си го своето лице без маска и само така ќе расчистите засекогаш со лицемерието.

Воедно, и со предавството.

Зборот лицемерие се употребува за да се карактеризира став и однесување на некој кој се преправа дека има доблест, мислење и емоции за вас. А гледа само корист од вас. Инаку, зошто би ве лажел и зошто би се преправал дека сте баш вие прекрасни?! Симулацијата на доблесност и посветеност кон една личност, и воопшто, прикажување на добри чувства и расположливост кон една личност, со цел да се освојат нејзините симпатии, е лицемерие. Озборувањата зад грб, кои се, исто така, сè повеќе околу нас, се предавство на она лице кон кое сте биле, до пред малку, лицемерни. А, кога сме кај предавството, добро е да се потсетиме на приказната за фрескосликарот Макарие. Верувам, многумина во неа ќе се препознаат.

Животописецот и фрескосликар Макарие, по многу години враќајќи се од Света Гора, пристигна во Лимската долина. Дваесет години пред тоа, Макарие токму оттука, од Лимската долина, појде на едно далечно патување. Стигна до Цариград, го виде Ерусалим, ја виде и Одеса. Пред дваесет години Макарие ја започна работата на иконостасот на црквата во Лимската долина и наслика сè, освен лицето на малиот Исус во прегратката на Богородица, и лицето на Јуда Искариотски.
Три месеци Макарие бараше момче чие лице би му послужило како модел за малиот Исус. И, најпосле го најде и го наслика. Но, лице кое би му послужило како модел за Јуда Искариотски не можеше да најде. Така, појде низ светот, со четкичките и боите во ранецот, да го бара лицето на Јуда Искариотски.

Дваесет години го бараше лицето од својата замисла, лицето од својата метафора. Но, никако не можеше да најде модел кој би му послужил за да го наслика Јуда. Во меѓувреме, Макарие стана богат и славен. А, по дваесет години се врати во Лимската долина. Појде кон црквата и во дворот на црквата здогледа просјак како седи со шише вино во свежото засолниште. Штом му го здогледа лицето на просјакот, Макарие заклучи дека тоа е тоа лице кое со години го бара. Лицето на Јуда Искариотски. Му ги наполни дланките со златници, го нахрани, а потоа го внесе во црквата.

Седум дена Макарие го сликаше лицето на Јуда Искариотски и седум дена неговиот модел плачеше.

– Зошто плачеш? – го праша Макарие на седмиот ден – Ти дадов и пари и те нахранив.

– Пред дваесет години ти послужив како модел за малиот Исус – му одговори просјакот.

Макарие, последниот претставник на византиската школа на овие простори, е во блажен мир веќе двесте години. Зад него останаа многу икони на овие простори. Остана и приказната за предавството.

Слични објави

Велики петок: Што (не)треба да се прави на овој ден

еспресо

Велики четврток: Што (не)треба да правите на овој ден

еспресо

Кога да ги миете прозорците пред Велигден: Не пропуштајте го овој ден

еспресо

Велика среда: Што (не)треба да се прави на овој ден

еспресо

Велики вторник: Што (не)треба да правите на овој ден

еспресо

Велигденско јајце-чувар на домот: Што да направиме со стариот чувар на куќата кога вапсаме ново „прво јајце“

еспресо
Се вчитува....