9.8 C
Скопје
03:49 - 19 март, 2024

Сексуално вознемирување, насилничко однесување, етничка и верска дискриминација – ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП?

Контролрите на ЈСП постојано се на мета на јавноста за нивното недолично однесување со граѓаните, а последниот случај во кој тие недолично се однесувале со студент од ромска национална припадност, ја крена повторно јавноста на нозе. За немилиот инцидент кој го доживеа студентот Сирхан Усеин информираше Здружението на граѓани Ромаверзитас, кое целосно застана зад Усеин и јавно ги повикува надлежните лица од Министерството за внатрешни работи, Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и Јавното сообраќајно претпријатие да ги преземат потребните мерки и целосно да го расчистат случајот.

Од ЈСП ги демантираа обвинувањата, истакнувајќи дека сите корисници на јавниот превоз имаат еднаков статус. Единствено, како што посочија оттаму, разликувале патници со уредно валидиран билет и патници без билет.

За денеска во 16 и 30 часот е најавен протест против контролорите од ЈСП.

„Слободен печат“ одлучи да спроведе мала анкета на својот инстаграм-профил и да ги праша граѓаните: Дали некогаш си бил/а жртва или сведок на неетичко однесување, дискриминација или насилство од страна на контролори во ЈСП?

Анкетата се уште трае, но во рок од 22 часа 336 лица одговорија ДА, а 165 лица одговорија НЕ.

Потоа поставивме уште едно прашање, односно ги замоливме оние што одговорија ДА, доколку сакаат, анонимно или јавно да споделат со нас што се случило во тој момент.

Добивме многу одговори и направивме селекција од оние сведоштва и искуства кои беа најзагрижувачи (доколку би сакале да прочитате повеќе одговори, истите се достапни на нашиот Инстаграм профил).

Бидејќи поголем дел од следбениците преферираа одговорите да бидат објавени анонимно, одлучивме сите да ги споделиме како такви.

ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА ЕТНИЧКА ИЛИ ВЕРСКА ОПРЕДЕЛБА:

„Контролорите страшно дискриминираат. Кога влегуваат во автобус 45/65/55 и автобуси кои возат накај  тој регион не прегледуваат картичките на сите и привилегираат граѓани од различна верска определба.“

 ______________________________

„Се возев со необновена карта поради тоа што индексот ми беше на фактултет и немаше како. Иако му го покажав билетот и му објаснив за ситуацијата, сепак ми пиша казна, а дечкото пред мене, Албанец, кој исто така немаше билет го пушти. Инаку и контролорот беше Албанец.“

 ______________________________

„Ако се возиш со автобус број 2, 56, 32, 60 каде што припадниците на албанската етничка заедница најчесто се возат и немаат билет, доколку влезе контрола од иста етничка припадност, на другите им бара карти (ако немаат си плаќаат казна нели), а со првоспоменатите ќе си разменат по неколку збора на “нивен” јазик и ги пуштаат без проблем. Ова се случува многу често и многу иритира.“

 ______________________________

„Се возев во број 57 каде што  имаше патници од друга верска припадност кои што си вртеа муабети со возачот при возење, откога застана на постојката кај Битпазар, автобусот беше полн со постари лица бидејќи беше вторник. Почнаа шоферот и неговите “другари” да ги вреѓаат постарите лица и да им дофрлуваат навредни зборови и исто така зборови од типот “кој ве терал да се качувате” по што следуваа и пцовки. Моменти подоцна беа избркани старите лица кои беа влезени последни бидејќи на возачот така му текнало.“

 ______________________________

„Еднаш кога се качив во автобус, имав слушалки на мене и додека си ја куцав картичката не ни видов дека всушност не сум платила. Се качува контрола во полупразен автобус, ми кажува дека картичката не ми е куцната, и викам, како не, поминав, ајде ќе пробам пак, и беа крајно дрски, едниот од рака ми го зема новчаникот и ме симнаа (не ми дозволија да пробам пак да се куцнам, а и возачот виде дека застанав да се куцнам пред апаратот), и после пак ми ја проверија картичката (користам од тие за десет возења) и ми вика имаш 4 возења, и се расправавме долго време, бидејќи јас им кажувам зашто да не се куцнам а имам возења, тие ми пишаа казна и се правеа на удрени и како капак пишале дека користам туѓа месечна карта! (Се ова пропратено со викање, многу нормално иако јас пробував да бидам смирена). Да биде иронијата поголема, ова се случи на 1 април.“

 

СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ:

„Ова е стара приказна… Возач на автобус, во случајов, јас и другарка на 12-13 години бевме сами навечер во автобусот во кој се возевме, возачот застана, излезе од возачкото седиште и седна спроти нас. Откако не прашуваше некои работи, се дрзна и ни го извади половиот орган и не праша дали знаеме што е тоа, вриштевме силно. Па некако не пушти од автобус и изглеговме, иако пријавивме во полиција и бевме на препознавање, возачот не беше осуден за ништо.“

 ______________________________

„Мене лично не ми се случило ништо, но на другарка кога немала карта контролорите и рекле нешто во стилот „ајде девојче, ти си убава, ми се допаѓаш, па ќе те пуштиме“. УЖАС!“

 ______________________________

„Ми имаат побарано документи, освен мојата слободна карта, БЕЗ ПОТРЕБА, само за контролорот да ме додаде за пријател на Фејбсук. Мора да се води сметка какви луѓе се вработуваат како контролори“

НЕЕТИЧКО ОДНЕСУВАЊЕ, АРОГАНЦИЈА, ДРСКОСТ, НАСИЛНИЧКИ ПРИСТАП:

„Секогаш кога имало некој патник без билет сум била сведок на дрско однесувње од страна на контролорите. 100% од патите ги понижувале патниците пред сите останати без да бидат провоцирани. Последниот пат им дофрлија „или пишете им казна или оставете ги“, на кое што следеше „сакаш и тебе да те симнам од автобусов?“ кон патник со билет.“

 ______________________________

„Бев сведок како тројца контролори од ЈСП нападнаа, најпрво вербално потоа и физички, девојка која немаше платено преку телефон бидејќи немала карта, а апаратот во автобусот не работеше и контролорите не веруваа. Откако неколку патници се побунивме дека девојката е во право и потврдивме дека апаротот за плаќање навистина не работи контролорите почнаа на сите да ни се дерат, почнаа да барат лични карти и се закануваа со пријави во МВР. Сите одбивме да дадеме лични податоци, а контролорите излегоа на станицата на која се симна девојката и расправијата ја продолжоја на автобуската.“

 ______________________________

„Возач вреѓаше жена која се качи во автобус со торба за пазарење и тоа многу навредливо бидејќи не било дозволено со торба да се влегува. Се во ред, но зборовите кои ги употребуваше предизвикаа провокација кај сите што се возевме.“

 ______________________________

 „Ја застанаа девојка ми која на мравка не гази, со кредит на картичка која не фатила преку новчаник, и ја истретираа како најголем криминалец со исфрлање од автобус и пишување казна за неплатен тикет. Никава жалба не помогна…“

 _______________________________

 „Одев на факултет утрото и бидејќи на почетокот на годината по 3 дена не ми беше продолжена слободната си влегов во автобус и пробав да платам со телефон но не можев бидејќи самиот систем не дозволува плаќање на билет доколку си при-прејд корисник.На претпоследната постојка од каде што требаше да слезам влезе контрола и ми побара билет им објаснив дека со телефон не можам да платам и дека носам индекс како документ за тоа дека сум студент и имам слободна. Контролорите дрско и агресивно почнаа да ми викат зошто не ми била продолжена слободната и како од нас провинцијалците само нерви имале  ми го зеде индексот ми запиша податоци и ми ја даде казната.Кога отидов во дирекцијата на ЈСП исто така арогантно ми се развикаа дека мора да си ја платам казната затоа што била моја вина што не сум платила, а индексот за ништо не ми вредел.“

 ______________________________

„Не сум била сведок во последнава деценија бидејќи ги избегнувам автобусите како смрт. Пред 10-тина години ѝ се дереа на една баба зошто немала карта, а таа сирота раце ѝ се тресеа додека да ја најде. Кога ја најде, нормално не ѝ се извинија. Жал ми е што работите од тогаш отишле само надолу…“

 ______________________________

„Пунктот не ми ја регистрира картичка иако истата ја куцнав (во тој момент имаше гужва и не слушнав звук на одобрување, при што си седнав на слободно место). Кога влезе контрола и се покажа дека не ми е регистрирана картичката, контролорот со повисок тон почна да ми бара лични податоци, без да ми дозволи да се објаснам. Ми пиша казна и ми рече дека тоа не било негов проблем. Кога отидов да разговарам со надлежните во ЈСП ми рекоа дека немале начин да докажат дека е моја картичката бидејќи не била персонализирана. Оттогаш се возам скоро една година и сум била сведок на слични ситуации каде што луѓето намерно не ја откуцуваат картичката, а сепак не им е изречена никаква казна.“

 ______________________________

„ЈСП е главната причина поради која извадив возачка, имало многу непријатни ситуации низ годините, ама кога почнав на факултет секојдневно бев сведок на секакви расправии и дискриминација и ми се згади. Си ветив дека не стапнувам веќе во ЈСП да сведочам за мизерија и си останав на зборот.“

 

ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ:

„Пред неколку дена ми стигна казна каде што пишуваше дека каснам со плаќање на истата. Наводно сум се возела во автобус на 5 февруари 2019 година, притоа сум немала билет и ми пишале казна. Јас немам ни записник дома дека казната ми ја пишале ниту па се имам потпишано на тој записник кој треба да го имам. За тој датум имам докази каде сум била во тој момент. Ова е знак дека ми направиле злоупотреба на личните податоци како што ми кажаа одредени лица на ЈСП.“

 

 

The post Сексуално вознемирување, насилничко однесување, етничка и верска дискриминација – ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....