Во нашата боемска култура и практика фокусот е ставен на ракија и вино, па ретко кој се нафаќа и инспирира да произведува домашно пиво…
Во Битола има микро-пивара водена од браќата Горан и Марјан Бакревски, кои сега за сега произведуваат пиво за најблиските, но во блиска иднина ќе произведуваат пиво и за сите нас. Тие се совршен пример за тоа, како едно хоби во кое е вложено љубов и труд може да донесе производ кој ќе им биде драг и на луѓето надвор од најблиската заедница. Во посета на пиварата, го запознавме Горан кој ни раскажа и покажа како се прави овој универзално обожуван „сок од јачмен“ и не почести со ладна чаша преубаво, домашно пиво!
Како настана идејата за пивара?
– Идејата за производство на пиво настана пред повеќе од 6 години кога јас и брат ми, љубители на пиво, решивме да си направиме наше пиво за свој вкус. Иако процесот
изгледаше едноставен на почеток, наидовме на многу препреки за да направиме готов производ. После многу учење и пробување во кујната со неколку поголеми садови го
направивме првото пиво. Кога нашите пријатели го пробаа пивото посакаа да го конзумират почесто па моравме да правиме се почесто и почесто. Иницијативата за проширување на капацитетите и отворање на микропивара е на Марјан кој во 2019 година ги купи првите поголеми садови за пиво. После тој чекор пасијата за пивото се продлабочи кај него и ја пренесе кај мене, раскажува Горан Бакревски.
Каков е процесот на правење на пиво?
– Како што предходно напоменав, процесот на почетокот ни изгледаше многу едноставен па и така ќе го објаснам. За пивото користиме јачменов слад од кој ги екстрахираме шекерите во вода и заедно со хмељот кој дава и мирис и вкус ги вариме. На крај го додаваме квасецот кој е виновен сите овие состојки да прераснат во едно прекрасно пиво.
Каква беше реакцијата на средината и како бевте прифатени од вашите ,,муштерии’’?
– Можам да кажам дека без исклучоци, идејата за правење на пиво за дома а подоцна и комерцијално производство е прифатена позитивно од целата средина. Премногу
пријатели и сограѓани придонесуваат за развој на микропиварата на свој начин. Најбитна е поддршката од најблиските кои безрезервно го направија тоа.
Кога ќе се официјализира пиварата и кога ќе биде достапно пивото и каде?
Пиварата е во финален процес на официјализација. Првенствено планираме пивата да ги има во Битола во пабови, ресторани и кафе-барови па потоа да се шириме во другите
градови во Македонија. Нашето најново пиво, прво безалкохолно крафт пиво во Македонија ќе го има во Тинекс маркетите низ Македонија како дел од проектот на Тинекс и ФИТР – Стартапувај.
Кој е одговорен за дизајнот на пивото?
-Сегашната етикета ја црташе познат битолски уметник Дарко Ристевски – Виљушката. Идеата е на етикетата да стои камелеон кој лесно може да се пребои во зависност од бојата и видот на пивото. Графичкиот дизајн во моментов го работи Ѓорѓи Димитров и за кратко ќе биди претставен на пивата.
Дали ви е/ќе ви стане примарна професија или е хоби/пасија?
-Марјан е дипломиран музичар – кларинетист. Професор е во музичкото училиште во Битола. Јас сум Стоматолог и работам во своја ординација. На почетокот пиварата ни
беше хоби но веќе прераснува во професија па се повеќе време посветуваме во пиварата, одговара Горан.
Кое пиво најмногу се пие и што прво треба да пробаат муштериите?
-Произведуваме крафт Пејл Ејл, Стаут и Безалкохолно пиво. Бидејки немаме премногу пива препорачувам да се пробат сите па да се одбери омилено. Јас најмногу пијам Пејл
Ејл. Безалкохолното го препорачуваме за спортисти, трудници и сите оние кои несакаат да конзумират алкохол.