2.8 C
Скопје
15:00 - 20 декември, 2024

На еспресо со… Тони Наумовски, актер: На сцената, како и во животот, треба да се брза бавно

Низ ваков процес на добивање интервју до сега не сум поминала. Не се познававме, па Тони, штом патот го донесе од неговата Битола во Скопје, посака да се видиме. Тој предложи само неврзано да разговараме, да се запознаеме, а потоа да му ги пратам прашањата по меил. Разговорот траеше три часа. За се’ и сешто, но секако најмногу за него. Накусо: роден во Сиднеј, растел во Македонија, актерскиот занает го учел во Софија, Сиднеј и Њујорк. Со човек што ќе ве прегрне уште при запознавањето, се е лесно и муабетот тече како подмачкан.

Тони, живееш во Њујорк, но не ретко доаѓаш Македонија. Дали тука те носат само приватните причини или има и професионални; што е главната причина овојпат?

– Главната причина за доаѓање во Македонија овојпат беше приватна. Но, некако секогаш моите приватни причини се испреплетуваат со професионалните. Откако пристигнав, добив понуда за соработка со фестивалот Манаки и понуда за улога како гостин во нова телевизиска серија во Бугарија. Секако, во меѓувреме имав средби со некои од колегите за идни проекти тука, во Македонија. Секогаш сум отворен за соработка, специјално кога станува збор за добра идеја, проект или улога која ми претставува предизвик.

Роден си во Сиднеј, Австралија, но израснат во Битола, во семејство на музичари. Како тој уметнички семеен амбиент влијаеше да се определиш за актерството, а не за музиката?

– Музиката отсекогаш била и се’ уште е главен извор за моето креирање. Почнав да се занимавам посериозно со музика некаде второ или трето одделение, со идеи за нови песни па концерт. Мојот прв концерт беше во дворот на нашата куќа, каде што имавме подготвено програма со единаесет песни (ако добро се сеќавам) и имавме една дузина публика. Кратка програма со хармоника, виолина и тарабука. На деветгодишна возраст, откако бев упатен дека не сум за клавир и гитара туку за тапани, се посветив на удиралките со желба и сон еден ден и да свирам на овој прекрасен инструмент, а не само да тропам. Моите соништа беа џез музиката; едно време имав и бенд со кој свиревме џез или барем она што мислевме дека е џез музика, но исто така со друг бенд свиревме и наша македонска изворна и народна музика. Така и пеењето си течеше паралено во ритамот на мојот живот и на мојот тапан. Во однос на актерството, бев дел од некои мали скечеви во школо и секогаш уживав да го набљудувам човечкото поведение и потоа да го имитирам, но никогаш не мислев дека тоа ќе стане моја животна определба. И еден ден, на 16 години, станав дел од една локална македонска театарска група наречена „Талија“, каде се подготвуваше театарската претстава „Убишка“, која завршува трагично со едно младо момче кое умира од дрога. Мојата улога, улога на полицаец, траеше само две минути, а се појавувам на крајот од претставата. Можам да кажам дека потполно се соживеав со улогата и неколку дена пред премиерата најдов полициска униформа со која се шетав низ градот. Е, до толку сериозно си ја сфатив работата. Дури и отидов кај еден мој чичко на врата и не ме препозна. Предложив моите три реченици да ги кажам на ротински, наместо на литературен македонски или на битолски. Предологот се прифати и така бидна. Излегов на бината, тажна сцена, трагичен крај и јас со мојот планиски глас и со мојот ротински говор извикав „Што прајте бре?“, „Што сте се собрале сите?“…молк во публика, и на крај „Уф бољки наши!“. Беше лудило, со аплауз и овации публиката ме крена на раце. И така започна мојата актерска кариера.

Тони како Ц во „Широко отворени срца“

Определбата за актерство те однесе на софиската Академија за уметности. Зошто Софија, а не Скопје или Белград?

– Кога веќе бев решен да се посветам на актерството, се посоветував со доајенот на македонскиот театар, како што си ја викавме тетка Олга Наумовска, една исклучителна жена и актерка, која што ќе го отпечати моето патешествие кон овој голем свет во уметноста. Средбата беше кратка, а нејзините зборови моќни: „Ако сакате детето да биди глумец, тогаш ич не си ги трошите парите да студира, ќе си го прибериме в театар, убо е детето, талентирано, ќе научи како да глуми со текот на времето и ќе се изделка. Но, ако сакате детето да стане актер, да биди мајстор, тогаш немојте да го запишвате ниту Скопје ниту Белград – или Москва или Софија“. Неколку години подоцна тетка Олга замина од овој свет, но нејзините зборови никогаш не избледеа од моето срце. Зборови кои ме впуштија во една одисеја наречена живот, за која што сум и бескрајно благодарен.

Тони како Владо во серијата „На терапија“

Амбицијата да се усовршуваш те однесе потоа „преку седум мориња“ на мастер студиите, во твојот роден Сиднеј. Дали се чувствуваше како дома, со оглед дека таму само си бил роден и како бебе те донеле назад во Македонија? И што значат мастер студии за еден глумец?

– Значат многу. Специјално кога се на друг континент, каде што преовладуваат малку поразлични пристапи и форми на работа и стилови, традиции и култура. Целиот амбиент и атмосфера е веќа едно надградување и мотив и инспирација за нови идеи и пристапи кон улогите, кон претставите или пред камера и секако кон она што индивидуално тлее во себе и станува еден потпис на таа некоја своја метода. Студирав со фантастични педагози кои исполнија една друга слика од онаа со која што дојдов од софиската академија. Дали се чувстував како дома – и да и не. Иако сум таму роден и го сакам Сиднеј и половина од моето семејство е таму, од кои отсекогаш сум имал голема поддршка и љубов, од оваа перспектива некако моето живеење и творење таму во тие четири години не фати длабок корен. Немирот во мене, потрагата и потребата за себепронаоѓање ме испрати од овој магичен град на големо разочарување од моите најблиски и моите колеги, специјално од театарот, во кој што бев дел од ‘Vis a Vis’ ‘Лице во Лице’, каде што работевме по методите и концептот за театар на легендарниот полски мајстор Јержи Гротовски и неговиот следбеник Влоѕимир Станиевски. Чувстував како предизвикот да не беше доволен а планините за искачување мали. И така, патот ме однесе за Њујорк.

Тони како Ченгиз Паша

Следуваше стипендијата за „печењето на занаетот“ во престижниот Ли Страсберг Институт за театар и филм во Њујорк, алма матер на многу светски актерски ѕвезди: Џон Војт, Барбра Стрејсенд, Харви Кајтел, Алек Балдвин, Стив Бушеми, Лора Дерн, Кристоф Валц и многу други. Колку се разликуваше приодот кон глумата според прочуениот „Метод“ на Ли Страсберг, дериват на Станиславски методот, од она што го студираше претходно во Софија и Сиднеј?

– Ова е тема и била тема, a верувам и дека ќе биде во иднина, на многу книги, истражувања и докторски десертации, контроверзи и судир на суети. Во однос на личниот пристап и авторски потпис се разликувале многу работи, повеќе во стилот на работата отколку во суштината. Суштината и таткото на модерното актерско мајсторство е Станиславски, а тоа не е ништо друго освен законот на природата. Кога зборуваме за подготовка, тренинг и градење на еден актер, тоа е тоа, останатото се само варијанти од тоа. Дали некои од самите задачи, методи, пристапи, биле идентични, различни или некои од дефинициите или терминологиите биле нарекувани со различно име, тоа е тоа. Разликата е во индивидуалниот пристап и стил на поставување, односно режија на претставите. Ова е дебата која што и ден денес носи многу контроверзи, емоции и ега, специјално во Америка, каде што многу големи творци земале некои аспекти и делови од одреден период од работата на Станиславски, ги адаптирале во свои пристапи и методи и убедуваат дека тоа е нивно. Она, „јас сум во право а ти си во криво“, „ама Станиславски рече вака или мислел онака кога го кажал тоа“. Самиот Станиславски секогаш се прашувал дали воопшто да ги објави тие негови трудови и белешки токму заради тоа што би се случувало во иднина. Дополнително, Станиславски не престанал да се менува и надградува исто како и неговите претстави, методи и задачи, се’ до последниот здив, кога буквално од смртната постела инструкциите ги давал преку телефон, дури и на самото утро пред да почине, тој давал совети за тоа како да се подобрат некои работи, како методата на физички дејствија и методата на активна анализа. Значи се тоа е еден постојан процес на истражување, како што се човечката душа и космосот, односно бескрај. Многу е важно што самиот Станиславски никогаш не кажал дека открил нешто, туку дека само „кодифицирал“ нешто што веќе со векови постоело во природата, со дополнително набљудување на големите актерски мајстори во негово време како Шкепин, Дусе, Салвини, Шаљапин итн. Експериментирал со задачи и методи што верувал дека можеби би биле од полза за следните генерации. Другите ова негово животно творештво го нарекоа „Станиславски систем“. Ќе го цитирам големиот Питер Брук, кој ја сакаше Македонија и македонската култура (за ова во друга прилика): „Ние можеме само да сонуваме за театарот на Станиславски и сето она што беше Станиславски“. Стразберг е продложена рака на Станиславски. Легенда и гениј за кого исто така постојат многу контроверзи и препукувања.

Така и остана во Њујорк да живееш, во една многу вибрантна уметничка средина во која и конкуренцијата за работа е силна. Дали сите тие дипломи ти беа препорака да добиеш добар агент?

– И да и не. Дипломите денес се само скапи и прекрасно украсени парчиња хартија кои го задоволуваат егото, но на сцена тие може да се дел од подот по кој газиш. Ако не се надградуваш постојано и не се впушташ во експерименти за да го примениш сето тоа што ти го предале, тогаш ништо од тоа не прави разлика. Ако не си поткован и искален со знаење и применување на тие пристапи кон себепронаоѓање, себепознавање, и ред други мајсторлаци, се е џабе, барам така е за Њујорк.

Тони како кралицата Јокаста

Процесот на кастингот е интересен и неизвесен. Како изгледа тој?

– Да се издвоиш од мнозинството актери и да успееш да работиш во континуитет е еден макотрпен процес кој бара максимална посветеност и многу жртвувања. Добиваш улога во проект, работиш и кога завршува проектот повторно си на „улица“. Можам само да ви кажам дека голем дел од актерите „преживуваме“. Во САД има околу 1,500.000 актери, дел се на источниот брег – Атланата, Њујорк, Чикаго, Бостон, а дел на западниот брег – Л.А., Сан Франциско. Од нив само околу 180.000 се привилегирани членови на САГ и АФТРА (SAG-AFTRA), актерскиот синдикат или унијата на актери. Сите имаме профили на две големи кастинг електронски мрежи со фотографии, видеа, биографии, специфичности, карактеристики итн. Ќе кажам само она што го кажа на мастер клас една реномирана кастинг директорка: за улога од пет зборови, која ќе се објави во 12 часот на пладне до 17 часот попладне има околу 5-7000 апликации на актери. Тоа е така да го наречеме прв круг, само да дознаеш за улогата или твојот агент да дознае за истата. Ако агентите лобираат за тебе и аплицираат за таа улога, веќе си во вториот круг. Ако од сите апликации воопшто те повикаат на кастинг во тие 200-300, веќе си во третиот круг. Во четвртиот или петтиот круг влегуваш во топ десет. Обично тука веќе си на аудиција каде 11-14 членови како: кастинг директор, режисер, кративен директор, сценаристи, косценаристи, продуценти одлучуваат кој треба да помине. Ова е комплицирано само да се зборува, а камоли да се поминува низ целиот процес скоро секојдневно. Затоа поголемиот број на актери, многу од нив навистина фантастични актери, се откажуваат, губат самодоверба, посегнуваат по психотропни супстанции или градот полека ги „исфрлува“.

Тони како Морнарот во „Нешто облачно, нешто јасно“

Дали си добил улога само затоа што некој те видел во некое претходно остварување?

– Во филм и телевизија се’ уште не, но сум добил аудиции или по препорака на други што ме гледале или директно од тие кои што го работат проектот. Благодарен сум за тоа, затоа што тоа воопшто не е мала работа. Во театар да. Благодарен сум и за директно понудените улоги и за препораките за кастинг.

Toни како Сталин со Алма Малер

Кога играш во филм со свeтски ѕвезди како Лијам Нисон (Run all night) или Били Кристал (Here today), успеваш ли да воспоставиш контакт и има ли што да се научи од нив?

– Секогаш има што да се научи. И тоа како треба и не треба, всушност поважно за она како не треба да се игра. Секогаш сум смирен, спокоен и многу љубопитен, но специјално многу научив кога работев со Били Кристал – во една доста комплицирана сцена во студио, во кола, а тој воедно беше и режисерот на истата. Прекрасен човек, мајстор и легенда на американската тетарска, филмска и телевизиска сцена. Го сметаат за еден од најголемите мајстори на комедијата, кој што успеав неколкупати и да го насмеам.

Имаш работено и со домашни режисери и колеги-актери, потоа во Бугарија, Романија, Полска. Има ли битна разлика во работата во САД и во Источна Европа?

– Да, во однос на театарот. Генерално, во Америка театарот е за забава, а во Европа е за просветлување. Во Америка нема субвенционирани театри, ниту пак има вработувања во театар. Исто е и за филмот и за телевизијата. Нема министерство за култура ниту пак филмски фонд за да поддржува и финансира проекти. Секој проект е борба сама за себе. Очекувањата се големи, притисокот е голем, а доста често буџетите мали. Времето е пари, а пари никогаш доволно. За квалитет е потребно време. Со тоа немање на пари, проектите се избрзуваат и затоа нема некој длабок процес на креирање и доста често, за жал, резултатите се незадоволителни, но секако постојат и исклучоци. Во Европа можеби нема многу финансии, но се има повеќе време и тоа е повразно со традицијата на театарот и со самото тоа целиот пристап кон проектите е поразличен. Инаку, фантстичен филм е фантастичен насекаде. Маестрална актерска игра или режија се маестрални насекаде – кога се твори длабоко, длабоко, и допира во душата на гледачот насекаде по светот, односно публиката знае да го препознае квалитетот. На сцената како и во животот треба да се брза бавно. Треба да се верува и даде простор и време за процесот на креирање. Доста често самите си го скратуваме овој процес и си правиме саботажа на органските и креативни сокови кои го исполнуваат нашето тело и дух.

Си играл во театар, филм и на ТВ, кој од тие медиуми е најмногу актерски и што е главната разлика меѓу нив?

– Театарот е нашиот центар. Театарот е на актерот. Филмот на режисерот. Телевизијата на продуцентот. Или пак така беше до пред некое време. Сега продуцентот некако доминира секаде. И тоа не е лошо ако тоа е креативниот аспект на продукцијата, но кога тоа е само финасискиот дел се губи суштината во  уметноста. Да скокаш во плитко ќе скршиш глава, да скокаш во длабоко можеш да се удавиш. Тоа е парадоксот.

Тони како Цар Едип

Усовршувањето значи и учење јазици. Добро ги владееш бугарскиот, сите варијанти на српско-хрватскиот, англискиот, а го брусиш знаењето и на рускиот и словенечкиот. Кога стасуваш?

– Се мотивирам да се надградувам. Си поставувам цели, за да не си легнам на брашното. Се обидувам на моите колеги да им се обраќам на нивниот мајчин јазик. На ваков начин го учам, пркатикувам и усовршувам истиот. Исто така, издвојувам време да читам или да гледам филмови или интервјуа на нивниот мајчин јазик. Со добро координирање на времето се’ е можно. Се’ се постигнува. И малку се спие.

Видов дека имаш долг попис на книги што чекаат да бидат прочитани. Каква литература те привлекува?

– Да, така е. Истото го правам и со книгите. Си давам за задача да прочитам барем по една книга неделно, најчесто стручна литература. И намерно порачувам неколку книги однапред и си ставам уште неколку на листата за да се присетам колку не знам или уште колку имам за истражување. Нема крај. И не треба да има.

 

Слични објави

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо

„Се чувствував како несакано дете“: Наташа Беквалац проговори за нејзиниот татко, сакал син, но добил три ќерки

Еспресо

(Видео) Прескап подарок: Ана Николиќ се смири со дечкото и доби скапоцени подароци!

Еспресо

Анџелина Џоли не му дозволува на Бред Пит да се ожени младата Инес

Еспресо

(Фото) Снаата на Цеца блесна на славата на Свети Никола: Богдана позираше со сестрите Наташа и Бојана во вилата на Дедиње 

Еспресо
Се вчитува....