-4.2 C
Скопје
07:48 - 22 декември, 2024

(ФОТО) СНЕЖАНА ТАНЕВА, ФАРМЕР: На фарма работиш од утро до мрак, а сепак, сточарите не уживаат голема почит!

Снежана Танева, фармер, е исклучителна жена, пред сè поради неуморната посветеност на работата, но и поради тоа што е чуварка на семејната традиција.

приватна архива

Израснала во сточарска фамилија каде што единствената егзистенција била фармата и земјоделието. Нејзиниот татко бил успешен фармер, во времето кога сточарите уживале голема почит и кога имало заработувачка. Сè што спечалил нејзиниот татко било од чесна работа. Снежана со брат ѝ и сестра ѝ пораснале со крави и овци, ги паселе, си играле со јагнињата, а кога ќе се родело теле или јагне, била огромна радост за семејството зашто доаѓал приходот.

– Кога со имотот раководеше татко ми, сакаше јас да го наследам. Јас, искрено, не сакав. Сакав да се омажам и да се спасам од макотрпната работа. Но судбината скрои друг план за мене. Иако, според некое непишано правило, машките деца го наследуваат имотот или земјоделското стопанство, кај нас не беше така, бидејќи брат ми имаше здравствени проблеми, а сестра ми си одбра друга професија. Па, така, морав да ја преземам работата во свои раце – ја започнува својата животна приказна оваа жена витез.

Не ни сонувала што допрва ја чека. Додека нејзиниот татко работел, печалел и создавал, Снежана со фамилијата денес само преживуваат, живеат ден за ден. И не по нејзина вина.

– Искрено, да знаев што ме чека, никогаш немаше да се нафатам на овој предизвик – признава таа и додава – се мачиш многу, а пазарните цени не се исплатливи. Денес сточарот не е заштитен, работата е дојдена до таму кој како ќе се снајде, така ќе преживее.

ФОТО ПРИВАТНА АРХИВА
ФОТО ПРИВАТНА АРХИВА

Фармата се наоѓа во село Мрзенци, а Снежана со сопругот и децата живеат во Гевгелија. Секојдневна е релацијата Мрзенци – Гевгелија, по повеќе пати. Одгледуваат околу 150 овци и пет говеда.

На фармата се произведува свежо овчо и кравјо млеко, и месо од јагне и теле. Луѓето ги научиле што произведуваат, па производството и откупот течат непречено. Но, не можеш да одиш напред, не можеш да се развиваш, да се модернизираш со помодерна технологија, да се зголемуваш, да имаш поквалитетни услови за работа, вели Снежана.

– На фарма работиш од утро до мрак и си ангажиран секојдневно. Целодневна е посветеноста на работата бидејќи има јагниња, телиња, молзење, хранење, водење на пасишта, некогаш има болно животно… Многу е тешко, но кога егзистенцијата тоа го бара, тоа мора и да го работиш – објаснува таа.

За да опстане со фармата многу ѝ помогнале нејзиниот сопруг, братот, сестра ѝ, зетот, мајка ѝ и братучедите, зашто сама да ја води фармата е невозможно –  бара многу работна сила и организација, има многу обврски и сè мора тимски да се работи. На помош доаѓаат дури и децата, кога ќе се ослободат од училишните обврски.

Одамна сонот на Снежана е да успее во Македонија и да создаде голема и успешна фарма, но вели, тоа зависи од многу други фактори, не само од неа. Една од главните маки ѝ е легализацијата на фармата. Прво, ја снашла селидба – стадото морала да го дислоцира, па со помош на Националната федерација на фармери успеала да добие парцела од општина Гевгелија.

– Пред 10 години општината нè дислоцира на ридот и ни дозволи да направиме монтажно трло, на општонародно место. Направивме натстрешница во која нема струја, едвај обезбедивме вода, а канализацијата уште не е решена – вели таа.

Бидејќи не поседува имотен лист за сопственост, не може да инвестира ниту пак да аплицира за странски инвестиции, а со тоа е осудена да тапка во место, да се мачи од денес за утре. Своето стопанство не може да го модернизира, не може да напредува. Цели десет години се залагала за легализација на фармата. Толку ѝ е дојдено преку глава од неправди што ѝ доаѓа да крене раце од сè.

Ама, ете, не се предава!

Добро е информирана како живеат фармерите, сточарите, земјоделците во Европа. Ни вели дека каде и да работиш во Европа ќе бидеш признаен и легализиран, па и награден, затоа што си фармер, зашто одгледуваш животни и произведуваш храна.

– Фармите во Европа се со најмодерна технологија, имаат пространи пасишта, ги надгледуваат со дронови, се работи во луксузни услови и законски се заштитени – објаснува оваа жена со „врзани раце“ и со последна надеж за поддршка.

*

Овие написи може да ги следите и во групата … ДВОРЧЕТО …, група во која има едно чудо разноразни убавини, и која ви ја препорачуваме да ја посетите и да си станете нејзин член!

ФОТО ПРИВАТНА АРХИВА

Слични објави

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо

(Видео) Црногорската инфлуенсерка ја шокираше јавноста со својата изјава: Деца, ако учите, ќе можете да ми го миете автомобилот

Еспресо

(Фото) Ќерката на Цеца скршена по страшниот напад во Загреб: Анастасија се огласи со срцепарателна порака

Еспресо

(Видео) Рапер брутално убиен на паркинг: Се појавија вознемирувачки снимки

Еспресо
Се вчитува....