3.8 C
Скопје
22:19 - 20 декември, 2024

Кристина Арнаудова Петровски: Секогаш кога ќе речам не можам повеќе, се будам со нов елан и повторно пробувам!

Пред шест години Кристина Арнаудова го основаше Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“, кое се залага за промени за подобар статус на сите деца. Работат со полна пареа, моментно имаат повеќе активни проекти, бесплатното училиште за музика ,,Гитари дирки и свирки“, каде што деца во социјален ризик учат да свират клавир и гитара, бесплатното детско драмско студио ,,Неверленд“, се подготвуваат и за традиционалниот летен камп ,,Шарено лето“, а проектот со кој Кристина е најмногу преокупирана во последно време е „Проект Куќа“, со кој гради и реновира домови на семејства со деца кои живеат во тешки услови. Покрај сè ова, Здружението постојано обезбедува храна, облека, школски прибори, лаптопи, таблети, и задоволува разни секојдневни потреби на деца и семејства низ целата година.

Има ли доволно општествено одговорни компании кои се подготвени да ги поддржат проектите или сè уште не можеме да зборуваме за солидно ниво на општествена свест?

– Општествената одговорност на компаниите е на многу лошо ниво. Најчесто се работи за популистичка општествена одговорност, формална, а не суштинска и вистинска. Оние кои прават најмногу профит, најмалку донираат, и најчесто е тоа поради тоа што мораат, а не поради тоа што имаат идеја каде и зошто треба да се донира. Се бориме веќе со години, на почетокот мислев дека ќе биде многу полесно, бидејќи „Проект Среќа“ ја основав да биде наша, а не моја. Сакав заеднички, како општество, да се соединиме и да правиме големи нешта за децата кои немаат услови и можности да добијат шанса и од нив да направиме идни продуктивни граѓани на оваа земја. Но, како поминува секоја година, сфаќам дека тоа е борба со ветерници. Ако сакав нешто мое, ќе основав фирма и ќе работев за себе, како и останатите. Но ете, секогаш кога ќе речам не можам повеќе, се будам следниот ден со нова идеја, и нов елан, и пробувам повторно.

Ја започна и иницијативата „Проект куќа“, како се одвива акцијата, кога се очекува реализацијата и колку напор е потребен за да се истурка проектот до крај? Кои се најголемите предизвици и пречки?

– „Проект Куќа“ најпрво започна како проект на моето здружение, а потоа несакајќи, се разви во телевизиска емисија, која ќе се прикажува, се надевам, од септември. Тоа го направив за да се пријават повеќе донатори и спонзори кои би добиле своја реклама и би нашле свој интерес во емисијата, бидејќи одзивот кога го почнавме проектот за донирање и помош беше речиси непостоечки. Сега, во моментов работиме, но тешко е поради недостаток на донатори, па постојано изнаоѓам начини, организираме „фандрејсови“, контактирам компании, мои пријатели и соработници за да успееме. По природа не сум човек кој се откажува и се надевам дека ќе успеам. Повеќето компании кои се најголеми на пазаров за градежништво, електроника, гипс-картони, прозорци, не се заинтересирани, но се надевам дека со текот на времето бројот на наши партнери ќе се зголеми. Сега засега, имаме неколку постојани партнери, со тенденција да се зголемат. Ние Македонците сакаме да гледаме како во странство изгледа сè, и да аплаудираме на тоа, но немаме желба самите да го направиме, особено во доменот на ТВ-продукција, медиуми, забава, музика…

Една од мисиите на Здружението е и заложбата за подобро образование. Што според тебе најмногу недостига во денешниот образовен систем и што сметаш за навестените реформи во образованието, особено за процесот на дигитализација?

– Ние сме сиромашно општество, огромен број од семејствата немаат пристап до интернет, огромен број деца немаат компјутери, лаптопи и уреди за следење дигитална настава, за жал. Сметам дека дигитализацијата е потребна, но најпрво мора да се решат проблемите за пристап до таа дигитализација. Огромен број семејства и деца немаат услови ни за пристојни оброци, струја, вода, да ги покријат сметките. Тоа е тој проблем кој не може секој да го види, за жал. Ние секојдневно се соочуваме со барања од семејствата да им обезбедиме уреди, особено на повеќедетните семејства. Проблемот е подлабок, но за жал, нас како здружение кое се занимава и секојдневно работи токму со тие деца, никој не нè прашал ниту побарал мислење од тие деца и семејства. Како и да е, сметам дека образованието мора да еволуира и да напредува, а ние како општество мора да најдеме начин како тоа да го изведеме.

Кои се главните вредности на кои ги учиш своите деца?

– Сакам да се вредни, културни, чесни, љубезни, да ги почитуваат луѓето без оглед на нивната социјална положба. Ги учам дека сите сме исти. Се надевам дека ќе ги прати среќа и дека и тие ќе носат среќа на другите.

Ако погледнеш наназад, кој повеќе ти помогнал во животот, мажите или жените?

– Некако постојано работам и сум опкружена со жени. Во „Проект Среќа“ работат само жени, дури и донаторите се 90 отсто жени. Ова е свет на мажите, каде што тие се на водечките позиции, во најголем процент, а јас сакам да помогнам тоа да се смени. Но, да, бидејќи мажите секогаш биле на функција кога можеле некому да помогнат, можеби мажите повеќе ми помагале… иако, не сметам дека некој ми помогнам повеќе од што сум си помогнала јас самата на себе.

 

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....