На околу два километри од брегот на Преспанското Езеро се наоѓа најголемиот природен остров во Република Македонија – Голем Град (Змиски Остров или Св. Петар).
Голем Град е единственото копно во Република Македонија опкружено со вода на кое природните услови во содејство со човековите активности создале уникатна природа. Оваа уникатност и преземените мерки за нејзина заштита, придонеле со текот на времето островот и шумата од фоја на него да добие дури и духовно значење.
View this post on Instagram
Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности. Два километри долгиот воден пат од селото Коњско води до оваа природна тврдина, издигната 30 м над езерската вода и со површина од 18 хектари. Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.
Искачувањето на островот е можно само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, каде што постојат мали плажи и пукнатини во карпите до кои може да се пристигне со чамец.
Островот има елипсовидна форма со должина 750 м, а широк е 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и клифови со височина од 20 до 30 метри. Над нив се оформува плато со две возвишенија на северниот и јужниот дел на островот кое на бреговите завршува со мали заливи. Овие два заливи се единствените места од кои може да се пристапи на платото.
View this post on Instagram
Опкружувањето со големата количина на вода, геолошката подлога и близината на медитеранот овозможиле на островот да владее посебна микро клима која е причина за појава на богата и ретко распространета вегетација, во која доминираат јужноевропските флорни елементи. На островот Голем Град според академик Ханс Ем, јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја (Biaro tenuifoliae-Juniperetum excelsae) и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка (Pruno webbii-Celtetum glabrae). Најмногу е застапено шумското растение фоја (Juniperus ekcelsa) што вирее и на самите карпи и претставува реткост. Заради бавното растење се претпоставува дека најголемите полусуви стебла се постари од илјада години. На островот има стебла постари од три века.
Пеликанот како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, кај нас го има единствено на двете Преспански Езера (Големото и Малото). Оваа птица не нурка под водата, туку само плива на површината. Со силниот инстикт ги открива јатата со риби и штом ќе долета на целта, до него слетуваат јата корморани, кои гонејќи ги рибите со нуркање создаваат симбиоза – заедничка исхрана, што е навистина многу интересна појава.
View this post on Instagram
На островот Голем Град има два вида змии. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна. Во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок. Правени се обиди за нивно уништување со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но поголем успех не бил постигнат.
Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и исражувањето на остатоците на населбите од неолитот, хеленистичкото и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви, а постоеле дванаесет. Островот бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век.
Островот има три пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“.
View this post on Instagram
