10.8 C
Скопје
02:01 - 3 мај, 2024

Интервју со Стефче Стојковски: Ми пречи што и шуто и рогато со она што вреди се става на исто рамниште

Разговараме со Стефче Стојковски, музичар, чувар на македонските песни, ора и народни инструменти.

Народниот гениј е негов најголем учител. Национално музичко богатство за него се македонските песни, ората и народните изворни инструменти, но смета дека тоа воопшто не го цениме затоа што прво и основно не сме го заштитиле, ниту пак брендирале како македонско и единствено. Фото – приватна архива

Разговараме со виртуозот на кавал, гајда и други народни инструменти, признат и почитуван насекаде низ светот, чувар на македонскиот музички идентитет, непродадена душа, Стефче Стојковски. Во животот сè постигнал со многу љубов, труд, упорност, работа, вежбање и посветеност. Љубовта кон народните инструменти ја добил од неговте дедо и татко, долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли. На седум години почнал да свири на кавал, а на девет ја имал првата аудиоснимка. Покрај кавал, Стојковски свири на гајда, зурла и тамбура.

Кој беше твојот најголем учител?

– Мојот прв учител беше мојот дедо, потоа мојот татко (доктор Панче Стојковски, н.з), а учев и од сите врвни народни музичари од цела Македонија. Народниот гениј е мојот најголем учител. Редовно го слушав радиото, изворните песни и ора, бев присутен секаде каде што се свири, се пее, се игра… Тоа е мојата животна ука.

Што е според тебе наше национално музичко богатство и колку го цениме, го негуваме ли?

– Национално музичко богатство за мене се македонските песни, ората и народните изворни инструменти. Тоа ние воопшто не го цениме затоа што прво и основно не сме го заштитиле, брендирале како македонско и единствено. Ме радува фактот што сè повеќе млади ги учат изворните инструменти, песните и ората, го негуваме ова наше богатство, но ако не се напиете вода директно од изворот, не ја разбирате суштината и чистината. Пиете флаширана вода, негуваме квази традиција или помодарство.

Ме радува фактот што сè повеќе млади ги учат изворните инструменти, песните и ората. Фото – приватна архива

Од друга страна, сè поголем е интересот на странците за твоите семинари за традиционална музика и танц кои секоја година ги организираш, треба ли некој од надвор да ни каже што ни е добро дома?

– Голем е бројот на странци што се интересираат за македонската музика, кои доаѓаат на мојот семинар, а и кои ме канат во странство на врвните светски универзитети да го пренесам моето знаење. За жал, кај нас и некој од надвор да ви каже што е добро, не се цени. Ова го кажувам од сопствено искуство, бидејќи речиси сите мои награди, признанија, дипломи, плакети, благодарници и сè друго се добиени од странство.

Итно треба да се обноват оркестрите во МТВ, да се врати украдениот музички материјал во фонотеката на МТВ, да се направи дигитализација на севкупниот музички материјал во МТВ, Институтот за фолклор, „Танец“, ФМУ … И масовно да се собере македонското музичко богатство. Фото – приватна архива

Што најмногу ти пречи на нашата музичка сцена?

– Ми пречи што и шуто и рогато, и тоа што го бива, и тоа што не го бива, се става на исто рамниште. Ми пречат лажни вредности, самоназначени титули и лажни авторитети кои се наметнуваат, управуваат и одлучуваат што и како… Ми пречи кичот, извитоперувањето на песните и ората.

Со какви очи гледаше на годинешниот избор на песна за Евровизија?

– Што сме си посеале, тоа ќе си жнееме. Во последниве години за мене Евровизија не е радост, туку тоа е парада, циркус, место каде што излегуваат кловнови, циркузанти, нема никаква музичка вредност и никакво национално обележје на секоја држава учесник.

Си се пријавил ли некогаш на конкурсот на Министерството за култура за финансирање на проекти од национален интерес?

– Да, сум се пријавил, но дали ќе поддржат мој проект или не од страна на Министерството за култура, ништо не ми менува во мојата дејност. Годинава, а и последниве години се случуваат многу шарени скандали и афери и сето тоа го нарушува угледот на државата и културата на Македонија и на нас Македонците.

 Што според тебе треба итно да се направи во однос на музичкиот македонски идентитет, наместо да се седи со скрстени раце?  

– Итно треба да се обноват оркестрите во МТВ, да се врати украдениот музички материјал во фонотеката на МТВ, да се направи дигитализација на севкупниот музички материјал во МТВ, Институтот за фолклор, „Танец“, ФМУ … И масовно да се собере македонското музичко богатство. Да се направи брендирање на инструментите, да се отвори музеј на музиката на цела етничка Македонија и многу други работи… имам уште многу други идеи и размислувања во тој правец, но ако тие што се на позиција, што се одговорни да го спроведат сето ова и да реализираат се и глуви и слепи, тогаш одиме во бездна од каде нема враќање.

 

 

Слични објави

„Зошто браќа?“: На Јелена Карлеуша откажан ѝ е настап во Црна Гора

еспресо

Џина Џиновиќ повеќе не може да молчи: Јавно се закани, хаос во вилата во Сењак

Еспресо

(Фото) Врелите фотки на Ена Попов го запалија интернетот: Пејачката го покажа телото во секси бикини

Еспресо

Наташа Беквалац ослабела 10 килограми: Пејачката откри кои намирници се дел од нејзиното мени

Еспресо

„Ете пак…“: Никола Роквиќ доживеа трогателен момент по патот кон Грција

Еспресо

Синовите на Лепа Брена имаат уште по едно име: Стефан го откри неговото вистинско име и на брат му

Еспресо
Се вчитува....