Амбасадор на македонската кујна во Чешка е Ангел од Горно Лисиче, готвач со тапија, чиј животен пат го одвел во Чешка, не поради кујната туку од љубов. А судбината дотолку се погрижила за него што љубовта на Ангел била ќерка на газди на кафеана и слаткарница. За среќа на сите, така среде Острава никнала македонско-чешката гурманска оаза.
2013 година за Ангел Стојановски била многу брановита. Добил понуда за работа во Санкт Петербург, Русија, но требал да замине во Хрватска каде веќе работел неколку сезони. Ја прифатил поблиската варијанта, Ловиште. Сезоната почнала, гостите почнале да пристигнуваат, а меѓу нив и гости од Чешка. Така ја запознал сегашната сопруга Зузана. Неколку пати таа се враќала во Ловиште, па најпосле заедно заминале во Чешка. Родителите на Зузана биле сопственици на слаткарница и на мала кафеана.
Ангел и Зузана ја продолжиле традицијата, направиле реконструкција на старата кафеана и ја споиле со слаткарницата. Денес во ресторанот се служи балканска кујна, со акцент на македонската, а слаткарницата нуди чешки традиционални десерти и торти. Местото претставува македонско – чешка гурманска оаза. Се вика „Cukrářství Řehova & Culinary“, а се наоѓа во градот Острава, трет град по големина во Републилка Чешка.
Каде го научи гастрономскиот занает?
– Во 1993 година го завршив средното образование како готвач од трети степен и активно работам до ден денес во оваа професија. Готвењето е мојата прва љубов. Сум работел во најразлични ресторани, хотели, амбасади, сум учествувал воразлични телевизиски емисии. Зузана пак, е слаткарка, завршила школа за слаткарство и пекарство, љубовта кон оваа работа ја имала уште од мала, кога и помагала на својата мајка во составување на рецепти, а подоцна станува креаторка на десерти и торти. Сега мојата поубава половина се грижи за организацијата и производство на десертите и ми помага во кујната. Од пред четири години ни се придружи и помалиот син Стефан, кој исто така има завршено угостителско училиште, и ми помага во приготвувањето на специјалитетите. Јаболкото не паѓа подалеку од дрвото.
На кои специјалитети сте сконцентрирани, каква храна се нуди, што им препорачувате задолжително да пробаат вашите гости?
– Секогаш ја промовираме македонската кујна, музика, култура и традиција. Јадења имаме разновидни и по вкус и по изглед, застапено е меленото месо, кое сам го правам, Шарска плескавица, Невестинска плескавица, Гурманска плескавица, уштипци, гравче тавче со колбаси, имаме и специјалитет наречен Сабја, со неколку видови на месо, а со Сабјата сервираме гравче тавче и македонска салата. Од предјадења, тука се пиперките во лук, кајмак, ајвар, баница со праз, од салатите – Македонска, Шопска и Егејска салата. Нашата национална кујна е пообемна и опширна, има и многу алкохол, на што Чесите не се навикнати и им е многу интересно.
Може ли да се направи споредба меѓу чешката и македонската кујна, што е заедничко, што различно?
– Има многу сличности, но и разлики, како во начинот на приготвување, така и во вкусот и името на јадењата. Чешката кујна не е многу зачинета и не е толку мрсна како нашата, повеќе е застапено печењето и варењето на месото, имаат многу главни јадења кои кај нас се предјадења. Во чешката кујна е застапена кнедлата, леб многу не јадат, со секое јадење кое има сос се сервираат кнедлички. Кнедлите се прават од стар леб или од компири. Тука, во Острава, кој е рударски град, луѓето немаат многу слободно време преку неделата за да одат во кафеани како што е во Македонија, тука функционира тип на дневно мени, а се послужува од 11 до 14 часот. Потоа, сè е празно, многу ресторани затвораат.
Како Чесите ја доживуваат македонската кујна, што најмногу им се допаѓа?
– Чесите главно не се луѓе кои сакаат многу да експериментираат, тие најчесто се држат до својата кујна, но има и такви кои ја познаваат балканската кујна, а македонската кујна им стана блиска од телевизиските емисии што ги имав на Чешката национална телевизија. Ме прогласија за Амбасадор на македонската кујна во Чешка. Бев дел и од емисија снимена за странци во Чешка, „Бабилон“, каде се претставив како кувар, домаќин, љубител на мотори, производител на реплики на оружје и голем боемчина. Но има и многу Чеси кои патувале во Македонија и оттаму ја познаваат македонската кујна. Сепак, „нашироко и надалеку“ имам единствен ресторан со македонска кујна. Кога ќе дојдат кај мене, им ја претставувам Македонија, се почнува со салата и ракија и се завршува со ракија. Често се случува да ги однесам и дома, или тоа да го направи син ми, Стефан. Гостите што доаѓаат, изборот за храна често го оставаат на мене, но не смее да недостига гравче тавче, кисели пиперки, пинџур, а потоа следува главното.
Каде се снабдуваш со намирници, особено кога се во прашање македонските специјалитети?
– Користам овдешни намирници. Свежите производи не се разликуваат многу од нашите, а за специјалните намирници, како,сирење, кајмак, кашкавал, кори, ги набавувам од Прага, таму има продавници со балкански производи. Виното и ракијата ги купувам од пријател кој со оваа бранша се занимава долги години, Коле Коларовски.
Размислуваш ли да се вратите во Македонија и можеби тука да отворите ресторан?
– Да, како и секој патриот што се стреми кон својте корени, а е далеку од родната земја, со сопругата сме размислувале да се вратиме во родното ми Горно Лисиче, од каде се и моите претци, дедовци и прадедовци. Многу горд татко сум – постариот син Петар, кој живее и работи во Македонија, се грижи за куќата и покуќнината која е оставштина од мојот татко и мајка кои, за жал, не се живи. Така куќата е функционална и така би го дочекала моето враќање со сопругата, а да даде бог здравје, ќе си отвориме и кај нас ресторан со слаткарница, па на Македонците ќе им понудиме чешки слатки.
Што најмногу ти недосига од Македонија?
– Топлината и срдечноста на Македонецот никаде не може да се спореди со ништо, што повеќе одите на север, луѓето се сѐ постудени. Така е и тука, луѓето се студени, но кога ќе ја запознаат нашата топлина веднаш стануваат пријателски и братски расположени. Ми недостига топлата и пријателска прегратка од сите другари и другарки, од пријателите, тука тоа го нема. Многупати сум размислувал на таа тема, но мојата слатка женичка секогаш ме оттргнувала од тие мисли.
Би ни открил ли еден чешки рецепт?
– Со задоволство. Омилено јадење ни е Говедски гулаш со црно пиво, рецепт кој Зузана го наследи од својата прабабичка. Многу вкусно јадење.
Говедски гулаш со црно пиво:
говедско месо 1 кг.
кромид 1 кг
морков 1 кг
црно пиво 1.5л
сол, бибер, вегета, ловоров лист и темјан.
Говедско месо од бут го сечкаме на коцки, на загреан зејтин го пропржуваме, кога ќе се направи коричка на месото го тргаме од тиганот. Кромид сечкан на полумесечина, а морков на крукчиња, ги ставаме во тиганот да се пржат, потоа го додаваме месото и го полеваме со црното пиво, ловоров лист, вегета, сол, бибер и темјан. Сето ова го промешуваме и го ставаме во рерна. Во зависност од рерната се пече околу 40 мин. на 200 степени.