Со цело срце посакував да загуби Партизан, бидејќи сум навивач на Црвена звезда. Но тоа попладне „црно-белите“ играа фантастично и со убедлива игра го „сомлеа“ Хајдук, иако натпреварот се играше во Сплит. Тоа беше невидено добра претстава на белградскиот тим наречен „парни валјак“, екипа што со головите на Милан Ѓурѓевиќ имаше сигурно водство од 0:2 и во последниот интервал од средбата рутинирано ја контролираше топката.
Но 30 години подоцна на овој натпревар не се сеќаваме поради прекрасната игра на белградскиот тим, ниту поради двата погодока на Ѓурѓевиќ, туку на тоа што го направија екстремните навивачи на Хајдук, познати во јавноста како „торцида“.
Точно во 73. минута од натпреварот, стотици хулигани влетаа на теренот, ги разбркаа фудбалерите, го симнаа и го запалија југословенското знаме, а на негово место ја кренаа „шаховницата“, која патем речено во тоа време сè уште не беше во официјална употреба. Сплитските навивачи тогаш го отпеаја рефренот „А сад адио“, а од неколку усни се слушна и повикот: „Само мртав Србин је добар Србин“.
Да, Југославија се распадна на терен. Сè започна со фудбалот, бидејќи покрај инцидентот во Сплит, по неколку месеци се случи и онаа епска тепачка во Загреб, во која дојде до директен судир меѓу навивачите на Динамо и на Црвена звезда, а жртвите беа избегнати само поради ревносната интервенција на тогашната милиција. За кратко време југословенска фудбалска лига се распадна, бидејќи државата влезе во вителот на граѓанската војна и, наместо на натпревари, станавме сведоци на бомбардирање, палење, убивање и реки од бегалци.
Југословенскиот хулиганизам се пресели и на нашите стадиони. Додека се играше сојузната лига, се сеќавам дека новоформираните „комити“ имаа една песна, во која се споменуваше Гоце Делчев и Македонија, но далеку од тоа дека сепаратизмот и национализмот беа јавно искажувани од западната трибина на „Градскиот стадион“. Потоа во скратената лига, во која немаше тимови од Хрватска и од Словенија, се роди еден за мене необјаснив анимозитет кон „чкембарите“, па беше речиси невозможно да се одиграат дуелите помеѓу Вардар и Пелистер. Ова нездраво ривалство продолжи и во новоформираната македонска фудбалска лига, но не траеше долго, бидејќи Пелистер набргу западна во финансиски проблеми и едно време го загуби првотимскиот статус. „Комити“ нова „играчка“ си пронајдоа во Силекс и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Македонија, Љубисав Иванов Ѕинго, опевувајќи го во поголем број песни и скандирања.
И тогаш на сцена стапи тимот на Слога југомагнат од Чаир, првиот тим од Македонија, кој беше поддржуван од етничките Албанци, но во исто време и со голем успех се натпреваруваше во домашното првенство. Навивачката група на Слога ѝ се претстави на јавноста под името „шверцери“, а своето „огнено крштевање“ го имаше на тогашниот Градски стадион во Скопје, во 1995 година. Во финалето на Купот на Македонија, Слога југомагнат заигра против Вардар. На трибините беа присутни 18.000 нервозни навивачи, од кои најголемиот дел го поддржуваа „црвено-црниот“ тим, па може да се каже Вардар ја уживаше поддршката од публиката. Се сеќавам добро и на дел од скандирањата тој ден. Најсилен впечаток ми остави паролата „за Шиптари Палер-авион“, потоа и „чиста Македонија“, како и онаа несреќна обработка на партизанската песна „А бре Македонче“ во која се спомнуваат „клетите Шиптари“.
Но тогаш не беше скандирано „мртов Шиптар, добар Шиптар“. Ниту на наредните дуели помеѓу Вардар и Слога не можеше да се слушне оваа реченица, туку дури во пресрет на „Евро 2000“, во квалификацискиот натпревар што се одигра во Белград, а на кој се сретнаа селекциите на СР Југославија и на Македонија. Тогаш за првпат ја слушнав „крилатицата“. Таа се ореше од грлата на српските навивачи, кога во игра влезе Мемети.
Значи, од „Само мртав Србин је добар Србин“, преку „мртав Шиптар, добар Шиптар“, дојдовме до „мртов Шиптар, добар Шиптар“. Од Сплит, преку Загреб и Белград, до Скопје. Усташката „чекорница“ моделирана според домашните потреби, кој како сака и, се разбира, според актуелните потреби.
Оние голобради момчиња што двапати во една недела скандираа низ скопските улици „мртов Шиптар, добар Шиптар“, сигурен сум дека немаат поим за тоа дека навивачките групи на некогашните водечки југословенски клубови беа строго контролирани од републичките ограноци на УДБА, дека во еден момент добија задача да го разгоруваат национализмот и отворено да работат на уривање на редот и поредокот на земјата. Тогашните хулигани потоа станаа војводи, генерали, команданти и заминаа во војна, во која се палеше, убиваше и грабаше. Шверцуваа бензин, цигари и хероин. Ретко кој од нив ги преживеа 90-тите.
Дуелот во Сплит се одигра на 26 септември во 1990 година. Тоа беше почетокот на крајот, односно најава за еден нов почеток, исполнет со „добри мртовци“.
The post Кратка историја на „мртов Шиптар, добар Шиптар“ appeared first on Слободен печат.
Кратка историја на „мртов Шиптар, добар Шиптар“ was first posted on септември 23, 2020 at 9:00 am.