24.8 C
Скопје
16:12 - 5 мај, 2024

ВМРО-ДПМНЕ тргна во кампања на чело со МВР?

Обвинувања без докази, лов на вештерки, аудио и видеобомби од сите страни, експлозии во објекти на високи партиски функционери, запалени возила – наместо да биде натпревар на идеи и проекти за подобра иднина на сите граѓани, предизборната кампања се претвора во бојно поле, во кое опонентите се обвинуваат меѓу себе дека се криминалци, рекетари, мафијаши, автократи… Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски без да биде завршена истрагата, распалија по владејачката СДСМ дека е одговорна за фрлената бомба во објектот на семејството на нивниот потпретседател Владо Мисајловски, на што СДСМ одговори дека виновникот за експлозијата треба да го открие токму вмровскиот министер Наќе Чулев. Тој, пак, деновиве е во центарот на вниманието и откако јавно од позиција на министер за внатрешни работи, без да ја почитува презумпцијата на невиност, го обвини директорот на ЕЛЕМ Васко Ковачевски дека вршел изнуда врз фирма во износ од 250.000 евра, кој возврати дека ќе му поднесе кривична пријава, а викендов во Шуто Оризари ловеше „поткуп на гласачи од структури на МВР“ и потоа соопшти дека „поткупувачот“ пред да биде вработен во полицијата, бил дел од невладина организација што делела донации на сиромашните Роми.

Претседателот на СДСМ, пак, Зоран Заев, за сите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се резултат на тоа што таа партија нема што да им понуди на гласачите освен режим, па се занимава со лажни вести.

Црната кампања ги одвраќа гласачите

Кампањата за изборите на 15 април официјално почнува утре, а според она како се однесуваат најголемите партии откако беше договорен датумот на изборите, ќе биде црна, жестока, практично немолосрдна до истребување. Психофизички исцрпени од здравствената и од економската криза, граѓаните посакуваат предизборно претставување во кое ќе им бидат понудени решенија за многубројните сегашни и идни проблеми. Наместо тоа политичарите ги изложуваат на дополнителен стрес и страв од дестабилизација со секојдневно „бомбардирање“ кое, освен метафоричко, со емитување на незаконски снимени материјали, деновиве стана и реално, по експлозијата во објектот на Мисајловски.

Според аналитичарите, ваквата кампања е за очекување со оглед на ситуацијата во која се наоѓаат двете најголеми партии, а нивната „војна“ ќе придонесе за намален број гласачи.

– Партиите веќе долго се во своевидна предизборна кампања. Долго време изборите се одложуваат, се знаеше уште во декември дека ќе има избори, а еве ќе се одржат дури во јули и тоа ги прави многу нервозни. Власта и опозицијата предолго се вештачки заедно поставени во техничка влада, а непријателството расте, нетрпеливоста само се дуе и се очекува дека ќе дојде до ваква тешка, црна кампања, полна со негативности и меѓусебни обвинувања. Тоа особено ќе влијае врз неопределените гласачи да не излезат на изборите, кои и онака ќе бидат инхибирани да не гласаат поради ситуацијата со ковид-19 – вели аналитичарот Петар Арсовски за „Слободен печат“.

Тој се согласува дека партиите не избираат средства во борбата за гласови.

– И за едните и за другите влогот на овие избори е многу голем, но и очекувањата им се големи. Затоа се употребува сѐ што им е на располагање, се вадат и последните адути на маса, а не се воздржуваат ниту од злоупотреби на функциите – оценува Арсовски.

Заев: Незрелиот Мицкоски е опасност за државата

Откако викендов ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ за фрлената експлозивна направа кај Мисајловски, портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов го осуди настанот и го повика министерот Чулев итно да ги најде сторителите, но вчера од ВМРО-ДПМНЕ повторно жестоко ја нападнаа владејачката партија дека се инспиратори на настанот.

– На овие избори од СДСМ и Зоран Заев јавноста нема да види програма туку бомби! Бомбашки напад врз функционер на опозицијата! Тоа е вистинското лице на забеганиот СДСМ. Тоа е чисто политичко насилство, мерки од најнедемократски режими. Ова насилство што нѐ враќа во мрачното време на транзицијата е инспирирано и поттикнато од насилничката реторика на СДСМ! За нив не важат законите, за нив важи само криминалот, насилството и сеењето омраза. Одговорноста за бомбашкиот напад е во СДСМ, тука зад мене – рече вчера партискиот портпарол Наум Стоилковски пред седиштето на СДСМ.

Лидерот на СДСМ Заев, во врска со овие обвинувања, вчера истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема што да понуди за одење напред и во недостиг на понуда и програма ја дефокусираат јавноста.

– Имаме јасна визија за тоа каде треба да биде нашата Република Северна Македонија во 2024 година и посветено работиме на тоа, водејќи се строго од националните и од државните интереси. Од другата страна стојат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои не нудат ништо освен враќање на режимот. Нивното антидржавно однесување беше обележје во овие три години како опозиција, беше обележје и за време на кризата со коронавирусот, а таквото однесување кулминира со наближувањето на изборниот ден – рече Заев.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ предвреме ја почна кампањата, со тоа што нивни носители, кандидати за пратеници и активисти викендов јавно делеле партиски пропаганден материјал што е спротивно на законите и за што ќе им поднесат соодветни пријави. Најави дека СДСМ од утре ќе води позитивна кампања.

The post ВМРО-ДПМНЕ тргна во кампања на чело со МВР? appeared first on Слободен печат.


ВМРО-ДПМНЕ тргна во кампања на чело со МВР? was first posted on јуни 23, 2020 at 8:01 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....