Блогерката за храна Валентина Стојановска стои зад профилите на социјалните мрежи „Готвиме заедно со Теофанија“.
Секојдневно таа своите следбеници ги радува со рецепти за сечиј вкус, надополнети со преубави фотографии од јадења кои ги предлага. Со оглед на тоа колку се нејзините рецепти креативни и инспиративни, нема сомнеж дека и самата Валентина е подеднаво таква – вистинска уметница во кујна.
Желбата за готвење ја негува од детството, а за тоа се заслужни нејзината мајка и баба ѝ, Цана. Имено, од баба ѝ научила како се сука, како се готви под вршник, а и си го истенчила непцето да распознава домашна храна од индустриска. И денес, таа им дава предност на домашните намирници.
Валентина е сопруга и мајка на 4 деца, од кои две се близнаци. Па, можете да си замислите сега како оваа жена која има најмалку десет (невидливи) раце, како божица од индиската митологија, успева сè да стокми и да постигне.
А, најде време денес и за нас. Однонсо за вас – читателите, па ни зготви три посни ем супер-вкусни јадења совршени за радосен гастро викенд со најблиските.
Мини фокачи со маслинки, рузмарин и лук (посно)
Мирисен колач со праски (посно, веган)
Трошкаста пита со шумско овошје (посно, веган)
Или крамбл со шумско овошје и лешници. За кратко време ќе имате вкусна, слатка, посна закуска!
Сварете си го омилениот чај и уживајте со семејството и пријателите!
Состојки за подлога и посип
150 гр овесни снегулки
100 гр мелени лешници
3 лажици кафеав шеќер
7 лажици растопено кокосово масло
сок од 1 мал портокал
1 лажичка сода бикарбона
За премачкување
300 гр џем од шумско овошје или
За подготовка на џем
300 гр шумско овошје
2 лажици густин
кора од лимон или портокал
4 лажици шеќер или по вкус
Подготовка
1. Сите состојки за подлога (прво сувите па течните) ги соединуваме.
2. На хартија за печење со лажица ја втиснуваме/распоредуваме половината од смесата.
3. Врз неа го ставаме џемот па посипуваме со остатокот од овесната смеса.
4. Печеме во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.
Забелешка
Јас имав готов џем од шумско овошје, ама можете и сами да си го подготвите. Ако го подготвувате сами во тој случај во смесата за подлога ставете сок од 1/2 портокал затоа што џемот е малку потечен од тој што јас го користам. Така подлогата фино ќе ги впие соковите од овошјето. За подготовка на џемот сите состојки ставете да вријат околу 5 минути.