3.8 C
Скопје
21:42 - 20 декември, 2024

Заев: Пендаровски да прогласи вонредна состојба!

Да се одложат предвремените парламентарни избори закажани за 12 април и сериозно да се разгледа можноста за воведување вонредна – или кризна – состојба во обид да се спречи ширењето на коронавирусот, побараа лидерите на најголемите политички партии на вчерашната средба кај шефот на државата Стево Пендаровски.

Прв од средбата излезе лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој порача дека нема услови за избори во време на коронавирусот, а правниот тим кај претседателот ќе најде решение како да се закажат нови избори.

– Сега кога имаме заеднички непријател во коронавирусот, не е време за избори. Согласно со анализите и економските проекции, подготвуваме сет за помош и мерки. Ја отворив потребата од воведување вонредна состојба за да може поефикасно да се донесат мерки за здравствената состојба на граѓаните. Верувам дека можеме да успееме да се избориме и со овој предизвик. Важно е сите да останат посветени за заштита од заразата. Дадовме право на претседателот на државата да свика експертска група да најде правни модалитети за одложување на изборите. Верувам дека ќе се надат правни формулации, со кои ќе се одложат и повторно ќе се закажат изборите како и дека ќе се воведе вонредна состојба – рече Заев.

 

Најчевска: Собранието може да се свика

 

Желбата да се спречи ширењето на коронавирусот и да се заштити здравјето на граѓаните, ги принуди партиите да смислуваат начини како да се изведе повторното свикување на Собранието, со цел да се поништат закажаните и да се распишат нови избори, особено што правниците имаат спротиставени мислења за тоа дали еднаш распуштените пратеници имаат законска можност повторно да заседаваат. Според дел од експертите, изборите може да се презакажат само ако биде прогласена вонредна состојба согласно со Уставот, но засега претседателот Пендаровски не покажа волја за таков чекор во услови на распуштен парламент и техничка влада. Не е прогласена ниту кризна состојба на целата територија на Македонија, за што одлука треба да донесе Владата, а ако трае подолго од 30 дена, ќе одлучува Собранието.

Според партиските шпекулации пред лидерската средба, како можен датум за одржување на предвремените избори се споменуваа крајот на мај или почетокот на јуни, а не е исклучено да се одржат наесен, во терминот за редовни избори. Ако лидерите се одлучат за редовни избори, тогаш се очекува да се договорат и за тоа каква влада ќе владее дотогаш – сегашната техничка која законски се формира на 100 дена пред изборите, претходната политичка влада на чело со лидерот на СДСМ Зоран Заев или влада што ќе ја води актуелниот технички премиер Оливер Спасовски, а ќе се повлечат техничките министри и заменици од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За да се одложат изборите, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Професорката Мирјана Најчевска смета дека нема пречки пратениците да се состанат и да го сторат тоа.

– Собранието може повторно да се свика. На пратениците сѐ уште не им е завршен мандатот и во државата нема безвластие. Техничката влада е проблем и јас повеќепати повторувам дека ваква влада е бесмислена – вели Најчевска за „Слободен печат“.

Алексов: До нови избори преку вонредна состојба

Извршниот директор на граѓанската асоцијација „Мост“ Дарко Алексов смета дека изборите полесно ќе се одложат ако се прогласи вонредна состојба поради опасноста од ширењето на коронавирусот, а во спротивно се отвораат дилеми.

– Ако се прогласи вонредна состојба, целокупната постапка е многу поедноставна. Владата ќе има право да носи уредби со законска сила, односно таа ќе може да донесе одлука за прекинување на изборниот процес или за негово одложување на неодредено време додека да заврши вонредната состојба. Ако, пак, не се прогласи вонредна состојба, основното прашање е како правно да се изведе одложувањето на изборите. Во овој случај уставните и законските одредби оставаат простор за дискусија за тоа дали Собранието може да се состане и да ја поништи својата одлука за распуштање, со што ќе го прекине изборниот процес – вели Алексов за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека ако се прогласи вонредна состојба, Собранието нема да мора да продолжи редовно да работи, зашто Владата ја презема улогата на законодавец. Одложените избори значат дека сите досегашни изборни активности ќе прекинат, а потоа ќе почнат од почеток – за ова веќе сме имале искуство во 2016 година.

Професорот Димитар Апасиев деновиве преку социјалните мрежи предупреди дека не постои правен начин овие избори да се одложат без претседателот да прогласи вонредна состојба. Тој коментира дека Собранието не може и не смее да се состане, а во таков случај, кој е предвиден и со Уставот, самиот претседател прогласува вонредна состојба.

Што вели Уставот?

Според член 125, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето вонредна состојба на територијата на Македонија или на нејзин дел, го утврдува Собранието по предлог на Претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба, се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење вонредна состојба донесува Претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Според член 126 при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

The post Заев: Пендаровски да прогласи вонредна состојба! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....