Пред повеќе од 160 години, во една тогашна остра дебата во Отава, полемизирајќи со своите политички противници Абрахам Линколн ќе ја изговори познатата реченица дека „во ова време, во оваа земја, јавниот сентимент е сè – со него (на ваша страна) ништо не може да потфрли; против него, ништо не може да успее“.
Како што гледате, во суштината на политиката – кому ќе му се наклони јавното мислење – ништо не се менува, без разлика кој век ќе го одберете. Останатото е само медиумска технологија: од врескање качени на гајби, се помина на врескање преку социјални и електронски медиуми.
На месец дена пред избори, политичкото врескање во Македонија полека се движи кон врвот на децибелите, резервиран за почетокот на јули. Вчера, на пример, опозицијата пропагандно промовираше нов „слоган“ со кој се критикува политиката на власта: „Новото нормално на Заев“!
Мислам дека таа карактеризација е точна. Особено кога ќе се доведе во контраст со „Новото ненормално на Мицкоски“ – претпоставувам не сакајќи, опозицијата ја дефинира главната разлика во изборните политички понуди: нормалност против ненормалност; дури, нормални против ненормални?
Да се прашува Линколн, што мислите, кому би му ја доверил предноста во вака дефинираниот судир за наклонетост на јавниот сентимент?
Елем, во време на кризи, јавноста не сака постојано да ја плашите, заканувачки да ѝ се внесувате в лице, дополнително да ја вознемирувате со најцрни прогнози, да ѝ предвидувате дека сите, наскоро, ќе умрат… па макар и поради „неспособноста“ на власта. Уплашен човек не може рационално да размислува, возбудата му буричка по емоциите, стравот ќе го разболи и пред да се зарази.
Во време на кризи, јавноста сака смирување – не лажење! – со точни информации и анализи за состојбите, со објаснување на постапките и мерките што се преземаат на начин што ќе ѝ овозможи на таа јавност логично и одговорно однесување, без страв и паника. Паниката, впрочем, никогаш не е добар сојузник во политиката, а ширењето страв е очајничка стратегија.
Во такво расположение, го читам вчера постот на нашиот познат токсиколог, д-р Нико Беќаровски, кој со високо етичко чувство за Хипократовото послание, јавно ги повика албанските политички лидери кои се и лекари по професија (Таравари, Османи, Села) заедно да се обратат до нашите сограѓани во општините каде се наоѓаат поголем дел од нивните гласачи, а кои најмногу се погодени од новиот бран на ширењето на заразата (Чаир, Липково, Лабуништа, Тетово и тн.), и да ги повикаат – ЗАЕДНО – на почитување на сите здравствени препораки заради опасноста од вирусот што ПОСТОИ. Истото им го советува и на шефот на државната Здравствена комисија и на водачот на здравствената комисија на опозицијата, ЗАЕДНО (и без политизирање) да се обратат до јавноста со порака за почитување на препораките, кои се усогласени и се применуваат од Јужниот до Северниот пол на Земјава.
Тоа, се плашам, нема да се случи. Премногу би било „нормално“, на триесетина дена пред избори. Овдека забрзано се инвестира во „ненормалното“, со надеж дека тоа ќе донесе гласови.
Ај, баш да видиме, како ќе помине Линколн на изборите во јули.
The post Нормални против ненормални? appeared first on Слободен печат.
Нормални против ненормални? was first posted on јуни 3, 2020 at 10:24 am.