16.8 C
Скопје
13:34 - 3 мај, 2024

Три дена дожд и Скопје под вода!

По три дена дожд во Скопје, доволна е една обиколка низ градските улици за да се види проблемот со кој по секој дожд се соочуваат дел од жителите на главниот град, кои живеат на улици каде што атмосферската канализација е нефункционална или ја нема. Граѓаните се жалат дека им се поплавени дворови, подруми, дека не можат да поминат по улица од вода. Реагираат жители од Кисела Вода, Волково, Стопански двор, Радишани, речиси од сите скопски општини. И секаде е проблем атмосферската канализација.

Улицата „Димо Хаџи Димов“ е поплавена и дел од граѓаните дежураат и ги чистат сливниците за водата да не им влезе во домовите. Скопјани информираат дека кај населбата Камник вода се слева на булеварот „Борис Трајковски“ и дека со автомобил не може да се помине затоа што влегува вода во автомобилите. Слична е и состојбата во Радишани. Поплавен е булевар „Словенија“ и Качанички пат. Шеталиштето кај Министерството за надворешни работи, Јавно обвинителство и АЕК е целосно под вода и непроодно затоа што сите сливници се затнати.

– Кога ќе се интервенира на улицата „Наум Чакаров“? Бидејќи врне, со чамци си одиме дома – коментира на Фејсбук жител на Ѓорче Петров. Реакции има и за улица „Црногорска“ и за многу други улици низ Скопје.

И покрај реакциите на скопјани, од ниедна општина не стигна никакво известување дека се презема нешто или дека се планира за да им се помогне на жителите кои имаат проблеми.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека по обилните врнежи од дожд и засилениот ветер нивни екипи почнале со активности за расчистување и непречено функционирање на атмосферската канализациска мрежа. Тие, како што тврдат, ги проверуваат сливниците и шахтите во сите скопски општини, но не информираат за проблеми во одредени делови на градот.

И екипите на „Паркови и зеленило“ интервенирале деновиве, отстранувајќи искршени дрвја и паднати гранки од ветрот и невремето. Вчера отстраниле  падната врба врз возило во Автокоманда. Нивните екипи интервенирале на улица „Вич“ во Карпош 4, спроти градинката „Орце Николов“, каде што имало едно паднато дрво. Имало интервенција и во Карпош 2, на улица „Шекспирова“ каде што имало паднати гранки што се отстранети во текот на вчерашниот ден. Во Ѓорче Петров, кај Пазарчето, на улица „Македонска војска“ исто така имало паднато дрво, а се интервенирало и на Водно, во близина на амбасадите, каде што имало паднати и искршени гранки.

Според најавите на метеоролозите, обилните врнежи од дожд ќе продолжат и во наредните денови, а стабилизација на времето се очекува дури од понеделник, па од ЈП „Паркови и зеленило“ ги предупредуваат граѓаните на претпазливост и да внимаваат да не ги паркираат своите возила под високите дрвја, за да се избегнат несакани последици.

Четири години од невремето во кое настрадаа 22 граѓани

 

Денеска се навршија четири години од силното невреме во Скопје што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица, а околу илјада граѓани беа евакуирани од своите домови.

Попладнето на 6 август 2016, Скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер, кои предизвикаа човечки жртви и катастрофални штети во во Сингелиќ, Стајковци, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански Пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и во Шипковица. Поројот што тргна од Скопска Црна Гора ја поплави обиколницата и однесе дел од асфалтот заедно со возилата што во моментот се нашле на коловозот.

Во текот на 24 часа тој ден во Скопје наврнаа 92,9 литри на метар квадратен, а силното невреме беше проследено со повеќе од 800 грмотевици.

The post Три дена дожд и Скопје под вода! appeared first on Слободен печат.


Три дена дожд и Скопје под вода! was first posted on август 6, 2020 at 2:44 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....