1.8 C
Скопје
16:30 - 23 декември, 2024

Заев: Ударот врз пратениците е удар врз Уставот

Раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив и пратеници, генерално осомничени или веќе обвинети луѓе, вршат притисок врз другите пратеници да не гласат за законот за Јавно обвинителство, обвини вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев, на драматична прес-конференција, на која неговите изјави беа проследени со бурни аплаузи од присутните членови на партијата.

Тој рече дека во неделата, кога законот поминал на владина седница, го имал потребното двотретинско мнозинство – 80 пратеници – во Собранието за усвојување на законот, но вчера веќе не беше сигурен во обезбеденото мнозинство и рече дека тоа ќе се види на денот на гласањето.

И портпаролот на партијата и пратеник Коста Костадинов вчера обвини дека високи структури на раководството на ВМРО-ДПМНЕ им се закануваат на пратениците значително повеќе од заканите што ги вршеле за време на гласањето за уставните измени и тоа на оние пратеници што изразуваат спремност да го поддржат законот.

Обвинение само со материјални докази

Заев вчера рече дека Собранието го има решението во свои раце, дека комисиите почнале да работат и дека ќе дојде до гласање.

– Верувам дека ќе донесеме одлука и дека нема да дозволиме некој со закани и манипулации да го намали двотретинското мнозинство, затоа што се плаши дека ќе одговара тој или некој негов пријател. Јас во неделата кога министерката за правда Рената Дескоска го предложи законот во Владата имав збор од најмалку 80 пратеници, а тоа што сега се случува е вистинска драма. Десетпати е посилен притисокот врз пратениците од тој за уставните промени, кога стоеја над нивните глави. Да ги остават на раат пратениците, тие се светост, тие се членови на највисокиот демократски орган во Република Северна Македонија. Ударот врз пратениците е удар врз Уставот и законите. Не му се заканувам никому, но должност ми е како граѓанин и како лидер на најголемата партија да ги заштитувам Уставот и законите – рече Заев.

Тој објасни дека предложениот закон за ЈО обезбедува правда и дека повеќе нема да се поднесуваат обвиненија врз основа на материјали од следењето на комуникациите.

– Дури и да се работи за легални ПИ-мерки обезбедени со судски налог, нема да може да се заснова обвинение само врз нив. Мора да има материјални докази. Сите обвиненија што се покренати од СЈО до 30 јуни 2017 година се обезбедени и предметите продолжуваат во судските постапки. За предметите што се отворени после тоа, меѓу нив и „Талир 1“ и „Талир 2“, се дава шанса да продолжат врз основа на материјалните докази. Јас мислам дека за сите овие предмети има докази. Законот дава фер шанса за сите. И досега сите истраги се правени од слушнат глас, индиции итн. Ако има материјални докази, се поднесува обвинителен акт и судот носи одлука, а ако нема материјални докази, никој не е виновен. Суштината е дали нашата земја ќе смогне двотретинско мнозинство за да ја осигури правдата и правната држава или ќе овозможи бандитите и осомничените за незаконски дејства да успеат – рече лидерот на СДСМ и го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да каже каде во решенијата гледа можност за скриена амнестија, како што тој обвинува.

Поднесени само два амандмана

Комисиската расправа во Собранието вчера почна со барање на опозицијата да се отстрани точката од дневен ред, оти според нив, законот е донесен со кршење на процедурите. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски повтори дека овој текст стигнал во парламентот без претходно да биде договорен на владина седница.

– Не може предлагачот да менува запирки и точки по своја волја, но увидовме дека не се само запирки, туку сосема нов текст со изменети членови на текстот. Освен тоа, без да има владина седница, претседателот на Владата одлучува да го повлече и да достави нов текст – обвини Димовски.

Министерката за правда Рената Дескоска ги отфрли овие обвинувања и објасни дека станува збор за технички пропуст.

– Во парламентот стигна текстот на неусогласениот закон, ние видовме дека тоа не е истиот текст и побаравме да се отстрани грешката. Текстот мораше да се повлече и да се достави договорената верзија со забелешките на пратеничките групи – рече таа.

За законот досега има два амандмана, од независниот пратеник Панчо Минов и од Сурија Рушиди од Алијанса на Албанците. Расправата во Комисијата за европски прашања треба да трае два дена, по што текстот по скратена постапка треба биде усвоен на пленарна седница.

Од Владата соопштија дека утврдениот предлог-закон е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирање на принципот на владеењето на правото согласно со европските вредности, со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка. „Решението гарантира дека сите судски процеси што беа во надлежност на СЈО се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно со нивните надлежности за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази“, се вели во соопштението од Владата.

Новина, според Владата, е изборот на јавен обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кој ќе се избира од Советот на јавни обвинители по спроведено гласање на јавни обвинители во Македонија. За Основен јавен обвинител на ЈО за гонење организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Законот за Јавно обвинителство би можел да биде причина за неколкудневно пролонгирање на распуштањето на парламентот, но не и на изборите најавени за 12 април. Во врска со датумот на распуштање на Собранието, спикерот Талат Џафери соопшти дека парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари, што е согласно одговорот што на негово барање го добил од Државната изборна комисија за тоа кој е оптималниот рок за распуштање на Парламентот, а со цел да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Според ДИК, тоа треба да се случи 55 дена пред изборите.

The post Заев: Ударот врз пратениците е удар врз Уставот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....