По успешното изведување на првата трансплантација на срце од кадавер, во петокот минатата недела пропадна обидот да се пресади уште едно срце. Иако официјално не се соопшти точната причина поради која никој од пациентите што биле кандидати за трансплантација не го прифатил органот, сепак неофицијално меѓу оние на кои им е потребно ново срце постои недоверба во изведувањето односно во подготвеноста на нашите кардиохирурзи за изведување на овие комплицирани операции поради што и трансплантацијата не е направена. Во петокот беа трансплантирани и два бубрега, но двете трансплантации не се изведуваат паралелно, туку едно по друго што го поставува прашањето дали имаме доволно стручен кадар за развој на трансплантацијата во земјава.
Од канцеларијата на Националниот координатор за трансплантација велат дека во земјава има доволно стручен кадар што може да изведува трансплантации на срце и на бубрези, а во наредниот период треба да се обучи кадар што би трансплантирал црн дроб од пациент во состојба на мозочна смрт.
Првата трансплантација на срце се направи на крајот на мај, а пациентот на кој ова на некој начин му беше и последна шанса за живот, бидејќи се наоѓаше во тешка здравствена состојба, беше успешно стабилизиран и пуштен на домашно лекување. Иако ова требаше да даде ветер во грбот на трансплантацијата на органи и ткива во земјава, процес на кој се работи долги години, но сѐ уште не е воспоставен систем, сепак ладен туш беше информацијата дека пропаднал обидот да се изведе уште една трансплантација. Биле повикани неколку потенцијални приматели на орган од Националната листа за трансплантација на срце, но тие не прифатиле да се трансплантираат. Пациентите не сакаат јавно да кажат зошто не се согласиле, но неофицијално објаснуваат дека нашите хирурзи немаат доволно искуство во изведување на дел од овие комплицирани операции, особено кога се во прашање, трансплантации на срце кај пациенти со двојна пумпи. Тие објаснуваат дека е потребно овие операции кај нас прво да ги прават поискусни лекари од странство.
Од канцеларијата на Националниот координатор за трансплантација велат дека на Клиниката за кардиохирургија се усовршувале и во Хрватска каде што и работеле трансплантации на срце.
– За да почнете со некоја медицинска дејност, мора да ги исполните сите услови односно да се обезбедени простор, опрема и кадар. Иако нашите кардиохирурзи не се многу експонирани, сепак за нивните квалификации имаме и потврда од центрите за трансплантација во Хрватска каде што работеле – објаснуваат од канцеларијата на Националниот координатор за трансплантација.
Во Програма за едукација се планирани обуки за кардиохирурзите во делот на постоперативното лекување и следење на пациентите.
Покрај тројцата кардиохирурзи од Клиниката за кардиохирургија, меѓу кои и директорот Сашко Јовев, во изведување на трансплантациите е вклучен и доктор Жан Митрев.
Трансплантациите на бубрези се прават на Клиниката за урологија. Еден тим на уролози предводен од д-р Сотир Ставридис го води тимот што го вади органот од донорот, а друг тим предводен од д-р Дејан Дохчев го трансплантира бубрегот кај примателот. По утврдувањето на состојба на мозочна смрт кај донорот и добивање согласност од семејството, двата бубрега се вадат, а потоа се трансплантира едниот, а по завршување на првата трансплантација другиот бубрег. Дали се доволни овие два тима, односно што ако имаме кадавер, а некој од овие двајца лекари не е во земјава, дали може да се случи органите да пропаднат и да нема кој да ги пресади.
– Бубрегот е орган што по вадењето може да издржи 12 до 24 часа додека да биде трансплантиран. Покрај Дохчев и Ставридис се вклучени и голем број млади лекари. Одреден период е потребен и за подготовка на пациентот за трансплантација, така што додека едниот се трансплантира, другиот се подготвува. Во однос на тоа колку трансплантации се прават, имаме доволно уролози – велат од канцеларијата на националниот координатор за трансплантација.
Оттаму велат дека во програмата се предвидени обуки за кардиолози, кои се грижат за постоперативното закрепнување на пациентите со трансплантирано срце. Од септември се планира и трансплантација на коски и коскени ткива, за што е потребно да се набави опрема. Се планира и развој на трансплантација на црн дроб, за што се планира доусовршување на кадар.
The post Органи се наоѓаат, доверба во лекарите потешко appeared first on Слободен печат.
Органи се наоѓаат, доверба во лекарите потешко was first posted on август 7, 2020 at 8:30 am.