14.8 C
Скопје
07:15 - 2 мај, 2024

Техничките министри се плашат да застанат пред „Северна Македонија“

Техничките министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, ги маскираат и со лукавство го прикриваат името Северна Македонија во таблите пред кои држат прес-конференции во министерствата каде се назначени, иако секојдневно потпишуваат документи со истото име, а тоа беше содржано и на одлуката за нивно именување на министерските функции. Аналитичарите велат дека станува збор за лицемерие, зашто нивната партиска пропаганда има инвестирано многу напор и енергија за да прикаже дека го отфрла Преспанскиот договор, па појавувањето пред табла или банер со новото име на државата би се протолкувало како нивно лицемерие.

Претходничката на Мизрахи, Мила Царовска, ги држеше прес-конференциите  пред импровизирано пано, на кое беше испишано името Република Северна Македонија, како што предвидува Преспанскиот договор. Но, на последното обраќање на Мизрахи до новинарите, на кое зборуваше за проблемите на децата без родители, паното го снема.

Дополнителната заменичка на министерката, Санела Шкријељ, за „Слободен печат“ вели дека на приземје во институцијата постои нова прес-сала, со пано со официјалното име на државата и проектор, специјално уредена за конференциите за новинарите, меѓутоа, техничката министерка свесно ја одбрала старата сала за своите обраќања до јавноста.

– Станува збор за старо пано кое Министерството за труд и социјална политика ниту еднаш не го искористило по потпишувањето на Преспанскиот договор. Во министерството, секако, постојат услови за прес-конференција во согласност со законот. Мизрахи свесно одбрала да ја користи токму оваа сала, а со која цел е многу јасно – да упати порака дека не се согласува со Преспанскиот договор и да го опструира – вели за „Слободен печат“ дополнителната заменичка на министерката, Санела Шкријељ.

Извори блиски на Мизрахи од истото министерство, кои не сакаат да бидат именувани, тврдат дека причината поради која таа се појавува пред банер на кој пишува „Република Македонија“, е тоа што во буџетот на министерството ниту за 2019, ниту за 2020 година не се предвидени пари за да се промени името и да се направат нови информативни табли. Според нив, министерката ја затекнала таблата непроменета уште при примопредавањето на власта од еден на друг министер.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во ова препознава противуставна активност, која во иднина може да биде препознаена од меѓународната заедница и да ја стави Македонија во непријатна ситуација.

– Тоа претставува прекршување на Уставот и праќа лоша порака пред меѓународната заедница. Мислам дека во моментов, меѓународната заедница го толерира ова сметајќи го за предизборен фолклор, но доколку ваквото поведение продолжи, несомнено во иднина ќе наиде на меѓународна реакција и ќе се најдеме во многу лоша ситуација – дека прекршуваме меѓународен договор – ни изјави Арсовски.

Потегот на Мизрахи не е осамен, на слични тактики прибегнуваат и другите членови на ВМРО-ДПМНЕ во извршната власт. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев се појавува на прес-конференциите пред три знамиња, зад кои хируршки прецизно е скриено името Северна Македонија. Две од тие знамиња се на полицијата, а третото е државното. Во објавите на официјалната Фејсбук-страница на министерот, исто така, се користи името Република Македонија, но најчесто, се избегнува какво било именување на државава.

The post Техничките министри се плашат да застанат пред „Северна Македонија“ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....