Во организација на здружението за субкултура ПП Џез Фестивал на 27, 28 и 29 август, на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде одржано деветтото издание на Прилеп Џез викенд фестивалот.
Фестивалот ќе започне со премиерата на филмот „JAZZMAN – The form as a verb“ од Велибор Педевски, снимен на локации во Њујорк, Скопје, Белград и Софија.
„JAZZMAN“ е документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски, човекот кој е своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен. Во филмот учествуваатВадада Лео Смит, Реџи Николсон, Реџи Воркман, Ентони Брекстон, Сесил Тејлор, Брендон Рос, Грем Хајнс, Даг Виселман, Милчо Левиев, Душан Која Којиќ, Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета.
Втората вечер ќе ја отвори квартетот на Оливер Јосифовски и премиерно ќе биде проследен проектот FUSSION DEFFUSION CONFFUSION, проект кој содржи оригинални композиции и музички стандард и од егзотичен карактер, измешани со тврд хард рок звук.
Третата вечер ќе стартува со новината на овогодинешниот фестивал, промоција на книгата „Прес енд плеј“ (Press&Play) од Ненад Георгиевски. „Прес енд плеј“ е составена од рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на изведувачи меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Аплелгрин, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.
Фестивалот ќе го затворат диско пост- панк активистите „Бернајс Пропаганда“.
На 28 август на локалитетот Врбјанска чука (кај село Славеј) свој перформанс ќе има Antonie AVP Project. На 29 август на летната сцена од ЦК Марко Цепенков ќе го проследиме перформансот на Леонард.
Влезниците по цена од 100 денари се пуштени во продажба во City Tobacco Centar во Прилеп.