Одлуката за бременост е еден од најзначајните моменти во животот на една жена. Кога ќе донесете таква одлука, важно е да знаете дека подготовката започнува уште неколку месеци пред зачнувањето. Една од најважните препораки е започнување со фолна киселина. Овој витамин има важна улога во правилниот развој на нервниот систем на плодот и значително го намалува ризикот од одредени вродени аномалии.
Во идеален случај, бременоста се случува природно и без тешкотии. Но понекогаш патот до посакуваната бременост може да биде подолг или покомплексен. Доколку се обидувате подолг период без резултат, препорачливо е да се консултирате со гинеколог. Во рамките на една сеопфатна процена на репродуктивното здравје, лекарот може да препорача неколку дијагностички анализи и прегледи, со цел да се добие целосна слика за репродуктивната функција.
Најчесто се прават следните испитувања:
Хормонални анализи – Со едноставен тест на крвта се проверува нивото на хормони што го регулираат менструалниот циклус и овулацијата.
Ехо преглед на гениталните органи – Овој преглед овозможува детална процена на матката и на јајниците и може да открие состојби како цисти на јајниците, полипи или структурни промени во матката.
Проверка на проодност на јајцеводите (хистеросалпингографија – HSG)
Испитување со кое се проверува дали јајцеводите се проодни, што е важно за природно оплодување.
Хистероскопија – Минимално инвазивна процедура со која лекарот ја прегледува внатрешноста на матката и може да дијагностицира или да третира одредени промени.
Лапароскопија – Процедура што во одредени случаи се користи за дијагностика и третман на состојби како ендометриоза или проблеми со јајцеводите.
Скрининг за генитални инфекции – Одредени инфекции можат да влијаат врз плодноста, па затоа се прават лабораториски тестови за нивно откривање.
Спермограм кај партнерот – Анализа со која се проценува бројот, подвижноста и квалитетот на сперматозоидите.
Секој случај е индивидуален. Затоа пристапот кон дијагностика и третман се заснова на персонализирана медицина, приспособена на потребите на секоја пациентка.
Следење на бременоста
Во текот на деветте месеци, редовните гинеколошки прегледи имаат клучна улога во следењето на здравјето на мајката и правилниот развој на плодот. Покрај редовните акушерски прегледи, постојат и три важни скрининзи што се изведуваат во различни периоди од бременоста.
Прв скрининг – прв триместар – Неговата цел е да процени дали постои ризик од одредени хромозомски состојби кај плодот.
Втор скрининг – морфолошки ултразвук – Се изведува помеѓу 18. и 20. гестациска недела. Овој преглед претставува детална морфолошка анализа на органите на плодот и овозможува процена на неговиот правилен развој. При овој преглед се анализираат: структурата на органите на плодот, срцето, мозокот и ‘рбетот и протокот на крв во артериите што ја снабдуваат матката.
Трет скрининг – процена на растот на плодот – се прави околу 32. гестациска недела, а се следи растот на плодот, протокот на крв во крвните садови, зрелоста и функцијата на постелката.
Покрај основните скрининзи, постојат и други важни тестови.
Инфективен скрининг (со цел да се откријат инфекции што можат да доведат до компликации или предвремено породување), скрининг за гестациски дијабетес (се прави околу 24. гестациска недела и овозможува навремено откривање на гестациски дијабетес).
Породување – почеток на ново животно поглавје
Пред самиот чин на породувањето, заедно со пациентката се разговара за начинот на породување, видот на анестезија, можноста за присуство на таткото во породилната сала. Целта е мајката да се чувствува смирено, сигурно и подготвено за овој посебен момент. Во Клиника „Жан Митрев“, веднаш по раѓањето, новороденчето е под грижа на педијатрискиот тим.
Доколку размислувате за бременост или сакате да направите процена на вашето репродуктивно здравје, гинеколошки тим на Клиниката „Жан Митрев“ ви стои на располагање за консултација и преглед, тел. 02/3091 484

Доц. д-р Ирена Андонова
Специјалист гинеколог – перинатолог
Комерцијален текст.
