Велат дека добрите чевли ќе ве однесат на убавите места и дека со вистинскиот пар чевли можете да го освоите светот.
Филип Костовски e млад човек кој се труди на скопјани да им овозможи обувките секогаш да им бидат во совршена форма. Но, како обувките да ги задржиме во одлична состојба, дознаваме од Филип.
– Сега сме во есенскиот период кога има и врнежи од дожд, затоа прво нешто што не треба да направат е намокрените чевли да ги ставаат на грејно тело или да ги сушат со фен, исто така и да го пуштат греењето во автомобил дирекно на нозете, тоа е најлошото нешто за чевлите. Баш тогаш се прави еден шок на чевелот, лепакот веднаш се деактивира и се одлепува чевелот. Исто така луѓето имаат навика да ги перат обувките во машина за перење, па веднаш на сушење. Тоа баш и не е паметно решение – ни објаснува Филип.
Тој вели дека нема нешто што не може да се поправи, барем кај него. Сепак зависи од оштетувањето на чевелот и материјалот, но и од нашите грешки, моментот кога малото одлепување сакаме дома да си го решиме.
– Сите се навикнати да го залепат со секундарен лепак, но тоа е огомна грешка, затоа што тој лепак го гори материјалот, толку многу ја стега површината без да ја залепи па дури и иглите се кршат кога пробувам да го зашијам. Сега во чевларството се користат неколку видови на лепаци, не како порано само еден за секој материјал. Има чевли кои ни се особено драги и сакаме да ги носиме повторно, но се многу оштетени. Докторот за чевли вели дека и за нив има спас.
– Јас го сакам чевларството, затоа го работам со задоволство ова. Имам разни предизвици на оштетени чевли кои треба да ги поправам односно репарирам. На мојата фејсбук страница може да се видат чевли во првобитната состојба, кога ми биле донесени и подоцна кога се комплетно репарирани – вели Филип.
Велат дека чевлите се слика за карактерот на личноста која ги носи. Дали скопјани внимаваат на своите чевли?
– Секогаш им напоменувам на луѓето, да си ги чистат чевлите. Има такви кои ќе ми ги донесат со кал, влакна од миленик, неисчистени, мокри, но има и такви кои ми ги носат спакувани во кутија. Иако сум чевлар, чевлите не треба да ми се донесат премногу валкани. Треба да има една граница на почит, јас иако сум чевлар, работам со овие две раце, но исто со нив јадам леб – ни одговара Костовски.
Го прашавме Филип, кој е најдобриот начин да се грижиме за чевлите.
– Чистењето не треба да биде со влажни марамици, тоа никако зошто некои од нив содржат алкохол кој го нагризува материјалот. Секогаш употребувајте влажна крпа или пак водете се според препораките на производителот – не советува Докторот за чевли.
Филип со љубов зборува за чевларскиот занает и вели дека не разбира зошто младите луѓе ги потценуваат занаетите, наместо да ги изучуваат и потоа да бидат сами свои газди.
– Јас се решив да го отворам дуќанот баш во времето кога имаше наплив на ефтина роба од кинеско потекло. Но не се поколебав. Тоа беше одлична одлука. Сепак јас не сум почетник во чевларството. Поминав процес на обуки и образование каде се запознав и со начинот на производство и склопување на обувките. Бев и чирак кај мајстор чевлар, за на крај да бидам самиот мајстор – чевлар.
Филип поради големата љубов кон занаетот, пред неколку години реши да направи нешто
што ниту еден чевлар го нема направено.
-Имав шанса да ја прикажам мојата изработка на најголемиот женски чевел во светот за во книгата на Гинисови рекорди. Комплетно мое дело со премногу вложен труд, но за жал од финански причини не бев во можност да ја испратам во Америка во седиштето на Гинис и тоа да биде официјално. наку, идејата ми дојде случајно кога на интернет ми се појави претходниот рекорд од најголем чевел, па ми дојде желба да се предизвикам да направам нешто поголемо и поинтересно, прво за себе, па потоа и за да им ги прикажам моите способности на другите.
За крај Докторот за чевли ни откри дека не е вистина мислењето кое го имаат многумина, а тоа е дека чевлите ги поправаат само оние кои немаат пари за нови.