23.8 C
Скопје
18:56 - 28 април, 2024

Немаме избор, избори да нема!

Се очекува денеска да бидат одложени предвремените парламентарни избори, што се закажани за 12 април, за да се спречи натамошното ширење на коронавирусот во услови на светска пандемија. Претседателот Стево Пендаровски свика лидерска средба на која единствена точка на дневниот ред е можноста за одложување на изборите, а поканети се лидерите на парламентарните политички партии во Македонија – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.

Сите поголеми политички партии вчера се изјаснија дека се за одложување на изборите и едногласно повторија дека здравјето на граѓаните е најважно, а изборите ќе се организираат кога ќе биде надмината опасноста од коронавирусот.

Од сите изјави и според актуелната ситуација во земјава, во соседството и во цела Европа, каде што повеќе земји веќе прогласија вонредна состојба, како и од катастрофалниот одѕив на гласачите на локалните избори во Франција, што се одржаа завчера, извесно е дека на 12 април избори ќе нема. За да се реализира ваквиот политички договор ќе треба да се свика распуштеното Собрание и пратениците да донесат одлука. Засега не е јасно кога ќе продолжи изборниот процес, дали воопшто ќе продолжи или ќе почне од почеток. Многу работи зависат и од Советот за безбедност кој требаше да се состане синоќа кај шефот на државата Пендаровски и на кој се очекуваше одлука за воведување кризна или на вонредна состојба на територијата на целата земја.

Од Државната изборна комисија за „Слободен печат“ објаснуваат дека во Изборниот законик не се предвидени вакви ситуации и сега се зависи од одлуката на политичките фактори и на Собранието.
– За тоа дали досегашните изборни активности ќе продолжат или сиот изборен процес ќе почне од почеток треба да донесе одлука надлежниот орган. ДИК е само организатор на изборите, а одлуката за натамошните активности треба да ја донесе Собранието – вели портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.

Членовите на ДИК во неделата порачаа дека тие ќе ги почитуваат сите одлуки на надлежните, но апелираа до политичките партии и до Владата да размислат за тоа дека изборниот процес може да биде загрозен ако коронавирусот масовно се прошири меѓу населението.

Пендаровски во петокот најави дека е можно да биде прогласена кризна, а зборуваше и за вонредна состојба. И во двата случаи е потребно да има активно Собрание, што ќе ги контролира одлуките на Владата. Според Уставот, вонредна состојба се прогласува при големи природни непогоди и епидемии, а тоа може да го стори Собранието или шефот на државата. Владата тогаш носи уредби со законска сила, а за завршување на вонредната состојба одлучува Собранието. Одлука за кризна состојба, пак, донесува Владата и за тоа веднаш ги известува претседателот и Собранието, а еднаш неделно треба да известува за своите активности.

Досега распуштено Собрание е свикано во 2016 година, кога после Пржинскиот договор требаше да се одржат избори на 24 април, па на 5 јуни, а на крајот се одржаа на 11 декември 2016 година. Поради одложувањата, тогашната техничка влада наместо три, остана на власт 14 месеци.

The post Немаме избор, избори да нема! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....