17.8 C
Скопје
10:10 - 29 април, 2024

Владиниот колач голем, апетитите уште поголеми

Договореното парламентарно мнозинство од 62 пратеника на СДСМ, ДУИ и ДПА вчера беше доведено под прашање уште пред да профункционира, откако во претпладневните часови, поради превирања во редовите на ДУИ, не се одржа најавеното продолжение на конститутивната седница на Собранието на која требаше да биде избрана Комисијата за избори и именувања и Талат Џафери како старо-нов собраниски спикер. Лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети завчера вечер објавија дека партиските органи ги потврдиле кандидатите за министри и се очекуваше вчера да биде завршена конститутивната седница, по што, според најавите во наредните денови мандатарот Заев требаше да ја предложи новата влада пред пратениците и таа да почне да работи во најбрз можен рок.

Застојот настана откако дел од пратениците на ДУИ наводно се побуниле од номинацијата на Артан Груби за прв вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи, односно, како што објавија повеќе медиуми на албански јазик, незадоволни биле ограноците на ДУИ од Чаир, Сарај и од Струга. Вчера претпладне пратениците од ДУИ држеа координација во Собранието и до затворањето на овој број од весникот не се одржа продолжението на конститутивната седница, а ниту од СДСМ ниту од ДУИ не стаса објаснување зошто. Наводно седницата не се одржа поради отсуство на некои пратеници и се очекува да продолжи денеска.

Меџити и Зибери против Груби и Османи

Медиумите објавија дека пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери не дошле  на завчерашната седница на Централниот совет на ДУИ на која се разговараше за идните министри, а незадоволство искажале и од огранокот од Струга. Партиски извори изјавиле дека  Груби и Османи треба да се повлечат ако имаат политичка совест и морал.

– Незадоволството и реакциите се големи и од структурата и од партиските активисти. Оваа акција сериозно и наштетува на ДУИ и ги демотивира политичките активисти од Скопје. Оние кои ги спроведоа изборните активности и кои беа избрани, не беа консултирани. ДУИ-Чаир и ДУИ-Сарај ги повикуваат Груби и Османи да ги почитуваат гласачите и да одбијат да ги прифатат овие функции – изјавиле партиски функционери за медиумите на албански јазик.

Според нив, незадоволството било толку големо што пратениците Меџити и Зибери најавиле дека нема да гласаат за изборот на Џафери за претседател на Собранието. Поранешниот градоначалник на Чаир Меџити беше носител на листата на ДУИ во првата изборна единица, а зад него беше разрешениот директор на Институтот за јавно здравје Арбен Зибери, внук на кандидатот за прв премиер Албанец Насер Зибери. На изборите во ИЕ1 ДУИ освои 19.600 гласови, а на ниво на Скопје 30.000 гласови.

Освен за Груби и за Османи, незадоволство кај дел од партијата имало и од решението Фатмир Бесими да биде на чело на министерството за финансии, чиј брат Флорин Бесими е нов пратеник во Собранието. Главна забелешка е дека истите луѓе од ДУИ постојано ротираат на главните функции во државата.

По седницата на Централниот совет лидерот на ДУИ рече дека имало дебата за кадровските решенија, а сите одлуки се донесени со договор.

– Мнозинството ги прифати предложените кандидати. Сите се овде од ограноците и нема партија што нема што дебата за овие прашања. Нема вознемирувања, природно е овие прашања да имаат дебата до последен момент – рече Ахмети.

Заев: Премиерот потпишува, нема врзани потписи

Лидерот на СДСМ Заев демантираше дека премиерот нема да може да донесе одлука без согласност од првиот вицепремиер, како што го протолкува некои медиуми делот за консензуално одлучување во договорот на СДСМ и ДУИ за новата влада.

– Нема да има врзани потписи меѓу премиерот и првиот вицепремиер. Прв вицепремиер значи оној што го менува Заев кога е отсутен за водење седница или прием на делегација и слично. Се знае дека премиерот потпишува, нема никакви врзани потписи или слично. Во идната Влада планирам да има четворица вицепремири, тројца на предлог на СДСМ, а еден е од вториот партнер по големина ДУИ, кој ќе биде именуван како прв вицепремиер. Ова е за подобра координација меѓу двете политички партии во делот на преземањето на одговорноста и честа којашто се дава од граѓаните, а со цел ефикасни и ефективни одлуки. Именувањето прв вицепремиер е за да дадеме важност на функцијата – рече Заев.

Тој додаде дека СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат изборните платформи во заедничка четиригодишна владина програма. Приоритети ќе бидат јакнење на економскиот стандард, прочистување на судството, проверка на потеклото на имотот и парите на функционерите, како и борбата со коронавирусот, борбата против корупцијата и заштитата на околината.

– Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување – рече Заев.

Кои се идните министри?

Мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети  ги објавија предлог-министрите во идната влада во која премиер во следните 4 години ќе биде Заев, а во последните 100 дена премиерското столче ќе биде отстапено за ДУИ.

СДСМ ќе има три потпретседатели на владата и тоа Љупчо Николовски, кој ќе биде задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и за човечки ресурси, што е нова вицепремиерска позиција чии надлежности допрва ќе бидат дефинирани со владина одлука. Вицепремиер за економија ќе биде Фатмир Битиќи, а вицепремиер за европски прашања Никола Димитров.

На старите позиции остануваат Оливер Спасовски, како министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска, министерка за одбрана и Венко Филипче на чело на здравството. Од старите министри во новата влада останува и Мила Цароска, но овј пат како министерка за образование и наука. Бојан Маричиќ ќе биде министер за правда, Благој Бочварски, кој е градоначалник на Штип, ќе управува со ресорот транспорт и врски, Јахода Шахпаска ќе биде министерка  за труд и социјална политика, а Ирена Стефоска министерка за култура.

Предизборниот коалициски партнер Беса го добива ресорот земјоделство, каде ќе раководи Аријанит Хоџа, а Горан Милевски од ЛДП останува министер за локална самоуправа.

Од ДУИ во министерските фотелји ќе седнат Артан Груби, како прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими како министер за финансии, Бујар Османи како министер за надворешни работи. Крешник Бектеши ќе управува со ресорот Економија, а Насер Нуредини останува министер за животна средина. Од ДУИ се уште немаат предлог министер за информатичко општество и администрација.

Ахмети: Владата ќе се кораководи од премиерот и првиот вицепремиер

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на седницата на централното раководство на која беа потврдени кандидатите за министри рече дека со функциите во новата влада ќе испратат порака за заедничка држава и порака за рамноправност, но и дека со владата заеднички ќе раководат премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Артан Груби.

– Ние воспоставивме партнерство и последователно оваа влада ќе се кораководи од премиерот и од првиот вицепремиер и министер за политички систем преку консензуално одлучување како начело на ковладеењето. За прв пат во државата ќе се промовира и ќе се врши функцијата прв вицепремиер и оваа личност ќе биде еден од нас – рече Ахмети при обраќањето во партијата, а пренесе „Телма“.

Ахмети рече и дека овој договор е историски за заедничко раководење на идната влада.

 

The post Владиниот колач голем, апетитите уште поголеми appeared first on Слободен печат.


Владиниот колач голем, апетитите уште поголеми was first posted on август 21, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....