4.8 C
Скопје
05:25 - 28 април, 2024

Осврт кон 21. Оф-фест: Душата на светот преточена во музика

Синтагмата „музика на светот“, како најблизок опис на музиката што се слуша на „Оф-фест“, својата основа ја црпи од различните традиции на музичарите што настапуваат на фестивалот и со себе ја носат „душата на својата земја“.

Традицијата на една земја или народ може да биде пренесена и претставена на многу начини, во зависност од креативноста на интерпретаторите, и со многубројни елементи, како звук, ритам, инструмент, костим, движење. На концертите што се случуваат на фестивалот „Оф-фест“ често се случува сите овие елементи да се застапени на сцената.

Неодамна одржаното 21. издание на „Оф-фест“ не беше исклучок од веќе востановената дваесетгодишна традиција. Во четири вечери, од 1 до 4 јуни, на сцената во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар, настапија осум музички имиња/бендови, имаше еден диџеј-сет, а беше прикажан и документарниот филм „Румба кингс“. Секоја вечер, дури и секој концертен настап поединечно беше различен од претходниот, во зависност од која страна на светот доаѓаа изведувачите.

Повеќегодишната практика на организаторите од „Скопје џез-фестивал“ да бидат претставени и македонски групи на „Оф-фест“ беше реализирана уште на првата вечер. Основен критериум во изборот на групите е нивниот актуелен музички ангажман и можностите за негов развој кон повисоко ниво.

Отворени и смели во својот израз „Перија“ слободно преземаат различни музички влијанија, а во стиховите на песните се препознава силен социјален ангажман

Групата „Перија“ е релативно млад состав, кој со извесни измени во членството, постои од 2015 година. На почетокот настапуваат како улични музичари, а подоцна својот фокус го ставаат на авторска музика создадена со повеќе различни влијанија. Не се задржуваат само на македонското поднебје, туку експериментираат и со звук и со јазик на пеење од други говорни подрачја. Отворени и смели се во својот израз и слободно превземаат музички влијанија од Балканот, Европа, дури и од Блискиот Исток, а во стиховите на песните се препознава силен социјален ангажман. Иако досега имаат објавено два студиски албуми и две ЕП-ја, со настапот на „Оф-фест“ се прошири кругот на нивните слушатели, а сосема е верно да се очекува и нивни излез надвор од границите на нашата земја.

Дуото Добрила и Дориан во моментов го носи најиновативниот израз на традиционалната музика

Дуото Добрила и Дориан во моментов го носи најиновативниот израз на традиционалната музика ставена во модерни аранжмани. Прекрасниот глас на Добрила, како и нејзиниот сенс за избор на убави, а главно непознати песни од фолклорната ризница, кои потоа се форматирани низ перфектната музичка лабораторија/продукција на Дориан, веќе е документиран на албумското издание „Апокриф“, објавено за „СЏФ Рекордс“ (2021). Радува фактот што со својот настап на „Оф-фест“ покажаа дека не застануваат само на еден албум, туку нивниот репертоар се шири во нови и непознати музички амбиенти. Интересот за нивната музика станува голем и на регионално ниво, бидејќи веднаш по настапот во Скопје одржаа концерти и во Сараево и Травник во Босна и Херцеговина.

Балаке Сисоко настапи сам со својот инструмент, но публиката имаше можност да слушне цела симфонија од звуци

Во однос на традициите од други земји што беа претставени на „Оф-фест“ можеа да се проследат настапи на музичари и групи од Мали, Бразил, Колумбија, Италија, Кабо Верде и Гана. Секоја од овие земји содржи многу егзотика во својот карактер и многу традиција во својата душа. Настапот на Балаке Сисоко од Мали откри нови димензии на звукот на африканската кора (жичен музички инструмент). Иако за татковина на кората се смета Гвинеја, таа станува средство за израз на повеќе африкански музичари, а Сисоко успева да стане мајстор во свирењето на овој комплексен инструмент. На концертот Сисоко настапи сам со својот инструмент, но публиката имаше можност да слушне цела симфонија од звуци.

Концертот на Лукас Сантана имаше ангажиран пристап

Бразилската музика се смета за „слабост“ на организаторите на „Оф-фест“ и тие ја користат секоја можност за гостување на групи од таа држава пребогата со музичка традиција и продукција. Пејачот, композитор, продуцент и движечка сила на бразилскиот нов бран, Лукас Сантана, во Скопје настапи со своето трио со музички концепт што се враќа кон корените на бразилската гитарска традиција од 1950-тите, а музичката критика за неговиот нов материјал напиша дека станува збор „за посттропикализмичен електро-акустичен поп-албум со теми што го третираат подемот на реакционерната политика и нејзиното опасно игнорирање на човековите права и животната средина“.

Социјалниот и општествениот ангажман на музичарите што одлучиле да се занимаваат со „музика на светот“ е позната и општоприфатена појава. Токму на база на влијанието на џез-музиката во општествените случувања во Конго во времето на колонијализмот е направен документарниот филм „Румба кингс“. Филмот открива како е создаден спојот на африкански ритми со кубанската музика, но и ја следи општествената ситуација во времето кога Конго станува независна држава.

Уникатната Марија Мацота настапи во дует со хармоникашот Антонино Де Лука

Два прекрасни женски вокали настапија на последната вечер на „Оф-фест“. Уникатната Марија Мацота во дует со хармоникашот Антонино Де Лука го донесоа изразот од најмузикалниот дел на Италија. Истовремено, Апулија во Сицилија е еден од најсиромашните региони во Италија, каде тешкиот живот се преточувал во стихови полни со љубов и страст. Со своите стихови Марија повикува на запирање на насилството насекаде низ светот.

Ненси Виеира многумина ја сметаат за наследничка на славната пејачка Сезарија Евора

Ненси Виеира, пак, е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде). Најавувајќи го настапот на Ненси, програмскиот директор на „Оф-фест“, Оливер Белопета, се потсети на настапот на славната пејачка Сезарија Евора пред точно 20 години во тогашната Универзална сала. Компарацијата воопшто не беше случајна, бидејќи Ненси се смета за наследничка на Сезарија, а тоа недвосмислено го покажа на сцената со својот чист и продорен глас. Покажувајќи почит кон публиката, Ненси повеќепати во текот на концертот се обрати со неколку зборови на македонски јазик што ги научила пред концертот.

„Сантрофи“ изведоа енергичен музички перформанс

Фестивалот заврши на 4 јуни со настапот на „жестоките момци“ од Гана, „Сантрофи“ со нивниот енергичен музички перформанс во Дансинг салата на МКЦ. Претходната вечер на истата сцена можеше да се проследи концертот на „Лос пиранас“ и нивниот тропикал-звук од Колумбија.

Фотографии: Оф-фест / Татјана Ранташа

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 132, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-12 јуни 2022)

Преземено од Слободен печат

Слични објави

(Фото) Никола Роквиќ собори личен рекорд! Пејачот откри колку километри поминал денеска на пат за Грција, бројката е фасцинантна

Еспресо

(Видео) Ана Николиќ пак ја шокираше јавноста, ги рашири нозете: „Сосема пукна женава“

еспресо

Таткото положи цвеќе, вдовицата ја нема! Миша Гроф ја одбележа годишнината од смртта на синот, Николина Пишек не била информирана

Еспресо

(Фото) Саша Ковачевиќ на романтично патување со девојката: Силно ја гушка, а таа никогаш посреќна

Еспресо

Совети од Клиника „Жан Митрев: Тироидектомија – отстранување на тироидната жлезда

еспресо

Еве што велат сараевчани за Харис Џиновиќ по разводот од Мелина: „Лош човек, го кренал носот…“

еспресо
Се вчитува....