-0.2 C
Скопје
10:16 - 23 декември, 2024

Срча, темница и рани што не зацелуваат

Кога одите во продавница да купите електрична светилка, обична, за замена на онаа што ви прегорела дома, продавачот сосем рутински ја отвора кутијата и ја тестира дали свети. Кога ќе светне, продавачот ја вади од тест-фасонката, ја пакува назад во кутивчето и ви го наплаќа производот. Вие мирно плаќате и одите дома. Без мисла и без емоции. Зошто? Затоа што се случила една најнормална, секојдневна трансакција, се исполнила на задоволителен и сосем нормален начин една договорна размена, всушност, една размена на доверба. Вам ви е потврдена вербата дека светилката работи, а продавачот верува во вашите пари. На оваа верба се темели секоја размена, без оглед дали станува збор за материјални добра или друга стока, или пак за социјални релации, институционални односи или емоции. Сите општествени односи се темелат на симетријата на довербата што луѓето ја имаат во нив.

Се разбира, кога светилката нема да светне, или ако тргне лошо, па експлодира во рацете, нема ништо ни од довербата ниту од размената. Кога едната страна не го почитува договорот, таа отпаѓа од играта или самата игра завршува. И, тоа се случувало милијарди пати во историјата: непочитувањето на општествениот договор, неиспорачувањето на ветеното, безмалку никогаш не било простувано. Пропаста на цели цивилизации и смените на цели светогледи и општествено-политички системи било историската казна за неисполнувањето на договорот. Овие големи историски пресврти практично секогаш се случувале по катастрофи, коишто можеме да ги замислиме како големи тест-фасонки. Кога еден светоглед, една религија, еден општествено-политички систем ќе престане да свети или кога ќе се распрсне под притисокот на историска несреќа што го става на тест, тој бил неизбежно заменуван со нова идеја, со нов систем што успева да ја докаже својата веродостојност.

Излез од состојбата

Смртоносните пандемии повеќепати биле можеби не причината, а она сигурно почетокот на промените, премногу очигледниот неуспешен тест што ги изнедрувал револуционерните промени во светот. Бубонската чума, таа најсмртоносна епидемија што историјата ја памети, во 14 век убила помеѓу една третина и половина од населението на Стариот свет, го започнала и урушувањето на феудалниот поредок – средновековната „глобална“ политичка религија, и го трасирала некој век подоцна револуционерниот марш на капитализмот. Историчарот на средниот век Семјуел Кон ја опишува атмосферата по чумата како излез од состојбата на „потполна безнадеж и страв и раѓање на една нова самосвест кај селаните, занаетчиите и работниците, која им влевала верба и храброст во сопствените моќи да го менуваат светот и да влијаат на општествените и политичките услови на сопствениот живот“.

Токму така: изгубената верба во системот што потфрлил на тестот на животот и смртта, била заменета со друга верба: со самодоверба што ќе создаде верба во нови општествено-политички односи. Тоа се случило и по Првата светска војна и пандемијата на свинскиот грип, која убила можеби и 100 милиони луѓе за неполни две години, од 1918 до 1920 година. Капитализмот, тогашниот единствен глобален општествено-политички систем, почна да се урушува зашто најголемиот број жители на планетата почнаа повторно да веруваат во „сопствените моќи да го менуваат светот и да влијаат на општествените и политичките услови на сопствениот живот“. Општествената катаклизма предизвикана од безумието и ароганцијата на светските капиталистички империи, го породија социјализмот – најхуманата и најморалната општествено-политичка идеја во историјата на човештвото.

Каде се сотрени човечките моќи

Ќе ја прескокнам, почитувани читатели, пропаста на социјалистичката идеја и нејзините општествено-политички реализации, макар и само затоа што во таа суицидална хуманистичка катастрофа немаше придонес никаква бактерија или вирус. Меѓутоа, тоа нема да ме спречи да не кажам дека по таа катастрофа, еве веќе 30 години, глобален идеолошки хегемон е повампирениот неолиберален капитализам, она исто чудовиште што ги предизвика светските војни во дваесеттиот век, што лажно сега се закити со префиксот „нов“ и со атрибутот „либерален“, иако не е ниту едното ниту другото. Што ми беше поентата? А, да: што му се случи на човештвото, што ѝ се случи на човечката моќ да размислува, каде се сотрени во заборав човечките „сопствени моќи да го менуваат светот и да влијаат на општествените и политичките услови на сопствениот живот“, кога неолиберализмот на секоја криза што самиот ќе ја создаде и во која ќе го турне и целото човештво, на секој тест експлодира во рацете, и остава срча, темница и рани што се шират и не зацелуваат?!

Глобалната финансиска криза од 2007-2008 година, беше една преочигледна катастрофа и колосална финансиска измама, во која неолиберализмот го прекрши општествениот договор, по која – ќе рече човек – на сите ќе им стане јасно дека системот мора да се менува. Но, по кризата која настана поради ноторниот факт дека неолибералниот капитализам работи воден од само еден рептилски мотив, а тоа е чудовишната и безгранична алчност за чиешто задоволување рептилот ќе го уништи светот без да му затрепери вертикалната очна црница, ништо не се случи. Иако по некои проценки кризата го чинеше светот 22.000 милијарди долари, цената ја платија обичните луѓе, додека од причинителите на кризата – финансиските свештеници на неолиберализмот – буквално никој не одговараше за милионите жртви што останаа ограбени, без своите домови, пензии, заштеди, работа, судбини и животи, туку поделија бонуси и енормно го зголемија богатството на храмот.

Неолибералниот капитализам падна на секој тест

Пандемијата во чијашто окупација деновиве живее безмалку половина од човештвото, уште еднаш покажува дека глобалниот неолиберален капитализам паѓа на секој тест во кој треба да испорача нешто од ветувањата врежани во општествениот договор што му овозможи ведро и арогантно да ги ограби човештвото и планетата. Иако ветуваше дека се може да реши со своите технолошки моќи, и за таа цел повторно подготвува спектакуларно освојување на целата вселена, долу – на земјата, на своите граѓани не може да им обезбеди ни маски од хартија, ниту болнички кревети, ниту здравствен систем, ниту солидарност, ниту вистинска економска грижа и безбедност, практично ништо. Неолибералистичкиот свет очекува луѓето храбро и молкум да се помират со неумитноста на пандемиските сурови природни закони: можноста да се разболат и умрат, како и непопустливоста на банките да се откажат од своите камати и профити.

А, се чини дека на „сопствените моќи да го менуваат светот и да влијаат врз општествените и политичките услови на сопствениот живот“ никој веќе и не помислува. Заборавиле луѓето дека промената е воопшто можна.

The post Срча, темница и рани што не зацелуваат appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....