7.8 C
Скопје
06:50 - 30 април, 2024

Почнаa ловот на гласови и ловџиските приказни

Петнаесет политички партии и коалиции имаат 19 дена на располагање за да ги убедат гласачите дека нивните кандидати за пратеници се најдобриот избор на претстојното гласање на 15 јули, кое овој пат се одвива во специфични здравствени услови поради кризата со коронавирусот. Предизборната кампања официјално почнува денеска и ќе се спроведува на нетрадиционален начин, без стандардните почетни митинзи и патувачки карвани, туку со средби со граѓаните на отворено и ќе трае до 12 јули на полноќ. Поради изборниот модел главни фаворити на овие избори повторно се СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, а за дел од 120-те пратенички места ќе се борат и помалите политички партии, меѓу кои и пет нови.

Двете најголеми партии ветуваат позитивна кампања со фокус на претставувањето на своите програми, но истовремено применуваат и негативни методи и секојдневно се оцрнуваат меѓусебно, а помалите партии се трудат да се изборат за својот простор и да ги понудат своите решенија, но засега остануваат во сенка.

СДСМ ќе игра на картата стабилност наспроти режим

СДСМ вчера од Струга повторно ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и најави дека предизборните активности ќе ги прилагодат на препораките на здравствените работници.

– Нема да организираме големи митинзи и собири и посети од врата на врата. Ќе организираме настани во затворено до 30 души, а на отворено до 50, со строго почитување на мерките. Ќе ги користиме сите модерни начини како нашата понуда да стигне до сите граѓани. Ги повикуваме сите учесници на изборите да ги почитуваат препораките затоа што нема ништо побитно од здравјето на граѓаните – рече вчера пратеникот Јован Митревски во Струга.

Партијата ќе ја базира својата кампања на идејата дека изборот на граѓаните е јасен, стабилна сегашност и сигурна иднина со власт предводена од СДСМ или враќање во мрачното режимско минато со ВМРО-ДПМНЕ. Главни адути ќе им бидат членството на Македонија во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ и критиките кон опонентите дека се најнеодговорната опозиција во историјата, која нема став за важните стратешки прашања од интерес на државата и на граѓаните.

– Кампањата зависи од учесниците, ние нема да си играме со здравјето на граѓаните. Со целосно почитување на мерките за заштита, ќе се обидеме да допреме до што повеќе луѓе, бидејќи овие избори ќе бидат во сенка на пандемијата. Фокусот ќе биде на тоа што сме наследиле како проблем, што сме решиле, што ќе решаваме во наредните четири години, нашиот став и политики – најави потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска завчеравечер на ТВ Канал 5.

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара гласови за обнова и правда

ВМРО-ДПМНЕ вчера во Битола ја претстави својата предизборна програма со наслов „Проект Обнова на Македонија“, во кој освен проекти од партиските експерти, има и предлози од граѓаните и од странски експерти.

– Програмата почива на четири столба. Тоа се ефикасна држава и силни институции, конкурентен приватен сектор, интегрирана стабилна и безбедна земја и подобри услови за живот на сите граѓани. Програмата има цели за раст на БДП од 4 до 5 отсто годишно, намалување на стапката на невработеност под 10 отсто, зголемување на платите за 25 отсто во период од 4 години, домашни и странски инвестиции од 4 милијарди евра, стабилни субвенции, подобрување на стандардот итн. – рече Трајко Славески на промоцијата на програмата.

Претседателот Христијан Мицкоски рече дека програмата е базирана на директните потреби на граѓаните.

– Јас и мојот тим се обврзуваме дека ќе ги исполниме роковите од програмата за обнова, која народот ја бара и ја чека подолго време. Европска Македонија е возможна за тоа и ќе се избориме заедно, а оваа Македонија денес е обесправена, изгубена во криминал и корупција, во чекалницата на ЕУ. Во програмата главниот фокус е ставен на економијата, на претприемништвото и на поддршката за бизнисот, а целта е повеќе пари за секого. На народот му се потребни пари наместо демагогија, а на државата работа и резултати наместо неспособност и пораз – рече вчера Мицкоски во Битола.

Според потпретседателот Александар Николоски, ВМРО-ДПМНЕ има најсеопфатна програма со повеќе од 1.000 проекти и решенија за обнова на Македонија, кои ќе ја вратат гордоста кај луѓето, ќе ја подобрат економската состојба и ќе го направат полесен животот на граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ има тим, капацитет и програма што следните четири години ќе ги направат поубаво место за живеење во Македонија и ќе ја вратат правдата, затоа што во овие три години комплетно се дерогираше системот на владеење на правото и нема пора во системот што не се искорумпира – вели тој.

ОБСЕ ќе ги проценува изборите со седум експерти

Седум експерти од специјалната мисија на ОБСЕ/ ОДИХР ќе бидат сместени во Скопје од каде што ќе го следат целокупниот изборен процес и на крајот ќе дадат проценка дали изборите биле во согласност со заложбите на ОБСЕ за демократски избори, како и со националното законодавство. Набљудувачите ќе ги следат клучните аспекти какви што се регистрацијата на гласачите и на кандидатите, кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, решавањето на изборните спорови и медиумското покривање на кампањата. Ден по изборите, мисијата ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци, а конечниот извештај ќе биде објавен по два месеца.

ФИОМ апелира за фер изборна кампања

Фондацијата Отворено општество – Македонија апелира учесниците на изборите, кои овој пат се предизвик за сите, да одржат фер изборна кампања и да ги почитуваат демократските вредности.

„Важно е, како никогаш досега, сите чинители да покажат зрелост, институциите да спроведат фер и демократски избори и со тоа да се оневозможи каква било злоупотреба на изборниот процес. Во услови на епидемија, очекуваме политичките партии да се воздржат од организирање настани што се спротивни на мерките за заштита. Апелираме до политичките партии да се воздржат од говор на омраза и дискредитација и од креирање атмосфера на нетрпеливост, недоверба и поларизација, како и од користење и пласирање лажни вести“, се вели во соопштението на Фондацијата.

The post Почнаa ловот на гласови и ловџиските приказни appeared first on Слободен печат.


Почнаa ловот на гласови и ловџиските приказни was first posted on јуни 24, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....