2.8 C
Скопје
20:00 - 23 декември, 2024

Опозицијата ни на небо, ни на земја

Ууупс, ете, одиме на избори! … Како знам? Па, погледајте ја палетата од вчерашните настапи на опозицијата! Чулев наеднаш се противи на продолжување на домашниот карантин и за следниот викенд, иако до вчера опозицијата ја критикуваше СДСМ за недоволно строги и решителни мерки за комплетна изолација и ставање „под клуч“ на цели општини.

Се „пробуди“ и Антонио Милошоски и вели: „Доколку Собранието повторно се состане, тоа ќе служи како параван за озаконување на сите уредби на Владата“ (да, де, што е тука спорно?), иако, спротивно на „лабавоста“ на Чулев, Милошоски мисли дека избори во јуни или во јули би биле здравствен ризик за граѓаните… Па туризмот не го убива короната, туку неспособните луѓе од власта; па за зелките ќе се добиеле поголеми субвенции како резултат од притисоците на опозицијата; а и падот на цените на горивата е резултат на влијанието на ВМРО врз светските нафтени берзи, по критиките за трите денари покачени акцизи во Македонија… А и крвавите настани од 27 април биле сценарио на СДСМ за насилно да се сруши власта на Груевски… или така некако, мусаво.

Ви велам, ваква концентрација на глупости е обично резултат на возбудата од покачен адреналин заради скорешно одење на избори.

Но, вчера на програмата на „Утрински брифинг“ водев разговор со потпретседателот на најголемата опозициска партија, Владо Мисајловски, кој со право вели дека здравствените власти и медицинските експерти треба да кажат дали летово може да се излезе на избори. Тоа е во истиот ден кога Чулев бара да се редуцира карантинот за следниот празничен продолжен викенд, што е по инсистирање на здравствените власти. Со што, посредно, се согласува Милошоски, истиот ден. Конфузија.

Всушност, ништо ново. Тоа е само продолжување на комплетната неконзистентност на ВМРО-ДПМНЕ по сите суштински политички и неполитички прашања во државава во изминатите три години: евро-атлантските интеграции, договорите со Грција и Бугарија, референдумот, мерките за справување со епидемијата, прашањата за задолжувањето на земјата и справувањето со економските последици од кризата, сè до дилемата за тоа треба или не треба повторно да се свика собраниска седница.

Практично, сите важни одлуки за иднината на Македонија во последните години (а и децении, ако ја тенчиме до крај) ги донесе коалицијата предводена од СДСМ (и претседателот Пендаровски, со својата уставна позиција), сите тие одлуки, некои и со историска важност, се покажаа како продуктивни и во вистинска насока, додека опозицијата седната на „трибините“ грицкаше семки и заглушувачки навиваше ништо од тоа да не се спроведе.

Потребна е голема, мрачна имагинација за да се замисли каде ќе беше денеска Македонија ако се слушаа заложбите на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 година наваму… Добро, што е право, можеби акцизата за горивата ќе беше три денари помала.

И сега сме во иста ситуација: нашата опозиција, објективно, ни сега не знае што точно сака, освен дека сака да не е во опозиција. На тоа се исцрпува целата нивна програма, додуша со низа забавни поединечни настапи и однесувања.

Тоа значи дека каква одлука и да се донесе за понатамошното одвивање на работите и за здравствената криза и за (не)функционирањето на Собранието и за одење или не на избори и за тоа дали ќе има воздушно запрашување против комарци – опозицијата ќе биде против, пропагандно ќе хистеризира и ќе обвинува, а може и да почне да се заканува со бојкот и слични мерки за „бетонирање“ на сопствениот опозициски статус во догледна иднина. Ќе продолжат да левитираат ни на небо, ни на земја, загубени во преводот.

Може само од семки да поминат на сончоглед, а потоа и на леблебија, за да ја покажат својата решеност да продолжат да бидат тотален „запек“ за подобрата иднина на државата. Одамна имаат заборавено дека може и поинаку.

The post Опозицијата ни на небо, ни на земја appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....