11.8 C
Скопје
20:52 - 28 март, 2024

Вонредна состојба, извонредна можност

Оној во Америка, до пред некој ден, кажуваше несолени шеги – таков, каков што е неартикулиран и смотан целиот – на сметка на вирусов… Кога некои посериозни од првиот круг евангелисти околу него му кажаа колку стотици илјади мртви можеби ќе има во САД во наредните неколку недели, а не месеци, наеднаш стана мртов-сериозен! Сега му е јасно и дека рецесијата не му гине, откако самиот отвори економски војни по сите географски должини и широчини на четирите страни на светот.

И оној на север од нас, до пред една недела, се смееше на вицевите на државниот епидемиолог, раскажани на официјалната прес-конференција по повод корона вирусот, кој ги повикуваше сопругите дека сега им е вистинското време за шопинг во Милано, бидејќи цените ќе биле на попуст… Кога на државников му стана јасно колку е опасна ситуацијата, наеднаш стана мртов-патетичен, се превиткува од глумажа во драматични обраќања до јавноста и најавува дека ќе стрела ако треба, само сите да седеле дома!

Британија си играше „епидемиолошки теории“ за тоа дека е најдобро сите што може побрзо да се заразат, за со истата брзина, кога ќе оздрават, масовно да се прошири имунитетот меѓу населението, а во процесот, кој преживее – преживее! Од вчера, официјално, Лондон им е станат мега-центар на заразата, па набрзина воведуваат „драконски мерки“ што требаше пред повеќе недели да ги спроведат…

Сакам да кажам, кога овде ќе чуеме дека некои луѓе лажат каде биле на патување во последните десетина дена; или кога други бегаат низ прозорци за да не им направат тест за телесната температура – можеби од страв или од збунетост, а можеби и за да си го сочуваат личниот комодитет – немојте премногу да се чудите. И на многу медицински и општествено-политички поквалификувани лица од просекот на којшто граѓански припаѓаме не им е јасно (или им е совршено јасно, ама им е сеедно!) кои се или кои би можеле да бидат димензиите на оваа пандемија, чие средиште во моментов се наоѓа во Европа. Најлошите проценки се мерат во милиони мртви и неколку години на гасење и распалување на пандемијава во разни делови од светот, па дури и онаму каде што мислеле дека проблемот е решен.

Тоа што во Македонија средиштето на епидемијата засега е Дебар – нашиот „мини-Вухан“, чија висорамнина наликува на некои од долините во Ломбардија – од карантински аспект, има повеќе „добри“ страни: се работи за население од десетина илјади души, што не е тешко да се обезбеди со сите неопходности за преживување во неколкуте недели неопходна социјална изолација; низ Дебар поминува еден пат, на југ кон Струга, на исток кон Маврово, а границата со Албанија е затворена, па контролата врз пренесувањето на вирусот со движење на луѓето е релативно едноставна; сите контакти со прво-заразениот брачен пар, кој дошол од Италија, се евидентирани и будно медицински се следат, па и новите заразени се од истиот круг на овој мониторинг…

Конечно, ако смеам искуствено да посведочам, десетина дебарчани кои јас ги познавам се карактерни луѓе, домаќини, со интелигенција која одговара на висините на Јабланица и Стогово со кои Дебар е окружен – знаат тие што е одговорно однесување, за доброто свое и на сите нас!

Затоа, без непотребни паники, молам! Сочувајте студена глава, оти се наоѓаме на почетокот на еден голем општествен предизвик кој заедно, солидарно ќе го преживееме.

Ви звучи дека морализирам? Тоа и ми е намерата.

Редок е, за жал, овој сеопшт општествен експеримент низ којшто поминуваат сите сегашни генерации. Но, не е исклучено дека од него ќе излеземе како подобри луѓе од она какви што бевме, пред да нè снајде овој заеднички, необичен предизвик. Гледајте на тоа како на шанса, а не само како на несреќа. Во секое зло, навистина, има и нешто добро.

 

The post Вонредна состојба, извонредна можност appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....