11.8 C
Скопје
09:52 - 25 април, 2024

(Фото) Елена Мирческа го освои највисокиот врв во Северна Африка, а Мароко ни го донесе на дланка: Оваа арапска магија обзема и засекогаш станува дел од тебе!

Високите врвови се дел од нејзината агенда. Спојува две страсти, планинарење и запознавање на различни светови и култури. Тело и ум во топ форма, но позади тоа стои многу напорна работа, секој ден без исклучоци. Елена Мирческа го освои највисокоиот врв во Северна Африка, а ние сме особено горди на секој нејзин подвиг. Секогаш со посебна страст раскажува за нејзините патувања и авантури, за фитнесот, за исхраната и за своите клиенти чии животи ги менува од ден во ден.

Фото: Приватна архива

Овој пат Елена со посебно внимание ни ја пренесе убавината на Мароко, земја на контрасти, изненадувања и незаборавни спомени.

Мароко, како земја со невообичаено разновидна природа и незаборавни глетки ќе ги изненади оние кои се доволно храбри да ја откријат нејзината мистичност и убавина.

Фото: Приватна архива

Елена ја искуси убавината на Мароко од сите аспекти, а срцето и чука забрзано кога зборува за нејзината последна авантура.

Фото: Приватна архива

Колку време посакуваше да го освоиш овој врв?

Имам листа на врвови кои се на мојата агенда, но кој од поголемите врвови ќе биде на ред, обично зависи од приликите кои излегуваат. Атлас и Мароко беа планирани уште пред ковид пандемијата, оправдано се одложија цели две години и едноставно сега им дојде редот.

Фото: Приватна архива

Обично секој планинар има желба да ги искачи највисоките врвови, кои се разбира, се во неговиот домен (кондициски и материјално), во различни делови на планетата.

Фото: Приватна архива

Кога одиш да искачуваш некој врв во друга земја или на друг континент, тоа не е само планинарење, туку е и комплетно патување и запознавање на различни светови и култури. И обично се држиш до одредени планинарски клубови и луѓе со кои имаш и предходно искуство и се чувствуваш пред се безбедно, а секако целиш и на добра дружба.

Најубавите спомени од овој вид, јас и моите пријатели ги имаме со планинарското друштво „Балкан“ од Белград и нашата драга Миланка Арсиќ.

Фото: Приватна архива

Три месеци пред тргнувањето? Како се хранеше, колкав беше интензитетот на тренинзите, кои се финалните подготовки кои треба да се направат за човек да биде спремен за овој планинарски подвиг?

– Секако дека за високогорство треба да се има добра психофизичка кондиција. Мене таа не ми недостасува со оглед на мојата работа како фитнес тренер, која ми овозможува постојано да бидам активна. Но кога се работи за високи планини над 3.000 мнв, физичката спремност не е едниственото нешто што ти е потребно.

Фото: Приватна архива

Потребно е планинарот да има претходно искуство на искачување и краток престој на одредена висина, што е можно почесто, како неговото тело би се навикнало на намалената концентрација на кислород која над 3000 мнв е редуцирана за една четвртина спрема концентрацијата на кислород која ја има на нивото на морето.

Фото: Приватна архива

Како одиш нагоре, кислород има се помалку и може да делува животозагрозувачки. Поради тоа мора да се движиш исклучително бавно, како телото со секој следен чекор нагоре би се навикнувало на поредок воздух. Исто така е многу важна аклиматизацијата, односно краток престој на одредена висина.

Што се случува на големи висини и кои се ризиците по човековото здравје?

– Ризиците може да бидат животозагрозувачки! Висинската болест може да доведе до нарушување на повеќе телесни функции, затоа што телото е исфрлено од својата хомеостаза и не знае како да се справи со недостатокот на кислород во клетките. Може да започне со вртоглавица, заматен вид, главоболка, намалување на рефлексите и губење на контролата над мускулите, понатаму до лоша ментална состојба, непресметливост, повраќање, дијареа, крварење и губење на свеста. Доколку навремено не се препознаат симптомите, за брзо време може да настане едем на мозокот или белодробните крила и да настапи кома или смрт. Во таков случај, загрозениот мора во најкраток можен период да се симне на што пониско, обично 500м до 1000м е доволно телото да се врати во нормала.

Фото: Приватна архива

Затоа е многу важно да се оди со тим кој точно знае како да се однесува и грижи за групата. Обично на високите планини, законски е точно определено колку водичи треба да има на одреден број планинари, кои би ги следеле и препознале овие симптоми и навремено реагирале. На пример, во националниот парк Тоубкал во Мароко, пропишано беше да има еден водич на 5 мина планинари.

Спои две страсти планинарењето, но и запознавање на различни светови и култури. Раскажи ни за сите убавини кои ги искуси во Мароко

– Мароко е таканаречена порта на Африка кон Европа поради тоа што е оддалечено само 15-на километри од нашиот континент. Тоа е земја со богата култура и историја и е невозможно да се истражи доволно за едно патување од 10-на дена. Но и еден ден е сосема доволен да се препознае питомоста и гостопримството на населението кое е постојано расположено да ве покани на чај и да ви раскаже нешто повеќе за својата земја.

Фото: Приватна архива

Ние имавме прилика да посетиме три градови, Маракеш, Рабат и Шефшауен, или попознати како црвениот, белиот и синиот град. Секој од нив трите си има своја посебна карактеристика и во ниту еден од нив не се чувствуваш како да си во иста земја!

Фото: Приватна архива

Маракеш е црвениот град, поради тоа што сите градби се обоени во црвенкасто – пастелни бои, а воедно и најголем и најпосетуван од туристи на југот на земјата. Спој на раскош од едната и беда и хаос од другата страна. На една страна ќе видите фасцинантни градби како од филмовите, со раскошни зданија, паркови, базени, ресторани, сите уредени во препознатлив марокански стил. Таму животот е мирен и нема многу движење. Од друга страна е стариот дел Медина, со тесни улички и начичкани продавници во кои од сите страни ти нудат се и сешто и постојано те убедуваат да купиш по специјална цена само за тебе! Плоштадот Џема Ел Фна кој денски додека е топло е мирен и скоро празен, но штом го снема сонцето се претвора во еден огромен панаѓур на кој што на исто место може да видиш дресирани кобри, мајмуни, акробати и монтажни ресторани каде храната се спрема на улица во мизерни услови. Она кое ни беше најфасцинантно и со страв моравме да се прилагодиме, е хаосот кој владее во сообраќајот во кој нема правила, а сепак функционира усогласено, што мора да севиди и доживее за да се поверува!

Фото: Приватна архива

Вториот град кој го посетивме беше главниот град Рабат, кој е цел во бело и излегува на Атланскиот океан. Во него добивме целосно поинаква слика за Мароко од онаа која ни ја даде Маракеш. Градот е европски, со модерни градби кои се претопуваат во автентичната мароканска архитектура, смирен, далеку почист од се останато што дотогаш видовме во Мароко. Дури и самите луѓе се поразлични, смирени и со повисоко ниво на култура.

Фото: Приватна архива

Имавме прилика да се бањаме во Атланскиот океан на една од двете поголеми градски плажи и тоа за нас беше едно ново искуство исто така. На почетокот се двоумевме, затоа што жените не се капеа во бикини, туку по кратки блузи и шорцеви, додека повозрасните и целосно облечени во бурка. Меѓутоа, иако на покултурен начин, љубезноста на населението и питомоста кон туристите, не изостана ни во главниот град.

Фото: Приватна архива

Третиот град кој го посетивме беше веројатно највпечатлив. Шефшауен или синиот град, каде се е обоено во сина боја и ти дава посебно чувство како да си на некоја друга планета. Чувме две различни приказни зошто баш сина боја. Првата приказна беше поради заштита од комарци, затоа што населението верувало дека ќе се заштитат од нив доколку целиот град има боја како вода и би ги одбивало комарците од таму.

Фото: Приватна архива

Втората приказна е поради верувањето дека сината боја е бојата на рајот. Како и да е, импресиите кои ги добиваш додека шеташ низ тоа синило, остануваат засекогаш во сеќавањата. И таму народот е љубезен и опуштен, но на еден поинаков начин, ненападен и често игнорантен, како да живеат во некој свој свет, а туристите се еден непотребен и пролазен дел од него.

Секако дека не смеам да ги изоставам и планинските села, поточно нашето село во кое бевме сместени пред и по слегувањето од Атлас, селото Имлил. Таму владее тотален минимализам, градбите се идентични, во пастелни бои претопени во планината. Со по неколку продавници со основните намирници и неколку продавници со половна планинарска опрема наменети за туристите, две-три ресторани и тоа беше се што можевме да видиме таму. Поминува само една река и двата брега и се полни со зеленило и населени, додека над зеленилото од двете страни се креваат планините со своето сивило од карпи.

Фото: Приватна архива

Кога заминавме од Мароко, скоро сите бевме согласни дека тоа е земја која ја посетуваш еднаш и е доволно, тотално различна и во голем дел непривлечна за западната култура точно поради хаосот и нехигиената која владее насекаде. Но како поминува времето, сфаќам дека сепак сакам да се вратам и да ја доистражам, да посетам и други делови, зошто очигледно се што посетивме беше различно.

Фото: Приватна архива

Веројатно тоа е таканаречената арапска маѓија која те обзема и станува дел од тебе и секогаш ќе ја имаш таа тенденција еден ден повторно да и се вратиш! Дали ја препорачувам како дестинација? Апсолутно да!

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Слични објави

Се огласи сопругата на Никола Роквиќ: „И ние тргнуваме на пат за Грција…“

еспресо

Астропрогноза за четврток, 25 април: Скорпиите да не преземаат ризик, за Девиците неочекувани обврски

еспресо

Бела низа денови: Два хороскопски знаци ги чека исполнување на соништата

еспресо

(Фото) Никола Роквиќ запеа со уличен музичар: „Патот е секогаш посреќен со песна!“

еспресо

Вртоглав успех: Два хороскопски знаци ќе направат пробив во кариерата на крајот на месецот

еспресо

Нина Бадриќ си ја отвори душата: Платив висока цена, психопати пробаа да ме малтретираат

Еспресо
Се вчитува....