Старите традиционални македонски рецепти кои имаат долгогодишна историја на нивна подготовка, имаат незаборавен вкус за кој навистина вреди да се потрудиме за да можеме заедно со најблиските да уживаме во текот на зимскиот период.
Домати во тегла
Овој рецепт се подготвува тегла по тегла. Наведените состојки се однесуваат само за полнење на една тегла.
Потребни состојки:
8 домати
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
1 лажица доматно салца
Подготовка:
Пред да започнете со подготовката на овој рецепт кој обично се консумира со тестенини или пак како додаток на некоја манџа, исклучително важно е покрај вас да имате веќе подготвени тегли кои се чисти и претходно затоплени.
Потоа, во тенџере на оган ставете поголемо количество на вода да зоврие. Додека чекате водата да ја достигне посакуваната температура, во подлабок сад, ставете ги измиените домати. Откако водата ќе биде доволно врела, истурете ја врз доматите и покријте ги со капак. Оставете ги „попарените“ домати да отстојат така најмалку два часа.
Потоа тргнете го капакот и вадете ги доматите еден по еден. Тие ќе започнат да се лупат многу лесно. Лушпата буквално самата ќе започне да им паѓа. Во секоја тегла ставете од доматите, малку стегнете ги, да собере што повеќе.
Секоја тегла со домати наполнете ја со вода. Потоа водата истурете ја во некое тенџерче и за секоја тегла ставете од потребната количина сол, шеќер и салца. Зачинете по вкус, оригано, сув босилек, бибер, што сакате. Убаво измешајте и со смесата наполнете ги теглите.
Наредете ги теглите во тенџере и ставете ги на оган, да варат отприлика дваесетина минути.
Со ова постапката за подготовка на домати во тегла завршува.
Пиперки во младо сирење
Состојки:
1 кг пиперки бабури
500 гр младо сирење
2 л млеко
сол по желба
Подготовка:
Најпрвин исчистете ги пиперките, посолете ги од внатрешна страна, па потоа исцедете ги од сокот кој ќе го пуштат. Младото сирење издробете го со вилушка и по потреба посолете, па со него наполнете ги пиперките до половина и ставете ги во садот во кој ќе стојат. Сварете го млекото со 1 лажица сол, па додека е топло, прелијте ги пиперките и добро затворете ги теглите кои сте ги наполниле. По само три недели, теглите полни со пиперки, млеко и младо сирење се подготвени за консумирање.