-2.2 C
Скопје
19:59 - 22 декември, 2024

Почитување на поткренатата веѓа

Значи, здодевно е. Нема како да ја опишам ситуацијата поинаку. Поминавме низ разни фази. И различни чувства. Од возбудата дека ја живееме историјата, зашто се случува нешто „еднаш на сто години“, преку стравот од она што се случува тука, околу нас, па преку паниката во комбинација со утехата дека истото се случува насекаде низ светот –  „не сме саде ние, не сме саде тука“, до помиреност со судбината и потоа, конечно, со приклучување на „движењето на отпорот“ – има да патуваме и да одиме каде што сакаме (со маски, со дезинфекциски средства, со пржени лепчиња, со влажни марамчиња, со сѐ), само да ги отворат границите. Ние сме спакувани уште пред две недели. Во меѓувреме, преовладувачкото чувство е – здодевност. Но, некоја сосема поинаква.

А не беше толку одамна… во едно интервју пред околу два месеца, на прашањето како оди животот во Лондон, во изолација, она што тука го нарекуваме „локдаун“, што повеќе асоцира на заклученост, целата полетна и оптимист, каква што сум, реков – одлично. Замислете – одлично! Работам, пишувам, состаноци на лаптоп, речиси нормален живот фриленсерски, со исклучок на патувањата во разни делови на Лондон и на Англија, за предавања и семинари. Ех, тогаш… Со свежи сеќавања и со уште  неиспратени сметки за хонорари, лесно беше тогаш да кажам – одлично. Сега, откако исчитав еден куп книги, максимално ги  искористив кујната и мајка ми за рецепти, работев и пишував од дома, како и порано, се обидував да вежбам со променлив успех, шетав(ме) еднаш дневно во природа и темелно да преуредив(ме) куќата, дворот (и напред и назад), дојде време на колосална досада. Или здодевност. Или да се нема идеја што да се прави од неизвесноста, зашто информации на пипета, а совети како да сме второ за трето (одделение).

Разединето кралство

Гледам, времето во изолација многумина го користат  за креативни работи. Да учат странски јазици, да научат или да обноват сеќавање од лекции за некој инструмент (мене, за жал, нотите од „Черни“ уште ми стојат неотворени), трети сликаат… јас во настап на тотално бизарна креативност решив – да си ги средам веѓите. И сега со премиерот Борис Џонсон имаме две заеднички карактеристики. Освен разбушавена коса (јас три месеци без фризер, тој – два), имаме и благо зачуден поглед, благодарение на дупче во левата веѓа. Како настана мојата, знам. За премиерот, можам само да претпоставувам. Откако излезе од болница, по прележаната зараза со ковид-19, Борис Џонсон не е она што беше порано. Додека беше во болница, Владата беше како раштимуван оркестар и мислевме дека  сега цврсто ќе ги земе уздите во свои раце. Ама, не се случи тоа. Се случи чудна работа. Премиерот најави мерки  за олеснување на изолацијата, кои беа толку минимални што речиси можевме и да не ги забележиме. Беа дека сега можеме да излегуваме повеќепати во текот на денот и да патуваме со автомобили. До блиските излетнички места. Каде што мештаните, главно, не сакаат „лондончишта“. Да не сме ги заразеле. Па мора да се вратиме дома. Мојата крената веѓа со зачуденост сосема одговара на реакциите на новите мерки на премиерот.

Шкотска и Велс рекоа дека нема да ги почитуваат мерките и дека кај нив уште ќе важи – останете дома. Никола Стрџен, првата министерка на Шкотска, која ужива да му противречи и да го нервируцка Борис и дури од идната недела ќе „релаксира“ малку, а со себапот го запознавме и првиот министер на Велс, за кој сега нема да ве заморувам со името, туку со описот. Средовечен, висок, со правоаголни очила, сив џемпер под сако, со сите копчиња закопчани, светлосива кошула со најчесто темносива вратоврска, уште качкет и шкода му фалат за сликата да биде потполна. Харизма нема. Ама и тој стана проблематичен за Борис. Ајде добро, да не кажете после не сум ви кажала. Марк Дрејкфорд. И така, Обединетото Кралство во последниве неколку недели делува некако многу – разединето. Па мислам дека тоа е делумно причината за поткренатата веѓа на Борис Џонсон.

Е сега, Џонсон теоретски нѐ релаксира малку нас тука, во Англија, ама во исто време, за да се оди некаде подалеку, треба да се биде многу внимателен и да се знаат сопствените можности. И да не пиете течности неколку часови пред излегување. И да имате мочно бабуле на слон. Зашто, повторувам, работат само самопослугите и аптеките. Па, бидете шизик на ризик, ако ви стиска. А ќе треба да стискате.

Убави вести

Една убава вест во Англија. Станува збор за трансплантација на органи и донатори. Досега, сите што сакаа нивните органи, откако ќе починат, да бидат искористени за продолжување на животот на други луѓе, мораа да носат таканаречени донаторски картички или на своите блиски да им кажат што сакаат со нивните посмртни останки. Сега веќе не е така. Благодарение на упорната акција на активисти и на Макс, 12- годишникот кој пред три години го доби срцето на прерано починатата десетгодишна Кира, сега во Англија сите сме донатори! Оние што нема да сакаат по нивната смрт нивните тела, односни нивните органи да им бидат искористени за спасување или продолжување живот на други деца, мажи и жени, на човечки животи, ќе треба да носат специјални, „недонаторски картички“, на кои ќе биде наведено дека не сакаат „да се донираат“. Законот тука е донесен неделава. Се вика „Макс-Кира“ закон. Во Велс (оние со здодевниот прв министер) го имаат од 2015 година. Во Шкотска го планираат за 2021 година. Само во Северна Ирска нешто се премислуваат. Ама мислам дека ако има промени во Република Ирска, католиците ќе сменат, сега со промените во Англија, протестантите ќе омекнат, и Кралството, барем тука, ќе се обедини.

Од другите (убави)  вести, од оваа недела, во гореспоменатите аптеки каде што нема тоалети, има тестови за коронавирус. За само 69 фунти може да се купи и да се провери дали сме имале или не ковид-19.Тестот е производ на американската фармацевтска компанија „Абот“, и веледрогеријата „Супердраг“ која го продава тука тврди дека е точен. Тукашните здравствени власти, пак, предупредуваат на претпазливост и дека примероците крв потребни за тестот е препорачливо да бидат земани од професионалци, а не ние дома – самите. Тестирањето оди вака. Си го боцкате прстето, го ставате примерокот од крв во пластичното стапче и го праќате по пошта во лабораторија. За 24 часа имате резултати. Не знам што има професионалец да има да ми го дупнува прстот професионално, кога зашивам копче решето си ги правам прстите, ама ајде. Во моментов сите тестови се распродадени, па ќе видиме како ќе се развиваат работите понатаму. Уште најмалку една компанија најавува продажба на тестови. Владата што „мрчка“ за приватните тестови, нарача исти такви, ама, вели, за јавното здравство.

Во меѓувреме, чекајќи тестови и отворени граници, шетаме на покуси релации. Без маски, зашто времето е убаво, плус надвор не е задолжително. Забележувам неколку работи. Кога ќе се сретнеме со други луѓе на улица, се разминуваме во поголем радиус. Какво почитување, што да ви кажам… Така некако сериозно ли им делувам, достоинствено, самоуверено?! Па се прашувам, што е работата? Дека немам маска? Или до веѓата ќе да е? До идната недела ќе знам. Нарачав моливче.

The post Почитување на поткренатата веѓа appeared first on Слободен печат.


Почитување на поткренатата веѓа was first posted on мај 23, 2020 at 3:30 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....