22:53 - 22 декември, 2024

Солзи и трауми зад убавото лице на Ивана од Штип

Во Штип ме познаваат како Ина манекенката, многу малку се тие што ме познаваат како Ивана која минала низ пекол.

Оние кои ќе ја препознаат оваа девојка, ќе ја препознаат како манекенката и модел од Штип. Убава, згодна, насмеана, успешна 31 годишна жена на која секој може да ѝ позавиди. Јас пак, уште повеќе ѝ се восхитувам за храброста и доблеста да сподели колку солзи и трауми стојат позади таа насмевка. Но, не со цел јавно и гласно да се изнаплаче, туку гласно да упати порака до секој возрасен покрај кого расте некое дете. Детето е како сунѓер и тоа не е еднаш докажано.

Фото: Приватна архива

Ивана Димитрова од Штип, вака го започна раскажувањето за темната страна на нејзиното созревање:

Психотерапевтот ми откри дека сè тоа ми се случува од настаните кои ги паметам од 6 годишна возраст, толку мало дете, а зачувало такви страшни слики! Мозокот на детето е како сунѓер, кој не го интересира какво ѓубре собира…, едноставно го прави тоа.

Ивана израснала заедно со својата сестра (една година постара од неа) и со својот полубрат (7 години постар), за кого вели дека и не може да изговори дека ѝ е полубрат. Меѓу нив постои толку голема љубов и почитување каква што понекогаш не постои и помеѓу браќа и сестри кои се од ист татко. Таткото на Ивана, исто така, ова дете го прифатил како свој син, му обрнувал и многу повеќе внимание отколку на неговите биолошки ќерки. И мајката и таткото на Ивана, пред да се запознаат биле во брак. Нејзината мајка имала машко дете од тој брак, кое од новиот сопруг било прифатено како свое дете, а после 6 години од нивната љубов, прво се родила сестрата на Ивана, а  една година подоцна и Ивана.

– Божја работа, можеби татко му го немаше никаде ниту му беше гајле за синот за неговиот очув (односно, татко ѝ на Ивана, н.з) да го сака повеќе и од биолошкиот. Но, баба ми, Бог да ја прости, за мене и за сестра ми беше баба, но за брат ми… Го малтретираше, го навредуваше… Замислете на едно дете да му кажете „копиле“?! Да го исфрлите од домот надвор на дожд?! И сето тоа проследено со закани дека ако каже на родителите – „ќе си го добие“, раскажува Ивана за траумите на нејзиниот брат за кои не сведочела лично, туку подоцна дознала за нив.

Фото: Приватна архива

Дедо ми се затрча со секира во рака!

Нејзиниот татко, иако ја предупредувал бабата (неговата мајка, нз.) дека треба да престане и да го прифати детето како негов син, не се променило ништо. Дури и неговите сестри биле поделени. Едната го прифатила, другата не. Мајката на Ивана ја навредувале и ја колнеле, а бидејќи тогаш живееле во заедница, децата морале сè да гледаат и да слушаат. Дедото на Ивана пак, не знаел кој крај да го фати, затоа многу често одел во планина и останувал таму по неколку месеци.

Но, тетките го убедуваа да се врати на неколку дена за да можат да му ја наполнат главата со глупости. И тогаш следува она што за мене беше најстрашно. Едно попладне, татко ми си работеше низ дворот, а јас и сестра ми си игравме на терасата. Не можам да се сетам на секој детаљ од тој ден, но се сеќавам на најстрашното: дедо ми и татко ми нешто се закараа, но татко ми се сврте и си продолжи да си работи. Тогаш дедо ми почна да трча накај него со секира во рацете! Сите почнаа да врескаат, и комшиите се собраа, а мајка ми нè грабна мене и сестра ми и преку мрежата на комшиите нè подаде на пријателката за да нè тргне и поштеди од хорор глетката. Но, за жал, доволно видовме, и кога бевме тргнати настрана се прашувавме дали тато ќе остане жив или дедо ќе го убие? За среќа, татко ми остана жив, но останаа и сеќавањата од денот. По овој настан, ставија ѕид во ходникот, да бидеме одделени, ние на една страна, баба ми и дедо ми на другата страна. Кога баба ми почина, дедо ми го сруши ѕидот. Тој не беше лош човек, но ете, кога некој ќе ти ја наполни главата…, раскажува Ивана додека ја лазат морници од трауматичните моменти во детството.

Фото: Приватна архива

И покрај сè, Ивана расте во прекрасна, убава девојка, полна со самодоверба. Но, на нејзини 19 години, како гром од ведро небо, почувствувала дека срцето ќе ѝ излезе, не сфаќала што се случува. Откако ваквите симптоми се повториле неколку пати, докторот ја испратил на психијатар, бидејќи во Штип, до ден денес, нема психотерапевти. Пиела чаеви на природна база и навидум се повлекле паничните напади, за на нејзини 23 години да ја треснат многу силно од земја, и како што самата вели:

До врата не можев да излезам. Знаете ли дека анксиозноста и паничните напади се полоши дури и од некои реални болести, умираш секој ден од нив, болен си од рак, добиваш срцев или мозочен удар, се онесвестуваш… секој ден ги имаш сите болести и ги доживуваш милион пати симптомите на тие болести. И некогаш, да, мораш да земеш терапија во форма на антидепресиви, бидејќи не функционираш. Бегаш од секаде и секого, чекајќи да се онесвестиш во секој момент. Терапијата ми помогна да се вратам и да бидам старата јас. Станав модел и манекенка. Во Штип ме познаваат како Ина манекенката, многу малку се тие што ме познаваат како Ивана која минала низ пекол. Не го споделував тоа, бидејќи не сакав никој да ме сожалува, но сега сфаќам дека споделуваањето можеби некому ќе помогне или барем ќе даде трошка утеха, дека не си сам во тоа што ти се случува и не е по твоја вина.

Длабоко врежаниот страв подоцна ѝ донел панични напади

По неколку години паничните напади и ансиозноста повторно затропале на вратата на Ивана, овој пат во форма на грижа и лоши мисли за другите луѓе: дали некој ќе умре, ќе му се случи нешто лошо. Исплашеното дете се разбудило, она што било потиснато тогаш, почнало да избива и Ивана почнала да слуша и гледа хорори, врескање на комшиите, умирачки, расправии…

Ете, тоа дете, од сликата што ја виде на 6 години, и до ден денес мисли дека некој, исто како и тогаш, може да настрада. По разговорите, психотерапевтот во Скопје констатираше дека оваа глетка и стравот од неа останале длабоко врежани во мене и дека ми создаваат анксиозност и панични напади. Не сакам ниту едно дете да доживее нешто слично на ова. Не сте свесни како тоа влијае на малите мозочиња. Морате да ги поштедите децата од вакви трауми. Морате! И немојте да ги носите децата на погреби, немојте да мислите дека ништо не разбираат. Порака до сите оние кои имаат некој близок што минува низ анскиозност и панични напади: Немојте да ги сожалувате овие луѓе. Не паничете, сослушајте ги што им тежи, ако можете разведрете ги, па макар тоа било и со некоја глупост. И никогаш немојте да ја користите реченицата: „Аман тебе па само те фаќа паника“. Аман луѓе, така уште повеќе ја влошувате состојбата.

Фото: Приватна архива

А пораката на Ивана до оние кои лично минуваат низ овој проблем е следна:

Не срамете се од себе и не го чувајте тоа во себе. Не ги слушајте сите јавни личности кои зборуваат за паничните напади, па потоа да се фрустрирате, како тоа нив им поминало, а вам не ви поминува? Не е тоа нешто што доаѓа и проаѓа. Секогаш ќе го имаме. Единствено Миа Костова отворено зборува за тоа, ете така изгледа таа тешка анксиозност. Јас сакам да зборувам за ова со цел да им помогнам и да им бидам подршка на сите кои имаат потреба од неа. Знаење можеме да имаме од школо, но и од животната школа. Среќна ќе бидам ако охрабрам барем еден млад човек, а можеме и да се дружиме „онлајн“ преку Инстаграм, за да си бидеме ветер во грб едни на други, завршува Ивана.

Мими Стојановска

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....