9.8 C
Скопје
10:35 - 19 април, 2024

Деновиве на многумина им се врти во главата, а причината е сосема необична

„Докторе, не знам што се случува со мене. Ми се врти во главата, имам чудно чувство, како да лебдам и тонам – е честа изјава на загрижен пациент во секојдневната лекарска пракса, особено во пролет. Што, всушност, му се случува и како да му се помогне?

Многу граѓани, и млади и стари и здрави, деновиве се жалат на вртоглавица или вертиго. Варирањето на надворешната температура и атмосферскиот притисок се главните предизвикувачи на „вртелешката“ во главата. Но, до оваа состојба може да доведе и наглото зголемување на физичката активност, како и промените во хормоналниот статус, исхраната, а неретко и анемијата и скокот или падот на крвниот притисок. Вртоглавиците, малаксаноста и заморот се типични симптоми во пролет и лето, и не мора да се лекуваат. За да се избегнат овие состојби, најважна е умереноста во сѐ, проверка на крвната слика и редовно мерење на притисокот. Ако причината за вртоглавицата е скокот на крвниот притисок, овој проблем се нарекува хипертензивна криза. Кога воздушниот притисок е висок, се зголемува и крвниот притисок, но луѓето можат да чувствуваат вртоглавица дури и кога ќе им падне притисокот.

Вртоглавицата може да биде минлива, но и показател за сериозни болести, па затоа е важно да знаете кога е време да се обратите кај лекар.

Кога се безопасни, а кога се сигнал за посета на лекар?

На забелешката дека луѓето можат да почувствуваат вртоглавица и кога се изморени, гладни, кога премногу брзо ќе станат, лекарите објаснуваат дека е можно вртоглавицата да биде безопасна, но ако трае повеќе од неколку дена, потребно е да се обратите кај лекар. Во тој случај, пациентот се подложува на испитување, пред сè, потребно е да се направи скенер на главата.

Вртоглавицата инаку е придружена со бледило, зголемено потење, чувство на топлина, мачнина и повраќање. Истовремено, лицето може да почувствува страв и паника. Може да трае од неколку секунди до неколку часа, па дури и денови. Постојаното повторување на нападите на вртоглавица е толку исцрпувачко за пациентот, што целосно ја губи работната способност.

Последица на многу болести

Вртоглавицата може да биде и последица на бројни болести, а настанува кога информациите што ни пристигнуваат од разните сензорни органи (очите, мускулите, внатрешното уво и локомоторниот апарат) во централниот нервен систем се разликуваат од очекуваните, т.е. оние на кои сме навикнати. Оваа чувствителна рамнотежа може да ја нарушат разни болести: нарушувања во внатрешното уво, кардиоваскуларниот систем, централниот нервен систем, работењето на хормоните и невровегетативните органи.

Се вртите вие или сè околу вас?

Кога пациентот чувствува дека се врти околу себе, лекарите се сомневаат во субјективна вртоглавица, а ако предметите се вртат околу нас, станува збор за објективна вртоглавица. Овој проблем никогаш не е сам и обично е придружен со тетеравење, понекогаш гадење и повраќање, а во придружните симптоми спаѓаат и ослабен слух, тинитус (зуење во ушите), нарушување на видот, говорот, моториката и намалена чувствителност на целото тело.

Зошто најчесто се појавува наутро?

Вртоглавица често се појавува наутро, кога стануваме од креветот или кога одеднаш се креваме од седечка во стоечка положба. Кога лежиме или седиме, значителна количина на крв се наоѓа во долниот дел од телото (најмногу во нозете). Нашиот организам, се разбира, има систем на регулација на циркулацијата во однос на положбата на телото. Така, на пример, кога стануваме, тој систем го забрзува дотокот на крв во мозокот. Меѓутоа, со текот на годините, тој систем на регулација се забавува бидејќи поради артериосклерозата, нашите крвни садови веќе не се толку еластични, па крвта со задоцнување пристигнува до мозокот. Последица е – вртоглавицата.

ПРИЧИНИ

Промена на времето. Пролетта и честите промени на времето понекогаш лошо влијаат на организмот. Телото е изморено, му недостасуваат витамини, така што сите здравствени проблеми се интензивираат. Дури и ако сте сосема здрави, во текот на пролетта, често може да имате вртоглавица. Имате непријатно чувство на лулање, ви се чини дека пропаѓате или дека на момент ја губите ориентацијата.

Проблеми со внатрешното уво. Вртоглавицата е првиот симптом на нарушувањето на апаратот за рамнотежа сместен во внатрешното уво. Класичен пример на вртоглавицата предизвикана од патологија на внатрешното уво се нарекува Мениерова болест. Се јавува кај приближно 0,2 отсто од популацијата и е резултат на нарушувања во микроциркулацијата во внатрешното уво. Ова е најдраматичниот тип на вртоглавица. Може да трае со часови, па дури и со денови. Понекогаш е толку силна што човекот буквално е прикован за креветот, чувствува силна мачнина и повраќа. Неопходна е интервенција на лекар кој ќе препише одредени лекови.

Стрес, лекови, мигрена, па дури и тумор. Вртоглавицата може да биде предизвикана и од некои лекови: тоа се првенствено лекови за намалување на крвниот притисок или средства за смирување. Проблемот може да се реши со прилагодување на дозата или со префрлување на некој друг лек.

Вртоглавица може да биде предизвикана и од нервната напнатост, бидејќи тогаш се грчат мускулите на вратот. Напнатоста може да биде предизвикана од грижи поради бројни обврски во денот, жестока кавга дома или на работа, нервоза пред испит, физички напор и сл. Мигрената е исто така една од причините за вртоглавица. Обично се јавува кај младите луѓе, кога заедно со вртоглавицата имаат пулсирачка болка во целата глава, пред сѐ, во пределот на темето. Во ретки случаи, постојаната вртоглавица може да биде предизвикана од тумор на слушниот нерв. Покрај вртоглавицата, на тумор укажува и лошиот слух и затегнувањето на нервот на лицето (фацијалис).

Проблеми со пршлените – недоволно крв стасува до мозокот. Ако не станува збор за нарушувања на увото, најчесто се работи за разни промени што настануваат во пределот на ‘рбетот и вратот. Помеѓу ‘рбетните пршлени се создаваат мали коскени израстоци кои ги притискаат крвните садови, со што се ослабува дотокот на крвта во мозокот. Може да дојде и до притисок врз вегетативниот дел на нервниот систем во близина на вратниот дел на ‘рбетот. Вртоглавицата предизвикана од нарушувања во пределот на вратот е предизвикана од наглите движења на вратот. На пример, некои пациенти имаат вртоглавица кога ја вртат главата на едната страна, други имаат чувство на пропаѓање кога лежат на грб и целата соба им се врти. Тоа се сигурни знаци дека станува збор за нарушување на вратните пршлени.

Вртоглавица е чувство дека предметите околу нас се вртат (објективно), или дека лебдиме, тонеме (субјективно). Може да биде предизвикана од разни патолошки процеси во организмот – од дехидратација до многу сериозен проблем, како што е тумор на мозокот. За да ги решат проблемите, на пациентите им треба многу време и трпение. Мора да одат на прегледи од лекари од различни специјалности – невролог, неврохирург, оториноларинголог, интернист, физијатар… бидејќи овој симптом може да биде предизвикан од нарушување на работата на разни системи на органите.

 

Слични објави

(Фото) Синот на Драгана Мирковиќ јавно ја поддржа мајка си: „И во добро и во зло…“

jasmina.kantardzieva

Уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ: Купувал марихуана

еспресо

Астропрогноза за петок, 19 април: За Близнаците нешто ново, за Рибите прилагодување на настаните

еспресо

Како земјотрес: Три хороскопски знаци ги чекаат големи промени на крајот на април

еспресо

„Црна“ низа денови: Два хороскопски знаци ќе имаат неволји во втората половина на април

еспресо

(Фото) Секси мама: Антониа Гиговска во провокативен фустан на моден настан во Хрватска

Еспресо
Се вчитува....