3.8 C
Скопје
00:45 - 21 декември, 2024

ИСКРЕНО СО ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ: Заминувањето на Ванчо е единственото нешто што не можам да го прежалам во животов

Роден кичевчанец, дипломоран актер, а несуден инженер, школуван од животот, дошколуван на театарските штици, Гоце Тодоровски со право се вбројува во неколкуте актерски имиња кои оставија свој белег во македонската театарска и филмска сцена.

фото – приватна ахива

Во театарските води запловил брзо благодарение на неговиот талент, движејќи се брзо по спиралата на успехот.

Забележителен печат остава во еден од 10-те најдобри филмови во Југославија ,,Среќна нова 49та“. Филмот во 1987ма беше југословенски кандидат за 59. доделување на Оскарите, во категорија за странски филм.

– Среќна нова е снимен 198…и некоја, веќе не се сеќавам точно. Јас веќе бев познат како Гоце Тодоровски – глумецот. Јас му бев првиот другар на главниот лик, Светозар Цветковиќ, бев еден од тепачите во бандата, бев најнизок, а жилав. Специјалност ми беше да удирам со глава – ни раскажува Гоце.

„Извини Пиги, морално беше”,„Исток нѐ отпиша, Запад не нѐ запишуе“ се само мал дел од репликите што останаа во секојдневниот речник на генерациите по овој филм

– Извини Пиги, морално беше, јас целиот крвав, искршен од ќотек, морав да му ги извадам куршумите од пиштолот. Каква сцена беше, кога се снимаше беше студена зима, јас целиот раскрвавен, сѐ уште го паметам вкусот на вештачката крв, како искршена цигла, мене ме фрлаа, доле имаше направено една баричка, јас мокар, надвор ладно, па и Пиги го искршија од ќотек…- се сеќава Гоце.

Сеќавањата за филмските сетови и снимањето на „Среќна нова 49та“ за Гоце се сѐ уште свежи.

– Додека снимавме во една пустелија, со напуштен рудник, сцената со размената на пеницилинот, Светозар – главниот лик правеше склекови, а јас демек му броев. Истовремено уринирав до едно дрво. Дојде едно куче и режисерот реши да фрли јадење за да се вртка кучето тука. Арно ама додека јас мокрев, кучето пројде каде што не требаше и веднаш отиде кај Пиги, кој правеше склекови и му пројде под брадата кај устата. Го измачка со урина. А тоа време ги немаше оние америќки системи да стиснеш и да тече урина, туку пред снимањето пиев кисела вода, сокови за да имам полно бабуле..ха,ха,ха – со насмевка се сеќава Гоце.

Гоце се докажа и со улогата на Кирца молерот во „Викенд на мртовци“, уште еден  култен македонски филм, снимен во далечната 1988 година.

– „Викенд на мртовци“ е посебна приказна, тоа е една од најкултните и најгледани претстави, па потоа и филм. Јас заедно со Чоре – Благоја Чоревски, глумевме молери. Таа сцена требаше да трае 12 минути, но со нашата изведба ја направивме да трае половина час. Дури ни допишаа сцена во вториот дел од филмот само за да се појавиме повторно – објаснува Гоце.

Еден од првите големи успеси ги доживува со улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ и ја добива наградата за најдобра машка улога.

– Солунски патрдии е играна 21 година. Почнав како млад со Сабина Ајрула, игравме дечко и девојка. Остаревме и пак ги игравме заљубените Цанде и Фатиме. Премиерата ја имаше во 1979 година, а следната ми ја доделија наградата за најдобра машка улога. Иако Цанде не беше главен лик, по големина на текст беше некаде 5та по ред мислам, јас заедно со Ванчо успеав да ја направам главна улогата и претставата да се памети по Цанде.

Вели дека Ванчо е крив што станал актер, дека татко му не можел да замисли да биде нешто друго освен инженер.

фото- приватна архива

– Татко ми беше воено лице и не можеше да замисли да бидам нешто друго освен инженер. Се запишав на Градежно, бев еден од најдобрите ученици во класот. Исто со мене заврши и Ванчо, заедно бевме од 5то одделение. Тој сакаше да оди на глума веднаш, затоа замина за Софија, таму се запиша. Прва година заврши тој во Софија, јас во Скопје. Заедно со другари отидовме летото во Бугарија на одмор. Е сега, кога се враќавме, на граница не му го вратија пасошот само на Ванчо. Му рекоа ќе си го земеш во Скопје, ама не го зема. Затоа мораше да се префрли тука на Академија. Тогаш беа и уписите. Почна да ме наговара да се запишеме заедно. Му велев, како бре да се запишам, ако ме примат што ќе правам, а тој ми рече, ќе ќутиш, никој нема да знае. Од 70 кандидати ме одбраа во 7те кои се запишаа. И ќутев сè до завршувањето на Академија. Кога сосема случајно и моите дознаа. Кај нас беа едни пријатели на татко ми. Да се пофали со синот ми го побара индексот. Е тогаш дозна…- се сеќава легендарниот македонски глумец.

Генерации и генерации Македонци израснаа со Македонските народни приказни. Популарноста ја достигнаа во деведесетите години благодарение на одличната идеја и порака која ја носеа со себе, но и на актерската екипа која одлично ги одигруваше улогите.

– Со „Македонските приказни“ и „Хихирику“ бев среќен актер, затоа што работев во најслушаната радио емисија и најгледаниот телевизиски проект, заедно со Ѓорѓи и Шенка Колозови и јас и Ванчо, ние бевме костурот и основоположници на брендот Македонски народни приказни. Имам снимено преку 600 приказни и честопати се фалам дека јас имам поголема минутажа стоено пред камера отколку Џон Вејн со 32 филма. – вели Гоце.

фото – приватна архива

Едно нешто Гоце никогаш не може да прежали, а тоа е неговиот кум, другар и колега Ванчо Петрушевски.

– Ние бевме незаменлив тандем. Знаевме што ќе се случи кога ќе бевме заедно во некоја комедија. Нема ден да не го споменам, си помагавме еден со друг, за секоја улога. Доживеав голема тага и жал со неговото заминување.

Има уште многу што да се раскажува за животот и делото на Гоце Тодоровски, тој е првиот актер кој го крсти својот син со исто име, а неговата ќерка со името Сашенка, Македонка со руско име. Тој е личност кој мрази погреби, да може не би си дошол ни на сопствениот погреб. Сака во иднина да напише автобиографска книга, но тоа ќе го остави за подоцна.

фото – приватна архива
фото – приватна архива

 

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....