9.8 C
Скопје
16:07 - 18 декември, 2024

РАЗГОВОР СО АЛМА РАСТОДЕР, писателка: Mоќна e поврзаностa што се создава меѓу детето и приказната

Утре, 17 март, ќе се одржи промоција на новата книга за деца и млади „Музеј на детството“ од авторката Алма Растодер (родена во Скопје, 1986.). Промоцијата е закажана со почеток во 19 часот, во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“.

„Музеј на детството“, која е дел од едицијата „Либи тин“,  е прозна сложувалка, колаж, пачворк од повеќе приказни за детството во различно време и од различни простори, врзани меѓу себе, допрени во една определена точка или сосем самостојни. Она што ги обединува во целина и што овозможува да ги читаме и како фрагментарен роман за млади е можноста личните приказни да се сфатат како книжевни експонати во замислениот музеј на детството, што е и носечката идеја при раскажувањето..

В четврток ќе биде промовирана твојата нова книга за деца и млади „Музеј на детството“. Која е симболиката на музејот во книгата, а која поврзана со твоето детство?

– Музејот на детството содржи приказни, што неколку ликови ги раскажуваат од различни временски дистанци. На крајот на книгата тој навистина е создаден и е многу интересен за луѓето од иднината. Тие луѓе, се речиси роботизирани, сè им е достапно само со еден клик, имаат заборавено на сето тоа што е човечно, особено на емоциите и доживувањата. Но, музејот може да се перцепира и како синоним за она што ни е навистина суштинско и значајно за сите нас – детството кое се поврзува со спомените, предметите и приказните. Тоа е период кога се оформува карактерот, се перцепира и чувствува интензивно светот.

Преку приказните ликовите се соочуваат со предизвици како развод на родителите, булинг, смрт на еден или на двата родители, губење на вистинската личност и креирање на личност соодветна и посакувана во виртуелниот свет. Многу од овие предизвици биле актуелни и кога сум растела, а во книгата се провлекуваат нишки и од моето детство.

Еден од начините како да се спаси човештвото од заборав на емоциите од детството е тоа да се живее, детето да биде дете, да го чувствува светот и тие да бидат препознаени и уважени, но не злоупотребени, фото – приватна архива

Може ли во денешно време да се спаси човештвото од заборав на емоциите од детството и како?

– Имам перцепција како траењето на детството да се намалува, како децата да сакаат да помине побрзо и да влезат што поскоро во светот на возрасните. Не дека тоа не било случај и порано, факт е дека додека сме биле деца, светот на возрасните ни бил поинтересен. Сепак, мислам дека тој процес е позабрзан, поинтензивен денес. Доаѓајќи од иднината која е замислена како место каде технологијата е многу понапредна, каде што се патува на различни места со еден клик, каде што мобилните телефони ги препознаваат емоциите, главниот лик во романот сфаќа дека детството порано имало нешто различно. Тоа што е поразлично се емоциите, дружењето, размислувањето со „своја глава“. Еден од начините како да се спаси човештвото од заборав на емоциите од детството е тоа да се живее, детето да биде дете, да го чувствува светот и тие да бидат препознаени и уважени, но не злоупотребени.

Со книгата „Сонливи приказни од тајната шума“ ги уриваш предрасудите пренесувајќи порака дека децата не треба да имаат предрасуди еден кон друг. Како пак, „Музејот на детството“ се бори против предрасудите?

– Со „Музеј на детството“ сакав психо-социјалните теми да им бидат претставени на децата и на младите преку приказни и ликови кои треба да им станат блиски. На еден поинаков начин, сакав, преку споделувањето на траумите од детството, книгата да има терапевтска и едукативна задача. Можеби токму тука може да се поврзе таа нишка со предрасудите, дека не треба да ги имаме кон децата што се соочуваат со различни проблеми. Бидејќи и тие чувствуваат, сакаат, имаат желби и потреба да бидат прифатени.

Во последниве години во Македонија детстката литература стана се поприсутна, но дали авторите за деца конечно почнаа да се сфаќаат сериозно?  

– Македонската детска литературна сцена значително се збогати со нови авторски имиња, но и со веќе познати автори, кои напишаа книги за деца. Многу ме радува што има поголем избор, што сè повеќе се внимава на квалитетот, и на текстот и на илустрациите. Така се продлабочува и љубовта на децата кон книгата. Нова сум во овој свет како автор и уште треба да учам. Но, од тоа што ми се случи досега можам да кажам дека не се сфаќаат толку сериозно, особено кога си нов. Среќа, не е секаде исто.

Во изборот на детска литература сепак влијаат возрасните – родителите на своите деца, како може денес да се дојде до детските срца без „посредници“?

– Многу е интересно како некоја приказна може да остане врежана во детскиот ум. Колку е моќна таа поврзаност што се создава меѓу детето и приказната/ликовите. Дури и по некое време, кога мислиме дека детето ја заборавило приказната, затоа што родителот не му ја чита, во неговото срце и ум, останува нешто што го потсетува на приказната. Тоа може лесно да се забележи кога детето црта или раскажува. И тоа е нешто, поради што вреди да се создаваат приказни, но и сè почесто да им се читаат на децата.

Слични објави

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо
Се вчитува....