1.8 C
Скопје
19:16 - 19 декември, 2024

Пандемијата како економски земјотрес

Владата ја отвора државата. Ракавицата е фрлена. Мора да се живее, економијата веќе нема сили да стои во место. Прв, втор, трет сет на економски мерки. Бескаматни кредити, финансиска поддршка за исплата на минимална плата од 14.500 денари, домашни платежни картички, ваучери, одложено плаќање на кредити, стопирање на извршувањата и исклучувањата на комуналните услуги. Сето тоа е добро, ама парите не растат на гранка, тие треба да се заработат. Сите се обесија врз буџетот, а тој “дише на шкрги”. Ако нема прилив, ќе нема од каде да се зема. Односно, ќе има, ако државата се задолжи. Но и тоа треба некој да го враќа.

Одлуката за враќање во нормала не е лесна. Народски кажано, од конзервативниот пристап на справување со ковид-19 (целосно затворање на граници, социјална изолација, карантини, работа од дома), како да прескокнавме во друга димензија. Уредбите се нижат со збунувачка брзина. Слободен влез на патници, враќање на меѓународниот воздушен и патнички сообраќај, отворање на теретаните и внатрешните делови на кафеаните. Сė што „паузираше“ – оживува. Наското ќе имаме и избори. И сето тоа во сенката на болеста, која никако не заминува. Но и реалноста натежнува.

Да не се залажуваме дека состојбата ќе се нормализира преку ноќ. Стопанствениците не се најрасположени да даваат какви било прогнози за тоа што ќе се случува во иднина. Во едно се согласни сите – закрепнувањето од штетите од вонредната состојба која траеше повеќе од три месеци, ќе оди бавно и долгорочно. Не само во производството, туку и во компаниите од услужниот сектор се бележат големи загуби, а треба да се сочуваат работни позиции, од кои во иднина ќе зависат евентуални нови нарачки.

За економистите, пандемијата беше економски шок или еден вид земјотрес. Тоа беше нарушување на цврстата структура, кое отстапува од нормалниот раст. За да се раздвижи економијата, потребно е насочување кон нова потрошувачка која ќе ги натера компаниите да ги оживеат инвестициите. А побарувачката за палетата на производи која излегува од македонските погони сега уште пожестоко ќе зависи од глобалните услови. Автомобилската индустрија, за која во најголем дел работат фабриките во нашите индустриски зони, е на стенд-бај. Бидејќи луѓето помалку патуваат, автомобилите ќе им траат подолго, па побарувачката за нив ќе стагнира. И во градежништвото владее затишје. Иако започнатите градежни проекти може да бидат завршени, плановите за нови деловни згради или трговски центри нема наскоро да видат бел ден. Соочени со радикалната несигурност, македонските граѓани ќе штедат повеќе, а ќе трошат помалку. Она што е тотална непознаница е кога ќе дојде следната понуда за работа, или отказот. Во меѓувреме ќе дојде и септември. Ќе заврши мораториумот, кој банките така великодушно им го подарија на граѓаните – ќе треба да се враќаат долговите, облагородени со каматата за овие неколку месеци.

Да не ги заборавиме и изборите. Со самото тоа што се во исчекување на нова влада, компаниите почнаа да го дигаат гардот и резервирано да гледаат на сите идни проекти, така што 2020 година дефинитивно ќе биде во застој. Стопанствениците се еднодушни – проектираниот економски раст е тешко остварлив. Работата на админстрацијата ќе забави, бидејќи дел од луѓето кои ги водат институциите ќе се посветат на изборите. Од друга страна, согласно законите во земјава, за време на избори не може да се склучуваат нови договори, да се издаваат концесии, не може да се доделува земјиште… Со коронавирусот и со изборите, ова лето ќе биде сė, само не „здодевно“.

 

The post Пандемијата како економски земјотрес appeared first on Слободен печат.


Пандемијата како економски земјотрес was first posted on јуни 29, 2020 at 9:22 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....