14.8 C
Скопје
10:30 - 27 април, 2024

д-р Славјанка Станоевска-Стојковски: Бебето ги добива гените на биолошките родители, а не на сурогат мајката

Во светот мал број држави имаат законска регулатива со која се овозможува примена на сурогатство, меѓу кои е и нашата земја од 2014 година, кога беа донесени измени во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, со што се воведува терминот гестациски носител.

Случајот со српската пејачка Марија Шерифовиќ, која со помош на сурогат мајка доби дете, му даде на сурогат мајчинството актуелност во регионот.

За тоа колку е достапно, како функционира и кои се процедурите за сурогат мајчинството во Македонија, разговараме со д-р Славјанка Станоевска-Стојковски, специјалист гинеколог-акушер.

Што претставува сурогат мајчинството?

– Сурогат мајка е жена што се нафаќа да ја износи бременоста и да роди бебе, не за себе, туку за други родители, откако во нејзината матка ќе биде внесен ембрион или ембриони зачнати по пат на „ин витро“ постапка. Бебето ги добива гените на биолошките родители, а не на сурогат мајката. Таа е негов привремен дом додека расте во нејзината матка во текot на бременоста. Постапката се спроведува со тоа што прво биолошката мајка на бебето добива хормонска стимулација во тек на ИВФ-процедурата со цел добивање повеќе фоликули. Потоа следува постапка на пункција и добивање јајце клетки, и иститетие се оплодуваат со сперматозоиди од таткото. Истовремено, со терапија се подготвува и матката на сурогат мајката да може да го прифати ембрионот или ембрионите добиени во постапката. Доколку се оствари бременост и концепција, подоцна таа се следи.

Колку во Македонија е актуелно и во кои случаи се применува сурогат мајчинството?

– Во светот мал број држави имаат законска регулатива со која се овозможува примена на сурогатство, меѓу кои е и нашата земја од 2014 година, кога беа донесени измени во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, со кои се воведува терминот гестациски носител. Во Министерството за здравство постои и регистар на гестациски носители. Постојат и определени критериуми по кои една брачна двојка може да има право на спроведување на постапката. Овде спаѓаат брачни двојки кај кои жената е со вродена малформација на гениталниот систем (отсуство на матка), пациентки кај кои е отстранета матката поради претходно дијагностицирана состојба на малигнитет кај кои е перзервирана оваријалната функција, кај пациентки со системско заболување кај кои е контраиндицирана бременоста поради можноста за влошување на општата здравствена состојба, кај пациентки со хормонално зависни малигни заболувања итн. Исто така постојат и услови што мора да ги исполнат и гестациските носители т.е. сурогат мајката, тоа може да бидат жени од најмалку 25 години и повозрасни кои се во добра општа и здравствена состојба, која ѝ овозможува на жената здрава бременост и раѓање здраво дете. Да биде мајка на најмалку едно дете и да бидат државјани на нашата земја. Брачната двојка има право да побара поведување на две постапки на биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, кои успешно ќе завршат со раѓање на по едно живо дете од секоја постапка, додека гестацискиот носител има право само еднаш да роди живо дете за друг.

Какви се процедурите и колку чини?

– Прв чекор што треба да го направат заинтересираните е да се обратат до Министерство за здравство со доставување документација како потврда дека ги исполнуваат горенаведените услови. Министерството води два регистри: еден за жените за потенцијални гестациски носители, а другиот за брачните двојки. Втор чекор што треба да го направат брачните двојки е да поднесат барање за избор на гестациски носител (изборот го врши самата брачна двојка). Третиот чекор е поднесување на барање за отпочнување постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител по претходно стручно советување од страна на Комисија за психолошко советување и Комисијата за правно советување. Доколку од Министерството за здравство се утврди дека се исполнети сите услови, се склучува договор за уредување на меѓусебните права и обврски што произлегуваат од самата постапка.

Во Македонија сè попопуларна е „ин витро“ методата. Постои ли старосна граница за ИВФ-третман? Дали староста влијае врз шансата за забременување?

– Сè поголем е бројот на парови што се соочуваат со проблемот за неможност за остварување концепција по природен пат и потребата од биомедицинско оплодување. Сè уште се дискутира дали навистина е зголемен процентот на неплодност или сето ова е резултат на поголемата достапност на дијагностички и терапевтски модалитети во последните години. Возраста секако е еден од ограничувачките фактори што ја намалува успешноста од ИВФ-третманот. Неплодноста поврзана со старост е најтесно поврзана со загубата на вијабилни ооцити (јајце клетки). Во феталниот живот, женскиот фетус има околу седум милиони ооцити, што ќе се намали на два до три милиони по раѓање. Тековната атрезија продолжува во текот на репродуктивниот период на жената со околу 300 илјади фоликули во пубертет и помалку од 1000 фоликули на почеток на менопауза. Секако, како жената старее, постои значителен ризик од генетски абнормалности како и митохондријални делеции во останатите ооцити. Сведоци сме на денешното време каде е одложено раѓањето на првото дете по триесеттата година поради целокупниот начин на живот. Со определени тестови можеме да ја одредиме оваријалната резерва и тоа само квантитативно, за жал процесот на стареење е иреверзибилен и се одразува и кај јајце-клетките што со староста го губат квалитетот и на тој начин се намалува успехот при ИВФ-третманот.

Дали изборот на пол се врши со ИВФ-третман?

– Определување на полот може да се изврши со генетско тестирање по ИВФ-третманот, само доколку постои присуство на генетски болести што се пренесуваат преку половиот хромозом, во други случаи одредување пол е законски забрането. Имено, предимплантационата генетска дијагноза се препорачува за парови што имаат некои генетски болести (цистична фиброза, таласемија) и за парови кај кои не може да се оствари бременост и концепција поради повторувачки абортуси предизвикани од структурни хромозомски нарушувања (транслокации, инверзии).

Кои се ризиците од „ин витро“ третманот?

– Третманот за ИВФ вообичаено е без ризик и е многу безбеден процес, строго контролиран од цел стручен тим, гинеколог-акушер, ембриолог, анестезиолог. Во нашата клиника се остварува персонализиран и индивидуален пристап кон секоја пациентка. Во одделни случаи може да се дојде до несакана реакција од страна на медикаментите што се примаат во текот на стимулацијата во контекст на црвенило, болка на местото на нивна апликација, нелагодност. Во поново време со достапноста на медикаменти со подобрени својства, со подобрувањето на сите етапи од ИВФ-процесот, сè помалку сме сведоци на еден од покомплицираните несакани ефекти, а тоа е хиперстимулацискиот синдром на јајниците.

Што значи замрзнување на јајце-клетки кое е достапно и во Македонија. Која е процедурата и кому се препорачува?

– Криопрезервацијата на јајце-клетки односно замрзнување јајце-клетки се препорачува кај пациентки што планираат одложено родителство, пациентки со одредени видови канцер или други заболувања, кои ќе сакаат да остварат концепција по излекување на болеста. Процедурата за криопрезервација на јајце-клетки започнува исто како при „ин витро“ постапка, со што пациентката прима одредена хормонска терапија за да се добијат повеќе јајце-клетки во истиот циклус. При пункција тие се вадат и се собираат. Во лабораториски услови се одвива соодветна обработка и подоцна замрзнување на јајце-клетките. При процесот на замрзнување јајце-клетки можат да се замрзнат само оние што се зрели и со добар квалитет. Криопрезервацијата се врши со метод на витрификација односно брзо замрзнување, со што се овозможува ефикасно и безбедно замрзнување. Замрзнатите јајце-клетки се чуваат во посебни контејнери со течен азот на минус 196 степени.

Слични објави

(Фото) Силни зборови на Драгана Мирковиќ по разводот: „Многу сум посилна отколку што мислев, се сакам новата себе!“

еспресо

Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Астропрогноза за сабота, 27 април: Важно познанство за Лавовите, многу среќа за Скорпиите

еспресо

Среќлии во љубовта: Два хороскопски знаци ќе доживеат возвишена љубов во мај

еспресо

Кој е владиката Иларион кој го предводеше погребот Бојана Јанковиќ: Глумеше во популарна серија, па се замонаши

еспресо

(Видео) Драгана Мирковиќ со куфер во рака на аеродромот во Белград: Налета на Теја Дора која патува на Евровизија

Еспресо
Се вчитува....