Летувањето во Охрид годинава несомнено е закана за јавното здравје, бидејќи престојот на плажите и во угостителските објекти се одвива без да се почитуваат протоколите. Државниот пазарен инспекторат мака мачи со десетина инспектори да ги постигне сите „зулуми“ на плажите, меѓу кои и дневни и ноќни забави во многу ризични услови.
Од плажа во болница – Дали Градиште ќе биде новото жариште на Ковид-19? (ВИДЕО)
Проблемот нема да заврши само на тие забави, со оглед на тоа што туристите ќе се вратат на своите работни места во приватните фирми и државните институции ширум земјава и за две недели ризикот од ширење на коронавирусот е голем. Во Охрид само петмина пазарни инспектори работат да ги казнат оние што не ги почитуваат протоколите, а на помош викендов им дошле и колегите од Скопје и од Гостивар.
„Во овој продолжен викенд, заедно со колегите од Скопје и од одделението во Гостивар, со петнаесет инспектори направени се 75 надзори во 2 дена. На подрачјето на Охрид имаме 2 кривични пријави по членот 206 од Кривичниот Законик конркетно за журки во Градиште, на плажите два и три. На подрачјето на Струга во кафуле покрај Дрим постапивме, но наидовме на попречување па полицијата се вмеша во случајот и се преземаат дополнителни мерки”, велат од Пазарниот инспекторат одделение Охрид, за „Слободен печат“.
Проблемот е голем онаму каде пазарните инспектори немаат надлежност за постапување. Туристите тоа го знаат и затоа, наместо на плажите кои што се во склоп на хотелите, и каде што има протоколи, одат онаму каде што никој не им наметнува правила. На само 20 метри далечина од хотелските плажи, на таканраечените ,,диви” плажи, или плажи каде што нема стопан, надлежност да казнува нема никој. Таму нема игла каде да се фрли. Кога се чекаат редици за туристите да се качат на бродот за крстарење нема никаква дистанца и турканиците се големи. Пазарните инспектори изрекле и 5 прекршочни казни за нерегистрирани трговски објекти кои изнајмувале лежалки и реквизити, како и 12 прекршочни за прекршоци по други основи.
За масовните забави во Охрид реагираше и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари: „Ова е пораз на целата држава, од образование, до полиција, од семејството до институциите. За ова мора одговорност. Нема ова повторно да оди на грбот на лекарите и здравствените власти“, напишаа оттаму.
Професорот Никола Пановски, викендов сугерираше дека протоколите за носење маска на плажа се неиздржливи поради високите температури.
Д-р Пановски: Седам на плажа во Охрид и гледам дека освен келнерите, никој не носи маска
Министерот за здравство Венко Филипче апелираше дека лежалката на плажа лесно се заменува со болнички кревет. „Ти си на одмор, но вирусот не е! Носи заштитна маска или марама кога не можеш да одржиш физичка дистанца. Да се заштитиме од Ковид 19, да ги почитуваме мерките за да го стопираме ширењето на овој непредвидлив вирус. Да бидеме совесни за најблиските околу нас. Од нас зависи“, напиша Филипче.
Во земјата моментално има 3675 активни случаи на коронавирусот. Во меѓувреме, Државниот санитарен и здравствен инспекторат уште се соочува со граѓани кои треба да се во изолација поради коронавирусот, а кои не ги примаат решенијата за изолација.
Во„Слободен печат“ викендов беше објавен список на нови 52 лица кои не ги примале решенијата за изолација. Сите 52 лица се од Скопје. Решението за изолација обезбедува извесна сигурност дека заразените, суспектните или нивните контакти нема да го напуштат домот бидејќи ќе бидат контролирани од полицијата. Кога решението не може да се достави, тогаш е „руски рулет“ дали заболените од Ковид 19 ќе се шетаат слободно меѓу други луѓе.
Инспекторите уште „мака мачат“ со решенијата за изолација поради Ковид 19
„ДСЗИ објави список на граѓани во Република Северна Македонија кои не ги примиле издадените решенија. Имаше два неуспешни обиди за доставување преку АД Пошти. Постојат уште еден дел на недоставени решенија кои по консултација со правниот тим, по третпат се испраќаат овој пат преку брза пошта“ изјави за „Слободен печат“ директорката на ДСЗИ доктор Ирина Сотирова Бухова.
The post „Трескањето од земја“ на журките во Градиште заврши со кривични пријави appeared first on Слободен печат.
„Трескањето од земја“ на журките во Градиште заврши со кривични пријави was first posted on август 3, 2020 at 11:40 am.