Новата учебна година ќе стартува на 1 октомври, одлучи вчера Владата. Претходно ова го најави и мандатарот Зоран Заев.
– Почетокот на школската година ќе биде на први октомври, ќе почне со селекција на дел од децата кои треба да ги описмените, онлајн наставата е концепт за сите. Ова го кажувам за да знаат граѓаните дека имаме комплетен план со анализи за образовниот процес да тече и да го заштитиме нивното здравје – изјави Заев.
По препорака на Комисијата за заразни болести, учебната година ќе започне со онлајн настава за сите освен за основците до трето одделение, освен ако родителот не побара неговото дете да следи настава на далечина.
Веќе се подготвени и протоколите за наставата со физичко присуство, според кои, за оние кои ќе тргнат на училиште задолжителни ќе бидат маските за лице, дезинфекција на рацете и обувките, како и држење на растојание од 1,5 до 2 метри.
Учениците ќе носат оброк од дома, а наставата ќе се одвива до 20 часот
Различни ставови за одложувањето на почетокот на учебната година
Во текот на изминатиот месец образованието беше топ тема помеѓу наставниците, но и родителите во земјава, а најмногу се дискутираше за тоа кој модел на настава би бил идеален во време на пандемијата со Ковид-19.
Откако вчера Владата соопшти дека стартот на учебната година е одложен за први октомври, во јавноста можеа да се слушнат најразлични реакции и ставови.
Еден од првите кој бурно реагираше и ја критикуваше оваа одлука е докторот Никола Пановски, кој за доцнењето на наставата ги обвини институциите.
– Неподготвеноста на надлежните институции е главната причина поради која децата наместо на 1. септември во училишните клупи ќе седнат еден месец подоцна – рече докторот Никола Пановски.
Според него, одлуката на Владата училиштата да се отворат од 1. октомври е погрешна.
Тој останува на ставот дека децата со настава требало да почнат уште овој месец, бидејќи се уште е топло и можат да се проветруваат училниците или пак да се учи на отворено.
Од друга страна, дел од родителите кои бараа настава на далечина за своите деца се задоволни од одложувањето на стартот на учебната година и веруваат дека тоа може да влијае поволно на развојот на системот за онлајн настава.
-Потпишав петиција за онлајн настава уште пред да се донесе таа одлука. Вирусот е опасен, а некои луѓе уште не го сфаќаат тоа. Добро е тоа што учебната година ќе започне на први октомври, бидејќи сега надлежните ќе имаат време да ја подготват онлајн платформата за настава. Се надевам дека тоа ќе биде подобро и поуспешно организирано во однос на последните три месеци од минатата година – вели Марија Стефанова мајка на ученик од петто одделение.
Сепак, таа додава и дека наставата на далечина не треба да е нешто што ќе се одвива на подолг рок, туку само додека не се подобри епидемиолошката слика.
-Лани онлајн учењето беше хаос, а и ние како родители изгубивме многу повеќе време за учење со децата од вообичаеното. Иако сум за тоа учебната година сега повторно да започне онлајн, сепак искрено се надевам дека тоа нема да трае повеќе од три до четири месеци – додава Стефанова.
И некои од наставниците го делат ставот дека онлајн наставата е само привремено решение, но не се сигурни како одложувањето на учебната година ќе влијае врз децата.
-Дури и најмалите мора да сфатат дека се наоѓаме во време на пандемија, па сега логично е условите и работите да се променат. Учениците се навикнати секоја година да доаѓаат на училиште на први септември, а сега покрај тоа што им е променет датумот, тие претрпуваат и промени во наставниот модел. Но, ајде, можеби токму тој месец ќе ни даде повеќе време подобро да се подготвиме, па би можеле на тоа да гледаме и како на добра работа. Иако лично немав проблеми со наставата од далечина, верувам дека тоа е само привремен метод за работа иако е добро што се подготвува национална платформа за е-учење која ќе биде достапнаод 2021 година – вели наставникот по историја Иван Дејанов од основно училиште „Димитар Беровски“ во Општина Ѓорче Петров.
И дел од соседните земји го одложија стартот на учебната година
Во некои од соседните земји исто така е одложен стартот на новата учебна година, па така на пример во Хрватска таа ќе започне на 7 септември со почитување на сите епидемолошки мерки и протоколи за заштита и превенција од Ковид-19.
Во Грција учебната година исто така ќе започне на 7 септември, во Србија, Словенија и Црна Гора учениците се враќаат на училиште на први септември, додека во Албанија наставата ќе продолжи од 14 септември.
Во Косово се уште нема одлука за датумот кога би почнала школската година, како ниту за моделот по кој таа би се одвивала.
The post Различни ставови за одложениот старт на школската година: Родителите се надеваат на поуспешна онлајн настава од лани appeared first on Слободен печат.
Различни ставови за одложениот старт на школската година: Родителите се надеваат на поуспешна онлајн настава од лани was first posted on август 27, 2020 at 11:02 am.