До почетокот на новата училишна година има нешто повеќе од две недели, но Министерството за образование и наука (МОН) сѐ уште нема разработен протокол за отворањето на училиштата во услови на пандемија.
Министерот Арбер Адеми на прес-конференцијата одржана во средата беше крајно искрен во разговорот со новинарите, порачувајќи дека не знае дали децата ќе одат на школо или, пак, ќе следат онлајн настава, а веќе во следната реченица призна и дека не е сигурен дали школската година воопшто ќе почне навреме.
Така, Македонија стана земја во која постојат протоколи за работа на кафеани, ресторани, барови, кафулиња, обложувалници, теретани, но во истата земја никој не знае како децата да ги испрати на училиште.
Претходно го добивме ставот на Комисијата за заразни болести, која препорача онлајн настава за учениците и за студентите, со цел да се заштитат најмладите од заразата. Предлогот е содржан и соодветствува со реалноста во која се наоѓа Македонија, каде што секојдневно троцифрена бројка граѓани се позитивни на ковид-19.
Сепак, онлајн предавањата се можни во образовен систем во кој има соодветни услови за реализација на таквиот начин на предавањата, но и на проверката на знаењето. Тоа подразбира изработка или лиценцирање соодветен софтвер со кој ќе се овозможи непречена комуникација на наставниците и на учениците, претходно снимени предавања и поставување на наставните материјали во електронска форма. Секако дека голем предизвик би претставувале тестирањата и испрашувањата, но и за тие проблеми секако дека постојат прифатливи решенија.
Но, за да се постави образовниот систем од основното, средното и од високото образование на интернет-платформа, експертите од МОН требаше одамна да се фатат за работа. Веројатно тоа требаше да го направат уште во текот на март, кога децата беа испратени дома, да се образуваат преку утринската програма на МТВ и од мејловите на наставничките. Секако дека работата немаше да биде завршена до почетокот на септември, но веројатно ќе можеше да се „скрпи“ системот за првото тромесечје, па потоа да се продолжи понатаму.
Претпоставувам и дека министрите од техничката влада чувствуваат дека не поседуваат доволен политички капацитет за да одлучуваат за битни работи, па веројатно на вистинското решение ќе треба да почекаме мандатарот да формира парламентарно мнозинство.
Како што во моментов стојат работите, нашите деца во септември ќе можат да седат во кафеана, но нема да можат да седнат во училишните клупи. Ќе чекаат партиските лидери да постигнат договор за да можат да продолжат со образованието, а на компјутерите ќе играат игрички, попусто чекајќи чичковците од министерството да им „пуштат“ образование.
The post За кафеани протокол има, за училишта нема appeared first on Слободен печат.
За кафеани протокол има, за училишта нема was first posted on август 14, 2020 at 9:00 am.