6.8 C
Скопје
13:14 - 19 декември, 2024

Јелена Јованова: Нема оправдување за неправда, насилство, лага и лицемерие

Ова е време на инстант-сочувство. Време кога ќе го свртиме бројот за донации, ќе споделиме хуманитарен „пост“ и после неколку минути, за жал, ќе станеме рамнодушни, вели глумицата Јелена Јованова во разговорот за „Женски печат“.

Убава, успешна, паметна. Голем професионалец. Ова се првите асоцијации кои ги поврзуваме со глумицата Јелена Јованова. Во разговорот за „Женски печат“ зборуваме за тоа што се крие зад популарниот лик Јелена од Драчево од актуелната серија „Преспав“, што мисли за пластичните интервенции, за што не може да најде оправдување, дали се гледа како мајка на две-три деца… И навистина, уживавме во разговорот.

Кога и како се роди твојата љубов за глумата?

– Случајно или неслучајно таа ме најде мене, а јас потполно исполнета со неа. Почетоците аматерски и професионални ми се бележани со Горан Стефановски. Поубаво тешко да можев да си посакам. Аматерскиот, со ликот на Кристина во „Дупло дно“, во режија на Никола Ристов, а професионалниот, кој го означи и потврди моето место на сцената, беше со Бисера во „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Слободан Унковски. Наградата за најдобар млад актер за улогата на Кристина како средношколка ми го потврди позивот. Се запишав на ФДУ без колебање во класата на покојниот Владе Цветановски и Мими Таневска. Ги имав најдобрите професори на кои им должам многу и се надевам се горди на сè она што го остварувам и потврдувам. Студирав со прекрасни луѓе, драги и успешни колеги сите до еден. Кога ќе го сумирам сето ова, имам чувство дека сум била и сè уште сум таму каде што треба. Тоа во денешно време е луксуз и неизмерно сум благодарната на сè што имам!

Анита Митровска, новинар, прашува: Што се крие зад ликот Ј.(елена) од Д.(рачево), кој успева да нè насмее сите? Каква жена е Јелена кога ќе се згаснат камерите?

– Јелена од Драчево е силна, но и кревка. Сака љубов и среќа, но и финансиска сигурност. Карта во еден правец за надвор од Македонија. Сака правда, но и изрежирани сплетки ако треба за да дојде до правдата. Јелена од Драчево знае да е промискуитетна и да не ги бира начините и средствата за да дојде до целта. Другар е и забавна. Неисцрпна во наивноста, но и во луцидноста. Храбра е. Мотивира. Реална е. Опкружена со луѓе, но осамена. Се бори, се бара, не секогаш се наоѓа. Кога камерите ќе се изгасат, некои од овие особини продолжуваат да живеат со додаток на плус други вредности и интереси во моето битисување. Неблагодарно е да зборувам сама за нив, се надевам оние кои се околу мене ги препознаваат кои се.

Последниве години почесто те гледаме на телевизиските екрани отколку на театарската сцена. Дали е тоа твој личен избор или е склоп на околности?

– Би рекла и едно и друго. Најбитното од сè е што го работам тоа што го сакам без разлика дали е тоа сцена или сет. Посветеноста и љубовта се исти. Се надевам така ќе остане и понатаму, секако ако заслужам.

Габриела Копачева – Барсова, естестки хирург, прашува: Иако си убава, дали мислиш дека нешто би сакала да промениш кај себе од естетски апсект?

– Имав период кога размислував дека веројатно некогаш би правела некои корекции, но таквата потреба и идеја ме напуштија. Нескромно ќе кажам дека сум среќна што физички сум поинаква од некои измислени стандарди за тоа како треба да изгледа една глумица. Уште повеќе пак, што знам дека мојот актерски пристап е автентичен и само мој. Научив дека она што мислев дека ми е минус и тоа како може да биде плус. Исполнетоста и среќата одвнатре ја рушат секоја естетска корекција, баш поради тоа што таа останува само естетска, надворешна, а она што зборуваат нашите очи и срце е нешто друго и многу повеќе. Ова не значи дека осудувам такви избори, само го изјаснувам својот. Секако дека негата за себе не ја изоставам, туку ја практикувам. Денес постојат мал милион природни методи со кои можеме да се негуваме без да подлегнеме на нож.

Каде како жена поубаво се чувствуваш, во Хрватска или во Македонија?

– Жена и да се биде жена не е географска одредница. Ниту пак, задоволството и исполнетоста со самиот себеси. Тоа е нешто што е внатре во нас без разлика каде физички се наоѓаме. А ако прашањето се однесува кој систем повеќе ни го дозволува тоа, тогаш треба да отвориме нов подолг разговор.

Според тебе нема оправдување, за што?

– Нема оправдувања за семејно насилство, за насилство воопшто. За неправда, за лага, за лицемерие. За намерно нанесување болка и желба некому да му биде лошо. За допуштање луѓе да се гушат во загаден воздух и лажење в очи дека мерки се преземаат секој ден, а чарето бега сè подалеку. За газење по трупови дури се докопуваат до своите фотелји и како риби забораваат на своите ветувања. За нечовечност и алчност. За моќта искористена да му „учини“ на мојот џеп со тоа што ќе удри по твојот. Долг е списокот и секојдневно нѝ е пред очи.

Какви се резултатите од кампањата во која учествуваше? Која е твојата лична приказна во одбрана на вистината?

– Ова е време на инстант-сочувство. Време кога ќе го свртиме бројот за донации, ќе споделиме хуманитарен „пост“ и после неколку минути, за жал, ќе станеме рамнодушни. Но ако се откажеме и од таквиот порив за помош и од таквите кампањи, ќе изгубиме, ќе нè победи и покрие сосема рамнодушноста. Која било кампања која се бори за будење е за огромна почит. Резултатите не доаѓаат брзо, но црвот кој треба да се избори за вистината е пуштен и верувам го прави своето. Стојам зад секоја таква иницијатива и благодарна сум на секој еден организатор на истата. Да подадеш рака и некому да кажеш дека не е сам, да го охрабриш во неговата лична борба, да дадеш љубов – за тоа сме тука, не за спротивното.

Јохан Елзесер, скопјанец, прашува: Како и каде Јелена се гледа себеси по десет години? Дали се гледаш како мајка на две-три деца, како готвиш и переш „по дома“ и ги носиш децата во школо или како дел од врвната глумечка европска/светска елита со многу голема доза на пожртвуваност?

– Да сум жива и здрава. Бистра и реална во своите желби. Да сум среќна и да не го испуштам свилениот конец кој ме врзува за вербата и позитивноста. Тоа што треба да биде, ќе биде. Тоа што е мое, ќе дојде, па за десет години може да се преслушаме повторно и да видиме до каде сум. Ќе ми биде драго. Секако дека не гледам причина зошто фамилијата и професијата не би оделе заедно и зошто едната би ја исклучила другата.

За што сонуваш со отворени очи во моментов? Кои ти се следните цели и проекти?

– Сè тоа ќе остане една мала тајна дури работите не се искристализираат целосно и не се пушти зелено светло за нив. А, тоа ќе биде и причина за нов разговор.

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....