2.8 C
Скопје
18:59 - 20 декември, 2024

Тричковски е нашиот Шарли Ебдо – ако ви чини!

Си прави Мицкоски необично лоша услуга што преку Чулев решил кривично да го гони Тричковски. (Ова го велам бидејќи никој нормален не би можел да помисли дека Чулев, без да се консултира со својот партиски претседател, би влегол во оваа непромислена кривично-правна иницијатива…) Формулацијата е: „Тричковски се товари за сторени кривични дела загрозување на сигурноста и ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.“

Ако го прочитате текстот на Тричко, каде тој по стоти пат се подбива и ги анализира постапките на лидерот на опозицијата со, како и секогаш, извонредно прецизни политички квалификации (мое мислење) спакувани во препознатливиот, крајно провокативен речник на работ на прифатениот добар вкус (ако не ви се допаѓа, не го читајте, на Тричко ич гајле не му е!), не треба да бидете никаков правен експерт за да заклучите дека во тој текст нема ни трага од ксенофобија („страв и недоверба кон странци“!) и уште помалку од расизам (на пример: „реакционерна теорија по која има ‘виши’ и ‘нижи’ човечки раси“ итн.). За „загрозување на сигурноста“, пак, можеби би можело да се разговара во психолошка смисла на, евентуално, вознемирениот Мицкоски. Тој, Мицкоски, би можел кога сака за односниот текст приватно да го тужи Тричко за навреда, но таа граѓанска парница воопшто не би се обложил дека би ја добил на суд.

Јас за Тричковски сум кажал уште во 2016 што мислам (што е убаво кога можеш сам себе, макар во извадоци, да се цитираш), имено:

Тричковски е нашиот Шарли Ебдо. Нема демократија што, секојдневно проколнувајќи го денот кога се родил, може да опстане БЕЗ него; и нема диктатура што, секојдневно проколнувајќи го денот кога се родил, може да опстане СО него. Подготвен сум да тврдам дека скората демисија на македонскиов деспотски режим е половина работа завршена од Тричко – ние, останатите, нешто се плеткаме напред-назад и ја расипуваме шансата за успех на другата половина неопходна за падот на режимот. И, ако не падне режимот, знајте, тоа ќе биде заради нас, а не заради него. Впрочем, сѐ ќе ви биде разјаснето од Тричко кога ќе дојде време за тоа.

Затоа, постоењето на Тричковски во нашата јавна сфера е закана по редот и поредокот на Македонија, можеби секаква Македонија, но особено ваква, каква што се гради во последните десетина години. Фасцинираноста на Тричковски од сопствената слобода е општествено опасна. Таа ги пробива националните ембарга, племенските табуа, државните цензури и наметнатите морални рамки како никој пред него во македонското интелектуално мочуриште. Тој е причината заради која многумина мислат дека личната слобода не е недостижен, теориски концепт и дека патот до неа мора да е врвицата по која и самото општеството ќе стане послободно.

Поитрите диктатори од Груевски – Путин, на пример – или одамна ќе го отепаа или одамна ќе го ставеа Тричковски на платен список на државата, да продолжи, кога веќе не го отепале, да го прави тоа што го прави. Така, наутро, кога со кафе ги разгледуваш со Мијалков најважните прислушувани разговори од претходниот ден и кога се договараш кој милион на која оф-шор сметка да се испере, до тебе седи секретарот, записничарот, нотарот, архиварот, сведокот Тричковски, кој во своите постови и написи и така ништо не измислува, туку само ја евидентира, а потоа и ја дигестира глупоста на сиромашното секојдневие на Фамилијата милионери и нивните послушни, отприлика, еден милион поданици. „Господине премиер, иако сте обично врапче, имате право да се чувствувате како орел, кога сте опкружен со толку многу бубашваби!“ – го заклучува Тричко утринскиот состанок со Груевски и Мијалков. „Запалете му го џипот!“, крикнува деспотот во обид за самоодбрана! „Море, да ми го пушите стапот!“, возвраќа Тричко.

Тричко е единствениот на овие простори кој може на кој било просечен македонски диктатор убедливо да му ја објасни бесмислата на постоењето на такви комплексни феномени какви што се ВМРО, МПЦ, ИПА фондови или Силвана Бонева, на пример.

Дали е Тричко производ на времето во кое живееме – или Тричко ни го произведува времето во кое живееме? Прерано е за одговор на оваа суштинска дилема.

Неговата ерудиција е евидентна, а стилот му се тетерави на границата на чистата книжевност; со експресивен израз што знае да биде шокантен за филистерските, малограѓански уши на македонските новопечени, нуво-риш интелектуални салони.

Како и кај Сјоран, песимизмот и цинизмот на Тричко се весели, забавни и заразни. Тој упорно тврди дека ни доаѓа крајот на светот, ама дека и тоа треба да го заслужиме; а какви сме смотани, можеби дури и судбината ќе ја излажеме или ќе задоцниме на средбата со неа, ќе нѐ одмине таксиратот пред и неговта смисла, со нашите парохијални и бесмислени вредности и ставови, да го доведеме во прашање!

Тричко е во голема љубовна романса со Македонија. Додуша, тој силен емотивен однос е повремено на граница на семејно насилство, бидејќи брачните расправии меѓу Тричко и Македонија често се вулгарни, а и нешто од семејниот порцелан лета по ѕидови и ни ги крши гоблените. Но, неговата страст е толку голема, што и кога води љубов и кога се расправа со Македонија, Тричко се дава целиот, без задршка, без компромис. Тричковски мора да е заљубен во народот што живее на овие простори, бидејќи само на најдрагото и најмилото можете така отворено, без ракавици, со искрена грижа и без калкулација и траги на опортунизам да му ја кажувате вистината в лице. Тој е во некоја состојба на „ко се бије, тај се воли“ однос со сите нас. Како да пие оцет пред да седне да се допишува со нас!

И така натаму.

А за „така наваму“, и оваа тужба на Чулев и Мицкоски е илустрација за тоа каде ќе се врати слободата на говорот во земјава доколку оваа опозиција, по некоја случајност, повторно дојде на власт. Сега опозициските закани им се правно недоветни и смешни, но да немате сомневање дека ќе станат животно загрозувачки, само ако се дограбат повторно до власта.

The post Тричковски е нашиот Шарли Ебдо – ако ви чини! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....