Македонската манекенка Катиа Донева, која во јавноста е позната и по прекарот „македонската Барби“, ќе ја претставува Македонија на годинашниот избор за Мис Универзум.
Јубилејното 75. издание на меѓународниот натпревар за убавина е најавено за 24 ноември во Сан Хуан, Порторико, каде што Донева ќе се претстави пред светската публика.
Веста за нејзиното учество беше споделена на инстаграм-профилот „75th Miss Universe“, каде што македонската претставничка беше најавена со фотографии и порака за поддршка.
„Од срцето на Балканот, каде што древната историја се спојува со безвременската сила и блескавата убавина, до светската сцена“, стои во објавата.
Во продолжение, Донева е претставена како жена со самодоверба и елеганција, која ќе ги носи македонските бои на престижниот избор.
„Запознајте ја Катиа Донева, Мис Универзум Македонија 2026“, се наведува во објавата, со порака дека ја има целосната поддршка во ова ново поглавје од нејзината кариера.
View this post on Instagram
За Донева, меѓународните модни настани не се непознат терен. Таа веќе неколку години гради кариера во модната индустрија, а неодамна беше дел и од Париската модна недела, еден од најзначајните настани во светот на модата.
Катиа е сестра на македонската телевизиска водителка Верица Донева, а нејзиниот впечатлив изглед и русата коса ѝ го донесоа прекарот „македонската Барби“.
