-3.2 C
Скопје
21:19 - 22 декември, 2024

Нова власт може да значи и нови кандидати за амбасадори!?

Кандидатите за амбасадори кои до 11 февруари нема да ја завршат постапката, која вклучува и обраќање пред Комисијата за надворешни работи во Собранието, ќе мора да чекаат да завршат изборите, па да заминат во странство. Ова вчера го порача шефот на државата Стево Пендаровски, напоменувајќи дека досега само петмина успеале да добијат агремани.

Тоа може да се претвори во дипломатски скандал ако се смени власта, а новата не сака да ги потпише именувањата на амбасадорите. Од нив десетина се од ДУИ, која поради спорот со експретседателот Ѓорге Иванов со години немаше свои кандидати за амбасадори. Уште повеќе, празни ќе останат клучни амбасади на Македонија – во Вашингтон, во Њујорк и таа во НАТО, но бидејќи беше именуван меѓу првите, новиот амбасадор Дане Талевски има поголеми шанси да стапи на функцијата пред изборите. СДСМ не успеа да ги пополни најпосакуваните фотелји, иако осум месеци откако има „свој“ претседател т.е. откако нема кочничар за именувањата.

До изборите нема да помине ни новиот предлог-закон за надворешни работи, кој според последните информации е испратен на доработка во правната служба во владата. Голем број од дипломатите во МНР не го дочекаа со одобрување предложениот законски текст. Тие обвинуваат дека со него ќе се создаде хаос во Министерството, зашто сметаат дека е толку контрадикторен што и министерот Никола Димитров не ги исполнува условите да биде испратен за амбасадор. Законот предвидува дека во наредните пет години никој не ќе може да го менува, што според дипломатите е апсурд.

Најгласен против предлог-законот е претседателот на вториот т.н. Македонски дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ, последен амбасадор во НАТО, кој беше перципиран како човек на експретседателот Ѓорге Иванов. Откако се врати од Брисел од амбасадорската функција и од рангот директор на сектор, тој е спуштен на ниво раководител на одделение, а платата му е намалена за 20.000 денари. Тој смета дека законот не воспоставува здрав систем според кој ќе се рангираат или ќе напредуваат дипломатите и дека има апсурдни одредби. Како таа – ако си првпат амбасадор треба да паузираш една година до следното именување, ако си вторпат, треба да паузираш четири години, а за да стигнеш до амбасадорската функција воопшто треба да чекаш 18 години.

Според него, во МНР има реално незадоволство од новиот закон и од новата систематизација, а тоа го илустрира со зголемениот број членови во неговиот синдикат, кој се гледа како ривалски на претходно формираниот Синдикат на македонската дипломатска служба, кој сега молчи. Дабиќ отфрла дека неговиот синдикат е инструиран политички, иако во јавноста ги перципираат едните како блиски до СДСМ, а другите до ВМРО-ДПМНЕ.

– Законот ја продолжува тенденцијата, дипломатијата да се држи под цврста контрола. Концентрацијата на власт што тој му ја дава на министерот само дополнително би ја зацементирала неприкосновената моќ врз статусот и кариерите на вработените – порачува Дабиќ.

Стана практика со смената на владите да се менуваат и законите за надворешни работи, бидејќи интересот за амбасадорските фотелји е голем и во и надвор од дипломатските редови, така што често се прилагодува на потребите на едни или други. Најголема новина е што новиот предлог-закон ја укинува забраната амбасадорите да имаат двојно државјанство, ако второто не е од земјата во која треба да служат.

Сè додека важи сегашниот закон, претседателот Пендаровски најави дека нема да дозволи дипломати со двојни државјанства да заминуваат на вакви функции.

За кого отвора пат законот, е прашање на кое ќе се добие одговор наскоро, бидејќи останаа непополнети две жешки амбасадорски позиции. Законот предвидува дипломатите еднаш годишно сами да си пишуваат оценка за својата работа, а претпоставениот во хиерархијата да им ја потпише. Ако си дадат неточна или, како што стои, незрела оценка за своето работење, ќе бидат повикани на дисциплинска комисија! Законот предвидува амбасадорите што не се дипломати од кариера (такви се 20 отсто) да не можат потоа да се вработат во МНР. Имаат право на продолжување од една година во странство, а по исклучок може да бидат амбасадори двапати – но не во иста земја. Тој отвора врата и за именување амбасадори од други институции. Законодавецот вметнал забелешка дека работата во МНР „не може да биде награда за чисто политикански ангажман“.

The post Нова власт може да значи и нови кандидати за амбасадори!? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....