Болниците ширум државата уште од сега се спремаат за на есен, со надеж дека нема да се исполнат во периодот кога е можно здравствениот систем да го зафати посериозен наплив на пациенти кои ќе имаат грип, ковид и други респираторни заболувања. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција рече дека на есен ризиците ќе растат, а со тоа е можно, есенскиот бран на коронавирусот да биде посилен и од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку и во светски рамки.
-Пред нас имаме летни месеци. Изминатите 5-6 дена факторот на пренос е под 1 и се надевам дека така ќе остане и во следниот период и врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти. Но, доаѓаат и есенските месеци, кога времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, ќе почнат да работат и школите. Тоа се сериозни ризик-фактори, заедно со останатиот број пациенти, поради друга патологија кои очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, може да претставуваат навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран, не само кај нас, туку секаде, посочи Филипче.
Тој истакна дека се надева дека се поголем број граѓани ќе ја сфаќаат сериозноста на овој проблем и ќе се придржуваат до мерките, зашто тоа е најдобриот и најефикасниот механизам да се спречи ширењето на вирусот.
-Носењето на маски и дистанцата и функционирањето на сите економски субјекти по донесените протоколи се клучни. Но веќе сега правиме план за здравствените капацитети. Дел од овие капацитети сега се користат, а за дел се прави план и подготовка за снабдување со доволен број на кревети итн. Белодробниот институт во рамки на клиничкиот центар сега е целосно празен и спремен да прими пациенти со соодветен стручен кадар. Понатаму болницата во Козле ни е на располагање. Таму сега има десетина пациенти и лекари кои што се на ротација со цел да се намали притисокот каде што сега се лекуваат. Болницата во Лешок, Јасеново, Кавадарци и други капацитети, но целта не е да се зафатат сите овие кревети. Целта е да го спречиме тоа. Една од работите која ја дискутиравме со експертот на Светската здравствена организација е тоа кој момент е вистински ако треба да се донесе дополнителна рестрикција во движењето за да се намали трансмисијата, ако сметаме дека тоа е единствениот механизам, рече Филипче.
Тој додаде дека засега не сме во ситуација да се носат рестриктивни мерки, но дека интензивно се следат бројките, анализите и трендовите како и факторот ер нула повеќе денови наназад по општини и генерално во државата, врз основа на што ќе се носат соодветни одлуки.
-Сметам дека здравствениот систем е сега многу поспремен отколку на почетокот на кризата, и тоа е очекувано и нормално и со опрема и на спремноста на лекарите. Така што мислам дека оваа криза и за време на вториот бран добро се менаџира, посочи министерот.
The post Се спремаат болниците за на есен, со надеж дека нема да се наполнат appeared first on Слободен печат.
Се спремаат болниците за на есен, со надеж дека нема да се наполнат was first posted on јуни 26, 2020 at 2:10 pm.