3.8 C
Скопје
21:18 - 20 декември, 2024

М-р Ели Маказлиева: Зошто се битни книгите во развојот на децата?

Сè повеќе време децата поминуваат со телефони, таблети и компјутери, сè подоцна почнуваат со говорење, сè почесто се носат на логопеди, а сè помалку читаат или им се чита. Пишувањето за деца е голема одговорност. За значењето на литературата за деца, каква треба да биде книгата за деца, кои карактеристики ги поседува, која е улогата на авторите – писателите за деца и ред други прашања низ размислувањата на м-р Ели Маказлиева – автор на над триесет книги за деца, писател, поет за деца и возрасни, програмски уредник на проектот Денови на македонската литература за деца, што се реализираше во месец декември 2019 година во КИЦ – Софија.

Зошто е битно да им се чита на децата од најрана возраст, „од пелени“?

-Литературата има важна улога во животот на детето, таа е меѓу првите уметности која му дава на детето можност уште од најрана возраст да се сретне со неа, најпрво преку сликовници, подоцна со книги во кои има приказни, раскази, песни, бајки, басни. Од секоја книга додека се слуша или чита, детето го слуша својот мајчин јазик, употребен во една уметничка форма и со одредена воспино – образовна функција. Литературата за деца е многу битна затоа што делува на внатрешниот живот на детето. Не постои друг начин на кој детето ќе ги збогатува своите знаења и сознанија за себе  и за животот воопшто, затоа што од приказните и другите видови текстови, децата ги запознаваат предметите и појавите кои го опкружуваат, со ликовите со кои често се поистоветуваат  и скоро секогаш се наклонети кон ликови што прават добро, кои се борат за вистината и правдината. Освен тоа со помош на пишаниот збор кај децата се богати речникот и се развива навиката за читање која е многу потребна во подоцнежниот период од неговиот севкупен развој, а исто така се негува и љубовта кон книгата.

Каква треба да биде книгата за деца?

Одговорот на ова прашање постојано го даваат и со него се занимаваат сите создавачи на книги за деца почнувајќи од авторите, илустраторите, уредниците, издавачите. Кога се зборува за добра книга за деца со добро одбрана тема што соодветствува на возраста, со богат илустративен дел и секако со уметнички текст, во структурата на таа книга постои симбиоза на литературното и педагошкото. Според тоа, сакале некои или не, содржината на книгата за деца потребно е да носи воспитни пораки, педагошки поуки, едукативни елементи и да поседува литературни вредности.

Некои карактеристики на книгата за деца :

Да влијае на децата за правилното однесување во одредени ситуации;

Да носи универзални пораки кои се драгоцени за развивање на спознајно – мисловните можности на современото дете, но секој расказ или стих може да се користи и како основа за развој на говорот кај децата;

Да има естетски елементи, стилски фигури, со метафорични, хиперболични конструкции, среќен крај (доброто да го победи злото);

Да му овозможи на детето да ја разбуди фантазијата, да биде концентрирано, да учи нови зборови и поими;

Да го стимулира говорот, да го збогатува речникот, да го поттикнува мисловниот процес и да ја развива имагинацијата;

Да има игра во текстот и илустрациите заради создавање допир на детето со книга, пишан збор, со уметноста;

Напишана да е на едноставен јазик, но да има стилска убавина, да биде волшебна и прифатлива;

Да му даде можност на детето да открива нови нешта;

Релативно да има кус текст со многу илустрации кои ќе говорат наместо текстот (особено за помалите деца)

Истражувањата  покажале дека само со помош на книга се постигнуваат подобри резултати во воспитување на детето.Од најрана возраст со книгата се развива интелигенцијата, се допринесува за развој на креативното мислење, се усвојуваат морални вредности и хумани пораки.

Најчесто децата избираат дали ќе ја прочитаат книгата или не, во зависност од тоа дали ќе им се допадне корицата или не. Колку се битни илустрациите?

-Ако се земе во предвид дека илустрациите се значаен елемент на секоја страница од -книгата за деца, илустрации што се во функција на текстот, што го дополнуваат или дообјаснуваат (децата визуелно помнат, а детето чита од слика и создава приказна како што возрасните читаат од текст и создаваат слика), тогаш ни една книга за деца не може да се замисли без илустрација. Во светски размери соодносот помеѓу  илустративниот и текстуалниот дел на една страница во книгата е во корист на илустрацијата особено за малите деца или во проценти за децата од рана училишна возраст е еднаков 50% илустрации, 50% текст. Подоцна, како расте детето се ослободува од илустрацииите а текстот процентуално се зголемува. Текстот кај малите деца, го чита родителот или воспитувачот и тоа помага за полесно остварување на контактот и блискоста помеѓу родителите и децата и воспитувачите и децата. На тој начин се развива желбата за читање, се развива фантазијата, се открива светот.

Да се пишува за деца очигледно е голема одговорност. Каква е улогата на авторите?

-Улогата на авторите – писателите не е лесна, ниту едноставна, туку тие имаат многу тешка и одговорна задача особено што се мисли дека книгите за деца се духовни водилки во развојот на личноста на детето. Тоа значи дека книгата за деца има своја специфичност, а писателот пред сè, потребно е да сврати назад во своето детство, да ги анализира детските желби и интереси, или пак да научи сè за детето. Современите писатели за деца потребно е да пишуваат јасно и недвосмислено за да ги разбере секое дете, темите што се избираат во една книга да се блиски и познати за детето, стилот сообразен со возраста, изразот јасен.

Сепак, оној кој се занимава со пишување за децата пред да седне да пишува, потребно е да ги почитува основните принципи, како на пример:

Да се пишува за децата најбитно е да се познава детето, неговите потреби и желби, неговите возрасни карактеристики и особини, неговата психа.

Децата во раната возраст сеуште трагаат по својот идентитет кој го градат според примерот на возрасните и затоа секој напишан збор си има своја тежина и бара голема одговорниост од тој што пишува.

Во литературата за деца, педагошкиот момент е линијата која авторот не би требало да ја премине  дури и заради создавање на одредена уметничката форма, што би значело дека текстот носи позитивна воспитна порака.

На децата пак не им е битно дали делата наменети за нив се уметнички или не, нив ги интересира дали тие за нив се прифатливи или не. Тоа асоцира дека освен уметничка вредност, напишаното треба да биде прифатено од детето, низ речениците да тече мислата, да биде како бајка.

Пишувањето за деца бара искреност во напишаното, затоа што децата со неверојатна прецизност ја препознаваат, затоа што и самите се искрени до бескрај, што пак бара од авторот да пишува со голема претпазливост и добра доза на внимание.

Пишувањето за деца е чиста дарба и пред се творечки чин, понекогаш е и патување низ невозможното или надреалното, утопиското. Тогаш авторот создава еден волшебен сплет на музика, ритам и рима низ стихови, сјајна комбинаторика со вградена силна хумористична структура.

Модерната литература за деца, бара авторот да не се одвои ни миг од светот на децата затоа што често тој детски свет обилува со имагинација, доста хумор, но и со нагласена сентименталност.

Во секоја книга за деца првенствена е играта, но детето понекогаш не сака само игра, туку сака сознавање, бара нови откритија, текстот да му нуди и целосна слика, претстава и визија за светот.

Писателот мора да има во обзир дека секој збор подучува, но ако поуката се нагласува, децата нема тоа да го прифатат, туку поуката природно да извира од зборовите и да е ненаметлива.

Книгата за деца како своевиден феномен кој носи во себе бурна фантазија, живи слики и хумор, го поттикнува и стимулира читањето кое е значајно за развојот на детската личност. Потребно е на детето да му се даде можност постапно и самостојно со растењето  да го прави изборот на книги со различни жанрови и стилови.

 

The post М-р Ели Маказлиева: Зошто се битни книгите во развојот на децата? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....